Економија
Николовски: Нашата земја денес ја работат нашите земјоделци, само за овие години во Лозово се доделени 1.400 хектари земјоделско земјиште
Во рамки на информативниот караван „Резултати за земјоделците“, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во Лозово оствари средби со повеќе земјоделци, презентирајќи ги новита мерки за поддршка предвидени за 2024 година.
Николовски истакна дека сите земјоделци од Лозово потврдиле дека на крајот од минтата година ја добиле првата историска авансна исплата на субвенциите.
Тој дополни дека и оваа година заедно со земјоделците се продолжува со силна и прогресивна земјоделска политика.
„Како што ветивме, од оваа 2024 година сите земјоделци добиваат 100% поддршка за зелена нафта. Мерка која ја креиравме во 2019 година, мерка по која сме препознаени во регионот, а која е од директна помош за секој земјоделец“, истакна Николовски.
Производителите на житни култури, со ова зголемување на поддршката за зелена нафта, добиваат 3.200 денари по хектар поддршка за зелна нафта, додека пак кај производителите на индустриски култури поддршката за зелена нафта сега изнесува 4.800 денари по хектар.
Како министерство наша цел, рече тој, сите овие години, е секоја една педа обработлива земјоделска површина да ја ставиме во функција за производство на храна.
„Секое парче обработлива површина овде во овчеполието е ставена на располагање на вистинските земјоделци. Денес нашата земја ја работат нашите земјоделци. Токму земјоделците од Лозово, најдобро можат да го потврдат тоа. Само во последниве години се склучени договори за закуп со над 120 физички лица и 19 компании, па така вкупното земјоделско земјиште, од 2018 до денес, кое овде во Лозово е доделено изнесува 1.400 хекатри државно земјоделско земјиште“, истакна Николовски.
Министерот Николовски информира дека на последната владина седница, како предлог на министерството, беше усвоена измената во Уредбата за директни плаќања.
Измената е во насока да се озоможи непречено право за субвенции на сите земјоделци на кои во овие месеци за време на изборниот процес, имаат истечени или ќе им истачат договорите за закуп на земјоделско земјиште. Преку измената земјоделците своето право за субвенциите ќе можат да го остварат врз основа на старите договори. Продолжувањето на договорите ќе се изврши веднаш по завршувањето на изборниот процес, продолжувајќи се на 15 години согласно последните измени во законот за земјоделско земјиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
НБРМ: Усвоен Кварталниот извештај, макроекономските движења во согласност со очекувањата на Народната банка
Советот на Народната банка, на седницата одржана на 3 февруари 2026 година, го усвои Кварталниот извештај, во кој се наведува дека макроекономските показатели упатуваат на стабилни остварувања во најважните сегменти на економијата и во најголем дел се во согласност со октомвриските проекции на Народната банка. Домашната инфлација очекувано забави под влијание на забавувањето на базичната инфлација, а домашната економската активност умерено забрза. Банкарскиот сектор и натаму остварува солиден раст на депозитната база и кредитната активност, а девизните резерви се задржуваат на соодветно и сигурно ниво.
Народната банка продолжи со унапредувањето на својот оперативен инструментариум заради поддршка на ефикасното спроведување на монетарната политика. Во последниот квартал од 2025 година, таа изврши приспособување на оперативната монетарна рамка заради подобрување на управувањето со ликвидноста и зајакнување на монетарната трансмисија. Со измените се става посилен акцент на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите операции, што овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, без да се менува поставеноста на монетарната политика.
Во Кварталниот извештај се наведува дека во четвртото тримесечје од 2025 година годишната стапка на инфлација изнесуваше 4,2%, што претставува очекувано забавување. Инфлацијата за целата 2025 година, во просек, изнесува 4,1%, што е близу до октомвриските согледувања. Според октомвриските оцени, за 2026 година и на среден рок се очекува забавување на инфлацијата и постепено враќање кон историскиот просек. Сепак, и понатаму постојат одредени ризици, при што главните извори на неизвесност се поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, геополитичките тензии и процесите на трговска фрагментација, како и со одредени домашни фактори што влијаат врз побарувачката.
Во третиот квартал од 2025 година, реалниот годишен раст на бруто домашниот производ забрза и од 3,5% во претходното тримесечје се искачи на 3,8%, што е малку повеќе од оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Според основното сценарио од октомври, за целата 2025 година се очекува забрзување на економскиот раст којшто би изнесувал 3,5% (3,0% во 2024 година), а во 2026 година, како и на среден рок дополнително би се засилил и би достигнал 4,0%.
На крајот на 2025 година, нивото на девизните резерви достигна 4.920,5 милиони евра и според сите релевантни показатели, обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.
Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна поддршка за економијата и зајакнување на депозитната база на банките. Во четвртиот квартал од 2025 година, годишниот раст на вкупните кредити изнесуваше 13%, при годишен раст и на депозитите од 10%, што е малку над нивото проектирано за крајот на годината.
