Економија
Николовски од Виница: За една година имаме регистрирани нови 2.508 оператори со храна и 91 мала винарија
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со директорот на Агенцијата за финасиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски и државниот советник за рурален развој, Трајан Димковски денеска беа во работна посета на Виница, каде остварија повеќе средби со земјоделците, мали производители на храна и мали винарии.
При средбите министерот Николовски ги информира земјоделците од Виница за новите можности и мерки што министерството ги креира за поддршка до секој еден земјоделец во 2024 година.
Во својата изјава министерот Николовски истакна дека во Виница бележиме три регистрирани мали семејни винарии, сите три добитници на грантот од 10.000 евра, за поддршка на малите семејни винарии при набавка на опрема за производство.

„Нашата успешна приказна во развојот на малите семејни винарии ја започнавме во 2019 година. Преку измени во законот за вино, ги олеснивме критериумите и овозможивме регистрација на физички лица, како производители на вино. На овој начин го отворивме патот за развојот на малите семејни винарии. Денес тие се наша гордост и бренд, по кои како држава сме препознаени во регионот. Од тогаш, до денес, бележиме бројка од вкупно 173 регистрирани мали семејни винарии, успешни приказни кои може да ги сретнеме низ целата држава“, изјави министерот Николовски.
Само минатата 2023 година бележиме регистрација на нови 91 мала винарија. Тоа се 91 семејство, кое традиционалната пракса за производство на вино во домашни услови, ја претвориле во мал бизнис, искористувајќи ја поддршката од државата.
Преку двата повици за поддршка на малите производители на вино, изминативе две години, се доделени 145 договори за грант поддршка до 10.000 евра на мали семејни винарии за набавката на опрема за производство. Ваквата успешна мерка придонесе дене да имаме 255 регистрирани винарски визби. Само за споредба до 2019 година, пред измените во законот за вино, имаме вкупно 71 регистрирана винарска визба, а денес оваа бројка изнесува 255 регистрирани винарски визби.

Една од успешните мали семејни винарии во Виница добитник на грант до 10.000 евра е малата винарија на Антонио Петров, позната по автентичното вино со мед.
Министерот Николовски во Виница оствари посета и на успешни корисници на мерката за грант поддршка до 10.000 евра за набавка на опрема за производство на малите производители на храна. Наум Тренчевски од село Блатец е добитник на грант од програмата за неживотинско потекло, преку која си има набавено систем за мрзнење на јагода со капацитет од 450кг/1час.
Иако нова оваа програма предизвика голем интерес кај земјоделците и ги надмина нашите очекувања. Кога ја креиравме програмата за поддршка на малите производители на храна си поставивме за цел, во наредните две до три години, да достигнеме до бројката од 2.000 нови регистрирани мали производители на храна. Во оваа наша цел успеавме уште во првата година.
Денес имаме вкупно 2.508 регистирани оператори со храна од животинско и неживотнско потекло, во АХВ, или само во оваа година имаме нови 1.540 регистрирани опрератори со храна од животинско потекло и 420 нови регистрирани опрератори од неживотинско потекло. Овие бројки ги потврдуваат резултатите постигнати во земјоделството.
Поддршката за малите производители на храна и малите производители на вино ја продолжуваме и оваа година. Креираме мерки според потребите на земјоделците, преку кои постигнуваме одржливост и развој во македонското земјоделство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.
Економија
„ЛИДЛ“ почна изградба на маркет во Гевгелија: Инвестиција што носи раст, нови вработувања и поддршка за домашните производители
Со свечена церемонија на поставување камен-темелник, Lidl официјално ја започна изградбата на уште еден маркет во земјава. Овој продажен објект ќе биде лоциран во Гевгелија и е прв маркет на Lidl во оваа општина, како дел од долгорочниот инвестициски план на компанијата во Македонија.
Маркетот во Гевгелија ќе се протега на површина од 2.356 квадратни метри, со продажен простор од 1.507 квадратни метри. Дополнителна придобивка за купувачите ќе бидат и предвидените 130 паркинг места, што ќе овозможат удобно и практично пазарење.
Со реализацијата на овој проект Lidl ја потврдува определбата за вложувања во современи малопродажни објекти изградени според највисоки стандарди, кои овозможуваат пријатно корисничко искуство и нудат внимателно селектиран асортиман, со оптимален сооднос меѓу високиот квалитет и поволните цени, како препознатлив белег на компанијата на сите пазари.

Директорот за недвижности во Лидл Северна Македонија, Гоце Гаврилов, истакна дека инвестицијата во Гевгелија е потврда за довербата на компанијата во потенцијалот на македонскиот пазар и економија.
„Со стартот на изградбата на маркетот во Гевгелија продолжуваме со стратегијата за ширење на продажната мрежа и долгорочно инвестирање во земјата. Нашата цел е да изградиме продажни места кои се пространи, светли и современи, со модерен изглед, со еколошки материјали и со фокус на енергетска ефикасност, создавајќи удобно искуство за нашите потрошувачи, но и квалитетна работна средина за нашите вработени“, нагласи Гаврилов.

Тој потенцира дека секоја нова инвестиција на Lidl има пошироко економско и општествено значење за локалната заедница и за националната економија со отворањето на нови работни места и соработката со домашните производители. Во таа насока тој истакна дека се посебно горди што преку продажната мрежа на Лидл за 2025 година е остварен извоз на македонски производи во вредност од 15.5 милиони евра.
Гаврилов додаде дека компанијата има одлична соработка со институциите на локално и централно ниво, која се надева ќе продолжи и во иднина, заблагодарувајќи им се на градоначалникот Сарамандов и на Советот на општината за досегашната конструктивна соработка, како и на тимот на компанијата и нејзините партнери вклучени во реализацијата на овој проект.

Градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека оваа инвестиција е значаен чекор за развојниот потенцијал на општината.
„Гевгелија е меѓу првите градови во кои почнува изградба на маркет на Lidl, инвестиција која дополнително ќе ја засили атрактивноста на нашата општина. Таа ќе придонесе за нови можности за вработување, за зајакнување на локалната економија и за збогатување на понудата за потрошувачите. Убеден сум дека соработката со Lidl ќе продолжи успешно и во идниот период“, изјави Сарамандов.
Lidl е дел од групацијата Schwarz, со седиште во Некарсулм, Германија, и е еден од водечките трговци со храна во Европа. Компанијата управува со околу 12 600 маркети и повеќе од 230 дистрибутивни и логистички центри во 31 држава, а вработува над 382.000 луѓе.
ПР

