Македонија
Тошковски, Буши и Бојмацалиев со Бомгартнер: презентирани мерките за ублажување на процедурите за вадење на лични документи
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик министерот Назим Буши и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев остварија работна средба со амбасадорот на Француската Република Сирил Бомгартнер.
На средбата министерот Тошковски упати благодарност за соработката меѓу полициските органи на двете држави, како и за целокупната поддршка од страна на Амбасадата на Француската Република, особено во делот на обуките за полициските службеници.
На прашање на амбасадорот Бомгартнер, министерот Тошковски го запозна за функционирањето на Министерството за внатрешни работи во техничката Влада, кое има голема одговорност во спроведувањето на изборите кои ни претстојат. Во таа насока, улогата на МВР е законито и професионално постапување во организирањето и спроведувањето фер и демократски изборен процес. Во тој контекст, Тошковски укажа на неможноста согласно Закон во рамки осумте раководни работници на Секторите за внатрешни работи да назначи началник на СВР Тетово, со што се нарушува можноста да биде гарант на изборниот процес за тоа подрачје.
Тошковски ги образложи преземените мерки со цел ублажување на процедурите за вадење на лични документи со цел граѓаните да можат на еден достоинствен начин да дојдат до својот личен документ. Во тој контекст укажа и на почитување на правните процедури во однос на рокот на важност на патните исправи, ставајќи се во улога на заштита на човековите права во однос на слободното движење на граѓаните.
На средбата, амбасадорот Бомгартнер ја потенцираше досегашната соработка со МВР и детално ги нагласите проектите, обуките и експертите каде Француската Република дава главна поддршка, со цел јакнење на капацитетите на македонската полиција.
Дополнителниот заменик министер Бојмацалиев се заблагодари за досегашната соработка со Француската Република, особено во делот на заедничките обуки за вработените во МВР. Воедно нагласи дека раководството на МВР во овој состав на техничката Влада, засега функционира професионално и законито, без политички влијание, со што се потврдуваат заложбите за организирање фер и демократски избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