На седницата, Советот на Народната банка разгледа и други точки поврзани со тековното работење на Банката.
Економија
„Реплек“ пробива на строгиот британски пазар: Реконазол, прв лек на компанијата регистриран во Обединетото Кралство
Значаен успех на „Реплек“ во пробивањето на портфолиото на компанијата на строгите странски пазари. Со регистрацијата на Реконазол, производ за третман на дерматолошки состојби во Обединетото Кралство, „Реплек“ го направи својот прв важен чекор за пласман на британскиот пазар. Одобрението за Реконазол (ketoconazole) 2% шампон е издадено од британската Агенција за лекови и здравствени производи (MHRA), регулаторно тело на Обединетото Кралство кое се смета за еден од најригорозните системи во светот во делот на оценка на квалитетот, безбедноста и ефикасноста на лековите. Регистрацијата е потврда дека овој лек на „Реплек“, како и производствените процеси на компанијата, ги исполнуваат највисоките меѓународни регулаторни стандарди.
Оваа регистрација ќе важи пет години, а првиот извоз ќе се реализира преку локален партнер кон крајот на овој месец. Реконазол (ketoconazole) 2% шампон е наменет за превенција и третман на инфекции предизвикани од габата Mallassezia, вклучувајќи состојби како првут, себороичен дерматитис и tinea versicolor.
„Регистрацијата на Реконазол во Обединетото Кралство е важна пресвртница за компанијата и јасна потврда за квалитетот, стручноста и зрелоста на нашите производствени и контролни процеси. ‚Реплек’ има развоен, регулаторен и тим за контрола на квалитетот способни да подготват технички документации, клинички податоци, извештаи за усогласеност со добра производствена и добра лабораториска пракса, како и квалитетни системи споредливи со меѓународни стандарди. Фактот што овој наш производ успешно ја помина строгата евалуација на MHRA дополнително ја засилува довербата во компанијата, и од пациентите, и од нашите партнери. Регистрацијата на лекот е дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив раст и континуирано зајакнување на присуството на развиените западни пазари“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Британскиот пазар е многу значаен глобален пазар, кој има јасни регулаторни барања и висока куповна моќ. Регистрацијата на медицински производ во Обединетото Кралство значи дека тој успешно ја поминал оваа ревизија, што ќе отвори врата и за настап на други развиени пазари во Западна Европа. Ова е уште еден доказ дека „Реплек“ располага со високоразвиени системи за контрола на квалитетот, способни да одговорат на барањата и на најпребирливите пазари. Регистрацијата на лек во Обединетото Кралство е силна референца која ја зголемува довербата и кај идните потенцијални партнери и дистрибутери, како и основа за натамошно ширење на портфолиото на меѓународните пазари. Со ова одобрение „Реплек“ уште посилно ја зацврстува својата позиција како сигурен и кредибилен фармацевтски производител, способен да одговори на највисоките регулаторни барања.
Неодамна „Реплек“ по петти пат го доби сертификатот EU GMP, потврдувајќи ја својата усогласеност со највисоките европски стандарди за добра производствена пракса, квалитет и безбедност. Континуираното унапредување на високите стандарди за квалитет и усогласеноста со европските регулативи се неразделен дел од корпоративната стратегија на „Реплек“. Квалитетот на производството се рефлектира и во финансиските резултати на компанијата за 2025 година, при што е постигнато значајно унапредување на профитабилноста, односно раст за 39% во однос на 2024 година.
(ПР)
Економија
Дурмиши: Повремените и сезонски работници добиваат законска заштита
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес истакна дека Законот за работно ангажирање на лица, кој започна да се применува од 1 јануари 2026 година, претставува значаен исчекор во уредувањето на пазарот на трудот и формализацијата на сивата економија.
„Тековниот период беше наменет за техничка и институционална адаптација, со цел имплементацијата на законот да биде ефикасна, усогласена и функционална во пракса. Формализацијата на сивата економија е стратешка определба на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, бидејќи директно влијае на економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците“, нагласи министерот.
Министерството за економија и труд, како што појаснуваат од таму, досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување, но анализите покажуваат дека дел од лицата остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа, како што велат, е донесен овој закон, кој претставува суштинска реформа во повременото и сезонското ангажирање на работна сила.
Законот воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Новите правила овозможуваат ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери без губење на веќе стекнати права, вклучително и социјални и детски права, паричен надоместок, пензии и права од образовниот систем.
Во првата фаза, законот ги опфаќа секторите каде сивата економија е најизразена – земјоделство, шумарство, рибарство, сместување, сервисни дејности за храна и активности во домаќинствата. Очекувањата се за формализација на до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите, што вкупно опфаќа околу 17.400 лица.
„Оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите. Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставни административни постапки, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права“, рече министерот.
Министерот Дурмиши упати посебна благодарност до Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) за експертската и техничка поддршка, како и до Агенцијата за вработување, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и сите други институции кои придонесоа во воспоставувањето на функционален и ефикасен систем.

