Македонија
(Видео) Јакимовски: Советот на Карпош да го оспори пред Уставен суд ДУП-от во Ѓорче затоа што го загрозува животот на карпошани
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски побара од претседателот на Советот, Бранко Ристов да свика итна седница на Советот за да се донесе одлука за поведување на постапка пред Уставниот суд за укинување на новиот урбанистички план во Ѓорче Петров.
Јакимовски на денешната прес конференција рече дека ДУП-от е донесен на криминален начин, а најлошо е тоа што во него се вцртани три хемиски фабрики кои директно го загрозуваат животот на карпошани, особено на жителите на Влае.
„На криминален начин го донесоа ДУП-от кој се наоѓа во непосредна близина на населбата Влае, односно на границите со Општина Карпош, каде се предвидуваат 30-тина згради кои ќе бидат со по 20 ката, 17-ката, меѓутоа најголемиот проблем е тоа што се предвидени три големи хемиски фабрики и каде што според Урбанистичкиот план се наоѓа тешка и незагадувачка индустрија. Проблемот е што овие хемиски фабрики ќе ја загрозуваат Општина Карпош, но во исто време се во близина на бунарите Лепенец и Вардар од кое што над 30 oтсто од потребите на Скопје во летните периоди се надоместува токму од ова бунарско подрачје и од каде што имаме исклучително квалитетна вода за пиење. Јас сум разочаран што ниту иницијативата О2, ниту независните советници од Општина Карпош, ниту претставниците од Левица, ниту претставниците на ВМРО-ДМПНЕ, досега немаат никаква реакција во однос на Урбанистичкиот план кој што го загрозува животот на граѓаните на Општина Карпош, особено на жителите на Влае.
Очигледно, јас како градоначалник морам да реагирам и да побарам итна и вонредна седница од претседателот на Советот, од господинот Бранко Ристов кој е член на Левица и кој јавно велеше дека му се може да не се градат и да не се реконструираат ниту куќи во Општина Карпош, а сега немаат ништо што да кажат, ниту било каква иницијатива ниту било каков збор, за овие облакодери кои ќе се градат во непосредна близина на Влае, како и на овие две фабрики кои би ја загрозувале директно нашата Општина.
Барам од претседателот на Совет, да свика итна седница и да донесеме одлука со кој овој Урбанистички план за прв пат, ние како Општина, би побарале поништување на Уставниот суд, бидејќи планот, советниците таму немале доволно време да го видат, закажана е седницата на 16-ти, а донесен е на 17-ти. Градот Скопје не дал свое мислење кој е надлежен да даде свое мислење кога се работи за фабрики кои треба да се градат, а се во непосредна близина на бунарите Лепенец- Вардар, и што е најважно, граѓаните мора да знаат таму над 100.000 метри квадратни, над 10 хектари, ќе се купи земјиште по 70 денари по метар квадратен. Таа е уште една огромна далавера која што сака да се направи, а ќе се однесува на штета на граѓаните на Влае и на Општина Карпош, изјави градоначалникот Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Можности за интензивирање на парламентарните контакти со Казахстан
Пратеничката група за соработка со парламентите на државите од Централна Азија одржа средба со амбасадорите на Република Казахстан, Киргистанската Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, акредитирани во Република Северна Македонија.
„Претседателот на Пратеничката група, пратеникот Никола Коњановски, им посака срдечно добредојде на присутните и истакна дека ваквите средби претставуваат значајна можност за размена на ставови за актуелните билатерални односи и за унапредување на парламентарната соработка. Тој нагласи дека Република Северна Македонија му дава особено значење на развојот на политичкиот дијалог, економската соработка и културната размена со земјите од Централна Азија“, соопшти собраниската прес – служба.
Работната средба продолжи со обраќањето на амбасадорот на Казахстан, Буршаков, кој ги презентираше уставните измени и реформите што се спроведуваат во неговата земја, со цел зајакнување на демократските институции, владеењето на правото и унапредување на човековите права и слободи.
Во дискусијата учество зеде и пратеничката Дијана Илиевска, која изрази задоволство што е член на Пратеничката група за соработка и за можноста да учествува на средбата. Таа му посака успех на амбасадорот на Република Казахстан во процесот на уставните измени и реформите во земјата.
Во продолжение на средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на економските, трговските, образовните и културните врски, како и за интензивирање на парламентарните контакти и размена на искуства меѓу парламентите.
Во дискусијата беше нагласена улогата на Казахстан како важен фактор во Централна Азија и пошироко, особено во промовирањето на дијалогот, стабилноста и мултилатерализмот. Учесниците изразија подготвеност за продлабочување на соработката на мултилатерално ниво.
„Во насока на унапредување на парламентарните односи, беше предложено воспоставување поинтензивна и редовна комуникација меѓу пратеничките групи за пријателство, организирање заеднички активности, работилници и тематски конференции, како и размена на делегации и експертски посети. Соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно зајакнување на билатералните и парламентарните односи и за продлабочување на соработката преку размена на искуства во реформските процеси и евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.

