Македонија
(Видео) Митева: Каде завршуваат 30 отсто од тендерите во РЕК?
Каде завршуваат 30% од тендерите во РЕК? На ова прашање треба да одговорат власта на СДС и ДУИ, а по избори треба да знаат дека ќе има одговорност сите инволвирани во тендерот од 46 милиони евра за ископ на јаглен кој на неколку дена пред избори го зема фирмата на белорускиот конзул во Македонија, истакна денеска на прес-конференција Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
„30% е разликата во цена за ископ на еден килоџул јаглен кој го понудила „Марковски компани“ на белорускиот конзул и на другите фирми на тендерот. Иако „Марковски компани“ имала повисока понуда, таа го добива тендерот. Имено, РЕК Битола ја избира „Марковски компани“ со понудена цена за ископ од 129.7 денари по гига џул, а истовремено ја игнорира понудата од 100 денари по гигаџул. Власта мора да каже зошто е избрана поскапата понуда и дали во џебовите на луѓе од власта завршуваат овие 30% од тендерот? Ова не е единствен тендер на истава компанија, која е рекордер во тендери, од над 80 милиони евра во изнинативе години токму во РЕК, за ископи вредни милиони правеле и други фирми блиски до власта“, вели Митева.
Колкава е штетата која на овој начин е предизвикана 7 години и дали ова беше план на власта за грабеж на државата? Дали за да го реализираат овој грабеж со самото доаѓање на власт ја поништија набавката на рударска опрема за ископ на јаглен во вредност од 34 милиони евра, распишана од претседателот Мицкоски тогаш како директор на ЕЛЕМ? , прашува таа.
Набавката, според неа, предвидуваше набавка на багери, камиони, булдoжери за копање на јaглен во РЕК Битола, и доколку се реализираше истата ќе беше сосема непотребно да се ангажираат надворешни фирми за ископ, па така во РЕК ќе се заштедеа десетици милиони евра секоја година.
Оценува дека СДС и ДУИ ја стопирале набавката, затоа што знаеле дека ако РЕК има сопствена механизација, ќе нема како да распишуваат милионски тендери и како да ги крадат парите на народот преку вакви тендери.
„Коренот на проблемот е грабежот на државата преку РЕК Битола тежок стотина милиона евра од 2017 до денес, кој немаше да се случи доколку власта не ја поништеше набавката на механизација спроведена од претседателот Мицкоски. СДС и ДУИ систематски ја ограбуваа Македонија изминативе 7 години и за тоа одговорност ќе има“, потенцира Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.
Македонија
Слаб снег провејува на Попова Шапка, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Слаб снег провејува на Попова Шапка кој во моментов не се здржува на коловозот, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно време со дожд и ветер, на планините снег – МЕТЕО за следните денови
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Во делови од котлината ќе има повремен слаб дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени, јавува УХМР.
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.

