Македонија
Ковачевски: Нема никаква разлика меѓу она ВМРО со Груевски и ова со Мицкоски, тоа е истата матрица, истите криминални структури

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска го отвори промотивниот штаб на партијата во Расадник, општина Кисела Вода.
Во обраќањето Ковачевски рече дека концептот на СДСМ значи поголеми плати, пензии, слобода на говор и демократија а концептот на ДПМНЕ изолација и насилство.
„Пред граѓаните во моментов има два концепти. Едниот е концепт посветен на демократија, поголеми плати, поголеми пензии, повеќе инвестиции, повеќе и подобро платени работни места, повеќе пари назад кај граѓаните, слобода да секој си го каже мислењето, концепт на европска Македонија. Вториот концепт е концептот на изолација, страв, насилство, концепт во кој работникот е неважен, продаван низ светот како евтина работна сила, концепт на фрлени пари за споменици, стиропор што ден денес се распаѓаат, жални врби и криминал“, рече тој.
Две години работиме и обезбедуваме поголеми плати и пензии, рече Ковачевски, тие после две години блокади, за неполни 3 недели колку што имаат министри во техничката Влада, го покажаа вистинско лице, нема никаква промена.
„Што значи кога вработени во МВР тепаат свои колеги само затоа што си ја извршувале својата работа. Што значи кога член на обезбедување на нивниот прв човек ги тепа своите колеги, овие не смеат ни да пријават дека се тепани. Два дена не смее да направи внатрешна контрола извештај таму. Е тоа е најголемиот потсетник на 2006 година. Ама една работа забораваат, СДСМ е прогресивна партија, СДСМ не е партија на капиталот, СДСМ е партија на трудот. СДСМ е левицата на оваа држава. СДСМ е центарот на оваа држава“, посочи тој.
Истите тие кои до 2016 година беа малтретирани и тепани по плоштадите и библиотеките, сите тие се СДСМ, кажа Ковачевски.
Според него, нема никаква разлика меѓу она ВМРО со Груевски и ова сега со Мицкоски.
Тоа е иста матрица, истите техники, истите криминални структури, само се различни луѓето што ги спроведуваат. Затоа, никогаш повеќе режим“ порача Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ го честита Денот на Армијата: Нашите херои во униформа се гарант за сигурна иднина

„Во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, упатуваме искрени честитки до припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, до сите сегашни и поранешни воени лица, како и до нивните семејства, по повод 18 август – Денот на Армијата“, велат од СДСМ.
„Армијата претставува столб на сигурноста, одбраната и стабилноста на нашата држава. Со својата посветеност, дисциплина и професионалност, армиските припадници се грижат за безбедноста на нашите граѓани и за заштитата на територијалниот интегритет на земјата.
Посебно горди сме што токму во време на владеење на СДСМ, Северна Македонија стана 30. полноправна членка на НАТО – најсилниот безбедносен сојуз во светот. Со ова, нашата Армија стана дел од модерните армии на НАТО, со можност за обука, соработка и опремување според највисоки стандарди.
Членството во НАТО значи трајна гаранција за безбедноста на нашата држава, заштита на граѓаните и сигурна иднина за генерациите што доаѓаат. Тоа е и признание за квалитетот и способноста на нашата Армија, која денес рамноправно учествува во меѓународни мисии за мир и стабилност ширум светот.
Уште еднаш, срдечно честитаме и им оддаваме почит на сите припадници на Армијата на Република Северна Македонија – нашите херои во униформа“, соопшти СДСМ.
Македонија
Се уште гори кај Јасен, под контрола пожарот во Јегуновце

Центарот за управување со кризи извести деак во последното деноноќие, до 07:00 часот утрово низ земјава се регистрирани вкупно 28 пожари на отворен простор.
Од нив во моментов активен е само еден пожар, во општина Македонски Брод – Повеќенаменско подрачје Јасен каде што гори мешана шума.
Под контрола е пожарот во општина Јегуновце – помеѓу селата Рогачево, Јажинце и Долно Орашје, каде што горат пасишта и мешана шума.
Како што соопшти ЦУК изгаснати се 26 пожари.
Македонија
„Влен“: Албанската култура се издига над измамите и злоупотребите на ДУИ

„Влен“ ги потсетува граѓаните дека оние кои денес сакаат да даваат „лекции“ за култура се токму оние кои 22 години ги измамија Албанците со Тетовската библиотека и театар. Поранешни функционери на ДУИ манипулираа со документи и процедури за јавни договори, злоупотребувајќи ја својата службена положба и имајќи корист од над 13 милиони евра од изградбата на овие институции, што е тешко предавство на националниот интерес, велат од „Влен“.
„Во меѓувреме, со доаѓањето на ВЛЕН во владата, за прв пат по децении, албанската култура признава опипливи достигнувања: Долгогодишниот проблем со вработувањето на членовите на Албанскиот ансамбл, запоставен од ДУИ, беше решен. За прв пат, Албанец ја предводи Филхармонијата во Северна Македонија. Во наше време, кога тоа не го правеа со децении, беше основан Гостиварскиот театар, отворајќи ги своите врати за албански уметници. Десетици Албанци беа вработени во културните институции. За прв пат, во секоја културна институција се донесени стотици трајни работни решенија, со што се гарантира безбедноста и достоинството на албанските работници и уметници.
Културата не е пропаганда, ниту фасада за прикривање на кражба и злоупотреба. Културата е идентитет, таа е достоинство, таа е наследство!
ВЛЕН ќе продолжи да го брани националниот интерес во културата, враќајќи им на Албанците она што им било ускратено две децении. Излажувањата на ДУИ завршија, ерата на вистинската албанска култура започна!“, се наведува во соопштението на „Влен“.