Македонија
Владата контра Милошоски: Нема ништо спорно што и претседателот и премиерот се на Минхенската безбедносна конференција

Владата не гледа ништо спорно што и претседателот на државата, Стево Пендаровски, и премиерот, Талат Џафери, присуствуваат истовремено како дел од делегацијата на Минхенската безбедносна конференција.
Од Владата велат дека поканите за сите делегации ги праќа организаторот, и во тој контекст до Република Северна Македонија се испратени повеќе покани. Претставниците на државните институции, велат од Владата, ги прифатија поканите од организаторот и позитивно одговорија во соодветен временски рок.
„По прифаќањето и дефинирањето на делегациите, истите беа во постојана комуникација и координација, за сите сегменти, вклучително и најважниот сегмент, а тоа се државните позиции и државниот интерес. Напоменуваме дека ова не е прво учество на земјата на Минхенската безбедносна конференција, ниту прв пат делегацијата да е составена од повеќе членови. Дополнително, Северна Македонија не е единствена држава претставена од делегации од повеќе институции, напротив – повеќето делегации се со повеќе членови, што лесно се проверува преку официјалните канали на организацијата“, се додава.
Пратеникот Антонијо Милошоски претходно објави дека според дипломатските правила, една држава на меѓународна конференција не може истовремено да ја претставуваат претседателот на државата и премиерот, бидејќи и двајцата го имаат највисокиот ранг – шеф на држава и шеф на влада. Како шеф на делегацијата, вели Милошоски, оди или претседателот, или премиерот, но никако двајцата заедно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Половина од министрите на Мицкоски имаат бугарски пасоши

ВМРО-ДПМНЕ може секој ден да го пушта редовниот лажго, Бране Петрушевски, може да штанца соопштенија со лажни обвинувања за СДСМ ама не може да побегне од вистината: половина од министрите на Мицкоски имаат бугарски пасоши, а тој и неговите соработници се заплеткани во бугарски бизнис интереси, реагираат од СДСМ на обвинувањата на Бране Петрушевски.
„Тие водат фирми во Бугарија, прават зделки за лична корист и додека се богатат, граѓаните ги оставаат во сиромаштија. Да потсетиме, фотографии од ручеци и средби со бугарскиот олигарх Волканов има Христијан Мицкоски, нема Венко Филипче. Токму Волканов, кој ја загадува Крива Река е пријател на Мицкоски, не на СДСМ. Токму во неговите фирми директори се функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се нивните вистински интереси, тоа се нивните вистински бизнис зделки. СДСМ се бори за државата а ВМРО-ДПМНЕ за своите бизни интереси, тоа е голема разлика“, се наведува во реакцијата.
Македонија
Петрушевски: Венко Филипче со бугарските фирми со бонбона бизнис за Бугарија

Венко Филипче со бугарските фирми со бонбона бизнис за Бугарија. Венко Филипче со резолуцијата прави бонбона бизнис за Бугарија, но отвора и пат за нови зделки негови и на Заеви во таа држава, кои одамна ги имаат, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„На 18 ноември 2022 година Венко Филипче во Бугарија ја формирал фирмата Пауер АИ8 ЛТД (POWER i8 Ltd). И истата ја регистрирал на адреса со фирмите на Заеви, меѓу кои и Гомасидра, каде завршија 9 милиони евра од јагленот за РЕК Битола. Заеви, заедно со Филипче откако свртеле 9 милиони од јагленот преку бугарските фирми во Македонија во Дојран направиле фирма за производство на струја од фотоволтаици. Дали овие пари кои ги извадиле од РЕК Битола дел ги внеле во бизнис со струја во Македонија, а другиот дел го вртат по светот?“, праша тој.
Петрушевски тврди дека за сите овие операции Филипче и Заев ја користеле Бугарија.
„Што и должат на Бугарија? Или пак отвораат пат за нови зделки во иднина па преку бонбона бизнисот со резолуцијата сакаат да ја покажат нивната кооперативност и подготвеност за идни трговии со државните интереси?“, праша тој.
Македонија
Во прекин сообраќајот на патот Никифорово – Леуново – Бунец поради врнежи од снег

Сообраќајот на регионалниот пат Никифорово – Леуново – Бунец е во прекин поради врнежи од снег и паднати дрва на коловозот, се интервенира за негово расчистување, информира АМСМ.
Од 12:40 часот е укината забраната за ТМВ на регионалниот пат Маврово – Дебар.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.