Македонија
Тошковски, Буши и Бојмацалиев нa средба со Агелер: во фокусот активностите во врска со патните исправи и обврските околу изборите
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик министерот Назим Буши и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев остварија работна средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.
Тошковски ја запозна амбасадорката за функционирањето на Министерството за внатрешни работи во техничката Влада, кое ја има првенствената улога во спроведувањето на изборите кои ни претстојат, а тоа е законито и професионално постапување во организирањето и спроведувањето фер и демократски изборен процес. Во тој контекст, Тошковски укажа на неможноста согласно Закон во рамки осумте раководни работници во секторите за внатрешни работи да назначи началник на СВР Тетово, со што се нарушува можноста да биде гарант на изборниот процес за тоа подрачје.
Тошковски ги образложи преземените активности во врска со важноста на патните исправи и го потенцираше решавањето на овој проблем на идентичен начин како и со возачките дозволи, односно преку промена на Законот за патни исправи, ставајќи се во улога на заштита на човековите права во однос на слободното движење на граѓаните.
На средбата, Агелер изјави дека го разбира целокупниот процес во насока на решавање на проблемот со личните документи и истакна дека нуди целокупна поддршка во насока на решавање на проблемот, од аспект на технички или кои било други ресурси. Воедно изрази уверување дека министерството за внатрешни работи професионално ќе ги изврши своите обврски за организирање безбедни, фер и демократски избори и ја поздрави успешната билатерална соработка, ставајќи притоа акцент на тековните проекти започнати во соработка со Програмите кои работат на нивна реализација од аспект на зголемување на капацитетите на македонската полиција.
Дополнителниот заменик министер Бојмацалиев се заблагодари за досегашната соработка со САД, особено за остварувањето на неодамнешната посета на Вашингтон. Воедно нагласи дека раководството на МВР во овој состав на техничката Влада, засега функционира професионално и законито, без политички влијанија и на истиот начин треба да продолжи во целиот свој мандат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

