Европа
(Видео) Филмот на Навални за палатата на Путин е прегледан речиси 130 милиони пати
Почина лидерот на опозицијата, 47-годишниот Алексеј Навални, кој отслужуваше затворска казна во регионот Јамало-Ненец на крајниот север на Русија. Ова денеска го соопштија руските новински агенции, повикувајќи се на управата на затворот, а пренесува Ројтерс.
Навални, најистакнатиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија и жесток противник на војната во Украина, одлежа 19 години затвор за измама, непочитување на судот и прекршување на условната казна. Навални и многумина на Запад ги отфрлија тие обвинувања како измислени и политички мотивирани.
Движењето на Навални беше забрането, а повеќето негови главни поддржувачи избегаа во странство. Пред да биде осуден и да биде испратен во затвор, тој живеел во Москва со сопругата Јулија и двете деца.
Додека беше во притвор во предградие на Москва во јануари 2021 година, Навални продолжи да биде трн во окото на рускиот претседател Владимир Путин.
Неговиот тим потоа ги објави резултатите од големата истрага за богатството на Путин и на јавноста и го даде првиот поглед на наводната палата на Путин во Црното Море.

Документарецот, кој беше објавен заедно со истражувањето, за еден ден на „Јутјуб“ го погледнале 22 милиони луѓе. До денес, бројот на прегледи само на „Јутјуб“ достигна речиси 130 милиони.
Истрагата вклучува наводи за обемна корупциска шема поврзана со, како што велат, недвижен имот на Путин од 1,4 милијарди долари.
Руските власти тогаш негираа сè: “Тоа е повторување на стара приказна. Ако не се лажам, во 2017 или 2016 година прво се појави приказната за таканаречената палата на Путин во Геленџик. Тоа не е точно. Нема палата, тој не е сопственик на ниту една палата“, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.

Приказната за овој имот првпат се појави пред десет години кога претприемачот Сергеј Колесников објави отворено писмо во кое го повикува тогашниот претседател Дмитриј Медведев да ја запре корупцијата за финансирање на изградбата на палатата.
Извештајот и двочасовниот документарец објавени од Фондацијата на Навални против корупцијата (ФБК) нудат опширен увид во палатата. Од ФБК тврдат дека од подизведувачот добиле детални градежни цртежи, како и список на купен мебел и фотографии од примероци од подот. Со помош на собрани документи и фотографии изградија 3Д модел на ентериерот.
„Ова е како држава во држава со која владее вечен император“, рече Навални во документарецот. „Направена е така што никој не може да и пристапи од копно, море или воздух. На илјадниците луѓе кои работат во палатата им е забрането да носат дури и обичен мобилен телефон со камера, но ние ќе ѕирнеме внатре.

Истрагата на Навални тврди дека имотот има површина 39 пати поголема од онаа на Монако.
Според плановите, самиот замок е 17.691 квадратни метри, а се состои од 11 спални соби, неколку дневни соби и сали, приватен театар, кино, казино, две бањи, турски бањи, пекара и „валкана соба“ со непозната намена.
Собите имаат мермерни подови и столбови, а на таванот има раскошни украси по примерот на кралските палати во Санкт Петербург. Тие се опремени со кадифе и богати теписи.
Посебен дел од извештајот е посветен на описите на неверојатно скап мебел направен по нарачка од луксузен италијански бренд.
Меѓу наведениот мебел има маса од 56.000 долари и софа од 27.000 долари.
Собата што ја нарекоа „најконтроверзната соба во палатата на Путин“ е салон за наргиле што има нешто што изгледа како шипка за танцување.

Земјиштето го чуваат вооружени чувари, а над него е прогласена зона за забранети летови.
До палатата има лозје и винарија каде 24 часа се слуша класична музика, која наводно помага во зреењето на виното, изјави за ФБК еден од лозарите од околината.
Навални, исто така, тврдеше дека тој и неговиот тим откриле корупциски рекет што го финансира имотот на рускиот претседател и други приватни трошоци. Наводно, Путин на почетокот на мандатот се договорил со руски олигарси и богати бизнисмени дел од приходите да „донираат“ на инвестициска компанија, а потоа 35 отсто од таа сума да се префрлат на посебна сметка во Швајцарија.

„Со овие пари му изградија палата на својот шеф“, вели Навални во видеото.
Во 2014 година, Ројтерс пишуваше и за финансиската мрежа околу недвижен имот на Црното Море.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

