Свет
Мраз има сè помалку, на поларните мечки им се заканува смрт од глад, покажува истражување во САД
Поларните мечки во канадскиот залив Хадсон се изложени на ризик од глад бидејќи климатските промени ги продолжуваат периодите без мраз во Арктичкото Море и покрај напорите на животните да ги прошират своите навики во исхраната. Поларните мечки го користат мразот што се протега низ поларната ледена покривка на Арктикот за време на постудените месеци за да го фатат својот главен плен.
За време на потоплите месеци, кога морскиот мраз се повлекува, од нив се очекува да заштедат енергија, па дури и да одат во состојба слична на хибернација.
Сепак, поради климатските промени предизвикани од човековата активност, периодот без мраз се продолжува во делови од Арктикот, а само областа околу Северниот Пол се загрева од два до четирипати побргу од остатокот од светот. Сето ова ги принудува поларните мечки да поминуваат сè повеќе време на копно.
Следењето 20 поларни мечки во заливот Хадсон покажува дека иако тие остануваат сè подолго без ледената површина на океанот и потешко доаѓаат до вообичаениот плен, тие не се откажуваат, туку упорно се обидуваат да најдат храна.
„Поларните мечки се креативни, снаодливи и ако се мотивирани, ќе ја бараат околината за да преживеат и ќе најдат извори на храна за да ги компензираат потребите за енергија“, рече Ентони Панго, главен автор на студијата и биолог од Геолошкиот институт на САД.
Во своето истражување научниците користеле видео амери на јаки ГПС и ги следеле поларните мечки по три недели во текот на три години во западниот дел на заливот Хадсон, каде што периодот без мраз се продолжил за три недели од 1979 до 2015 година. Тоа значи дека во текот на последната деценија поларните мечки поминале приближно 130 дена на копно.
Две мечки од набљудуваната група останаа да мируваат и ја намалија потрошувачката на енергија до ниво на хибернација, но другите 18 останаа активни. Некои од мечките во потрага по храна јаделе и трева, шумски плодови, галеби, глодачи, па дури и трупови од фоки. Три поларни мечки долго пливале, а една поминала растојание од 175 километри.
На крајот, сепак, научниците открија дека нивните напори да се хранат и да се одржат на копно не им дозволиле да добијат доволно калории. Колку подолго остануваат на копно, толку е поголем ризикот од гладување, предупредуваат научниците.
Во дивината останаа околу 25.000 поларни мечки и тие се загрозени, пред сè, поради климатските промени, кои ги спречуваат да се хранат со својот вообичаен плен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

