Свет
Борел: Путин ќе мора да одговара за смртта на Навални

Рускиот претседател Владимир Путин „ќе мора да одговара“ за смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални, изјави денеска во Брисел високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, по средбата со вдовицата на Навални.
„Го изразивме најдлабокото сочувство на ЕУ на Јулија Навални. Владимир Путин и неговиот режим ќе треба да одговараат за смртта на Алексеј Навални“, изјави Борел по средбата со вдовицата, која се обрати на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
Но, „како што рече Јулија, Русија не е Путин и Путин не е Русија“, рече Борел.
Министрите станаа и долго и аплаудираа на вдовицата на противникот од Кремљ на крајот од нејзиниот краток говор, додаде Борел.
Според дипломатски извори, Јулија Навални на министрите им ја потврдила својата посветеност за продолжување на борбата против режимот што доведе до смрт на нејзиниот сопруг.
„Алексеј Навални беше херој и тој умре како херој“, рече таа и побара ЕУ да го таргетира опкружувањето на Владимир Путин и „корумпираните олигарси“ кои го поддржуваат со казнени мерки.
Неколку министри денеска пред почетокот на состанокот се заложија за воведување дополнителни санкции против Русија.
ЕУ веќе воведе неколку пакети санкции против Москва, вкупно 12, и се подготвува да го усвои 13-тиот пакет, пред втората годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина, на 24 февруари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Бангкок не се откажува од потрагата по преживеани: „Мораме да ги најдеме“

Заменик-градоначалничката на Бангкок, Тавида Камолвеј, се врати од местото на урнатата зграда во областа Чатучак и за Би-Би-Си изјави дека спасувачките операции продолжуваат: „Нема да се откажеме“.
„Се уште се обидуваме да влеземе под урнатините, но 30-те ката од урнатата зграда создадоа огромна маса која е исклучително тешко да се пробие“, рече Камолвеј.
Спасувачите користат рендген апарати за да откријат какви било движења и знаци на живот во слоевите на бетон и метал.
„Сè уште бараме 79 исчезнати лица. Сè уште верувам во мојот тим. Работиме без престан, повеќе луѓе пристигнуваат. Мораме да ги најдеме“, рече таа.
Свет
Трамп: Ќе го земеме Гренланд, 100 отсто, не ја исклучувам можноста за воена сила

Американскиот претседател, Доналд Трамп, одби да ја исклучи можноста за воена сила во неговата кампања за преземање на Гренланд, велејќи дека има обврска да обезбеди сопственост на данската територија, која постојано ги отфрла неговите обиди.
Еден ден откако високи функционери од неговата администрација, вклучително и потпретседателот Џеј Ди Венс, ја посетија американската воена база на островот, Трамп во интервју за „Ен-би-си Њуз“ потврди дека апсолутно разговарал за анексија на Гренланд.
„Ќе го земеме Гренланд. Да, сто проценти“, рече Трамп.
За време на неговата посета во петокот, Венс остро ја критикуваше Данска, обвинувајќи ја дека заостанува во безбедносните инвестиции и на тој начин го остави Гренланд изложен на можни инвазии од Русија и Кина. Тој го повика народот на Гренланд да се отцепи од Данска за да овозможи разговори меѓу САД и островот за потенцијално преземање.
Тој им рече на новинарите потоа дека не сугерира промена во официјалната политика на администрацијата. Наместо тоа, тој нагласи дека Трамп верува дека воената сила нема да биде неопходна за американското преземање на Гренланд.
„Мислиме дека никогаш нема да биде потребна воена сила“, рече Венс во базата Питуфик.
На прашањето за тие коментари за време на интервјуто, Трамп ја повтори својата посветеност на идејата САД да ја преземат контролата врз островот, но додаде дека постои добра можност тоа да се постигне без воена интервенција.
„Не, никогаш не исклучувам воена сила. Но, мислам дека има добри шанси да го направиме тоа без неа“, рече Трамп.
„Ние имаме обврска да го заштитиме светот. Станува збор за светскиот мир и меѓународната безбедност. И се додека сум претседател, тоа е моја одговорност. Не, не исклучувам ништо“, додаде.
Во своите изјави, Венс ја обвини Данска за „неинвестирање“ во безбедноста на Гренланд.
„Нашата порака до Данска е многу едноставна: не направивте доволно за народот на Гренланд“, рече тој. „Тоа мора да се смени. А бидејќи не се промени, затоа политиката на претседателот Трамп за Гренланд е токму оваа“.
На овие изјави реагираше данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен, кој на социјалната мрежа „Икс“ рече дека Данска може да прифати критика, но не и тонот што го користи администрацијата на Трамп.
„Не зборувате така за блиски сојузници“, рече Расмусен, повикувајќи ги САД да соработуваат со Данска за да го зајакнат своето воено присуство на Гренланд.
Новиот премиер на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, рече дека коментарите на американските официјални лица покажуваат „недостаток на почит“ кон островот.
Иако Данска е членка на НАТО, а повеќето жители на Гренланд се противат на приклучувањето кон Соединетите Држави, американскиот претседател опстојува.
„Гренланд ни е исклучително важен за меѓународната безбедност. Мора да го имаме Гренланд“, рече Трамп во петокот во Белата куќа.
Свет
Војската на Мјанмар бомбардира региони под контрола на бунтовниците и покрај катастрофата

Мјанмарската хунта продолжи со воздушните напади по земјотресот.
„Би-Би-Си“ потврди дека седум цивили биле убиени во нападот на Наунгчо во државата Шан, само три часа по нападот.
Слични напади беа забележани и во регионот Сагаинг, кој е и епицентарот на земјотресот, и долж границата со Тајланд.
Претставникот на ОН, Том Ендрјус, рече: „Срамно е што војската фрла бомби додека спасувачките екипи се обидуваат да ги извлечат луѓето од урнатините“.
Разорен земјотрес од 7,7 степени го погоди Мјанмар пред два дена, а според информациите загинати се најмалку 1.600 лица, но се очекува бројот да продолжи да расте.