Македонија
Демири: Во центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки за првпат се прават и трансплантации на матични клетки од несроден дарител
Министерот за здравство, д-р Илир Демири, се обрати на свечената академија по повод отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки при Универзитетската клиника за хематологија, кој пред 3 недели беше пуштен во употреба.
„Голема е честа денеска да се обратам на свечената академија по повод отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки при Универзитетската клиника за хематологија. Изминативе неколку години оваа установа покажа како треба да се работи во интерес на пациентите и здравствените работници. Клиниката за хематологија истовремено вложуваше и во подобрување на условите за третман на пациентите, но и во унапредување на условите за работа на здравствените работници“, рече Демири.
Како што додаде, покрај реновирањето на установата, тука првпат почнале да се прават и трансплантации на матични клетки од несроден дарител.
„Со трансплантациите им се даде нова шанса за живот на пациентите со малигни хематолошки заболувања. Пред само неколку недели беше пуштен во употреба и новоизградениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки, што претставува една од најважните инвестиции во јавното здравство. Сега Клиниката за хематологија се етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во регионот. Задоволен сум што овозможивме најсовремен и најдобар медицински третман за пациентите“, укажа Демири.
Упати благодарност до директорите на оваа установа, д-р Ирина Пановска-Ставридис и Флутим Кадриу, до членовите на Владата, до Фондот за здравствено осигурување, но и до Амбасадата на Соединетите Американски Држави, за обезбедувањето финансиски средства за реализација на оваа важна инвестиција.
„Ве охрабрувам да продолжите со вашата стручна и професионална работа, во Министерството за здравство имате искрен партнер за зајакнување на здравствениот сектор. Заеднички можеме да направиме позитивни резултати!“, изјави Демири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

