Македонија
(Видео) Николоски: Врв на криминалот во ЕСМ – избрана е поскапата понуда за ископ на јаглен од 46 милиони евра
Овие денови беше потпишан тендер во вредност од не помалце ни повеќе туку 46 милиони евра за ископ на јаглен во РЕК Битола, помеѓу Електростопанство на Македонија односно Електрани на Македонија, подружница РЕК Битола и омилената компанија на власта Марковски компани на белорускиот почесен конзул, Борче Марковски рекордер во тендери во Македонија, изјави на прес-конференција, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Како што рече, ова е најголемиот тендер потпишан во РЕК Битола за ископ на јаглен во последниот период.
Тој праша зошто не е избрана најевтината понуда, туку 30 отсто повисоката. Имено, вели Николоски, понудата која што е прифатена е во вредност од 129.7 денари по гига џул, а имало и понуда која што била 100 денари по гига џул.
„Како што јавноста може да види имало три понудувачи и не е избран најевтиниот понудувач, туку е избран поскапиот понудувач, па јавно прашувам каде одат овие 30%? Дали одат само кај Борче Марковски или одат и во структурите на власта, од највисоко до најниско? Повторувам, прашувам каде одат овие 30% разлика, дали само кај Борче Марковски или одат кај сите структури на власта од највисоко до најниско. Прашувам кој се од власта планира да се опари од овој криминален тендер? Кој се од власта планира да има силен личен финансиски интерес од овој тендер?“, праша Николоски.
Тој праша и зошто директорите во РЕК Битола првин се противеле, а потоа се согласиле да го потпишат овој тендер, прозвајќи ги со нинвните имиња: Пеце Матевски, директор на подружницата РЕК Битола, а под него се потпишани 5 имиња Златко Алексовски, Драги Крстев, Владо Котевски, Димитар Петковски и Васко Јосифовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Вал
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал. На средбата беше потврдена долгогодишната соработка со ОБСЕ во различни области, при што беше изразена поддршка за напорите на Организацијата насочени кон зајакнување на соработката и одржување на мирот во регионот на ОБСЕ, извести МНР.
Двајцата соговорници изразија задоволство од досегашната соработка помеѓу ОБСЕ и македонските институции, и ја потврдија подготвеноста за нејзино продолжување. Тие разменија мислења и за тековните активности на Мисијата и заеднички ја реафирмираа посветеноста на продолжување на проектите кои ги поддржуваат реформските процеси на новата Влада.
Македонија
ЛДП со реакција за изјавата градоначалникот на Кисела Вода: Сепак има надеж
ЛДП реагираше на изјавите на Орце Ѓорѓиевски во врска со можноста за отповикување на градоначалници, нагласувајќи дека оваа иницијатива не е нова, туку е дел од нивните заложби кои претходно не биле поддржани ниту јавно ниту во Собранието.
„ЛДП ја истакна потребата за воспоставување на механизам за отповикување на градоначалници преку референдум, со цел поголема отчетност и одговорност на локалните лидери. Оваа иницијатива, која партијата ја поддржува подолг период, се заснова на примери од европските земји како Обединетото Кралство, Полска и Молдавија, каде ваквите механизми веќе се применуваат.
Според нив состојбата во која градоначалниците можат да ги поминат своите мандати без да одговараат за несработеното, ги оштетува општините и граѓаните. Иницијативата за отповикување на градоначалници се споменува како начин за подобрување на транспарентноста и одговорноста на локалната власт кон оние кои ја избрале“, велат од ЛДП.
Од партијата потсетија дека уште изминатата година кога ја пласираа идејата за доверба или отповикување на градоначалник истата беше отфрлена.
„Воедно минатата недела поднесовме амандман на измените во законот за локална самоуправа, кој за жал не беше поддржан во Собранието. Но, добро е што само по неколку дена доаѓаат позитивни реакции и изјави по однос на нашата заложба. Подаваме рака да го изработиме предлогот и да го усвоиме сите заедно во интерес на граѓаните“, истакнуваат од ЛДП.
ЛДП почнува серијал на јавни трибини со сите засегнати страни, а пред се со граѓаните затоа што предлогот ги има нив во фокусот: да добијат отчетни институции кои ќе им служат лично нив, а не на сопствените и партиски интереси. Институции исклучиво по европски стандарди и хармонизација со европското законодавство. ЛДП го повикува претседателот на ЗЕЛС и Министерот за локална самоуправа да се приклучат на оваа иницијатива.
Македонија
Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на дискусијата „Младите и внатрепартиската демократија“
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на дискусијата „Младите и внатрепартиската демократија“, што се одржа во Кабинетот на Претседателот по повод 15 септември – Меѓународниот ден на демократијата.
Во дискусијата учествуваа подмладоци од политичките партии во земјава кои ги претставија своите погледи и искуства за улогата и положбата на младите во политичките партии кадешто членуваат и разменија идеи и препораки за подобрување на внатрепартиската демократија и за поттикнување на младинскиот ангажман во политиката.
Претседателката Сиљановска Давкова во обраќањето пред политичките подмладоци посочи дека демократизацијата на политичките партии е клучна за демократизацијата на политиката. Таа се осврна на процесите на внатрепартиското одлучување, на процесите на кандидирање и избор на партиските функционери, посочувајќи дека е неопходна децентрализираност на партиите, почитување на различни тенденции и мислења внатре во партиите и поавтентичен настап на локалните партиски организации.
Во таа насока, таа говореше за потребата од одговорност внатре во партијата, неопходноста од реформи, партиципативна политичка култура и промени во пристапот и комуникацијата на партиите со јавноста.
Претседателката во своето обраќање се осврна и на структурата на партиите и нивното претставување од аспект на родовата застапеност, истовремено посочувајќи дека дејствувањето на политичките партии во голема мера зависи од етичкиот капацитет на водството и на лидерот.
Претседателката ја поддржа потребата од поголема вклученост на младите во носењето на партиските одлуки, истакнувајќи дека тие треба да бидат најсубверзивниот елемент којшто ќе влијае на демократизацијата на овие процеси и на партиското одлучување.
Истакнувајќи ја важноста на внатрепартиската демократија, младите ги разгледаа можностите и начините за нивно поголемо влијание врз политичките процеси, преку активно учество и инклузија во партиските структури.
Политичките подмладоци како генератори на идното партиско лидерство ја истакнаа важноста од едукација и сензибилизирање за демократијата и нејзините сфаќања помеѓу младите.