Економија
(Видео) Трипуновски: Сериозно се намалува бројот на земјоделци и производството на јаболка во ресенскиот регион заради системски пропусти и негрижата на власта
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска е во работна посета на Ресен каде што оствари состанок со задругите и земјоделците од ресенскиот регион каде што е разговарано за актуелните состојби во овоштарството.
„Денеска имаме една катастрофална ситуација со делот на производството на овошни култури од овој регион, а тоа го говорат и сите статистички податоци кои што се официјални од министерството, државниот завод за статистика и од платежната агенција. Она што сакам да го потенцирам како споредба на 2018 година со 2022 година секоја година имаме намалување на површините под јаболков насад за некаде од околу 350 хектари на годишно ниво што е едно сериозно намалување, а оваа бројка го потврдува и фактот со производството на јаболко од овој регион. Ако во 2017-2018 година сме имале производство на над 230 илјади тони јаболка, 2022 година производството било околу 90 илјади тони јаболка кое најголем дел беше откупено како индустриско јаболко што нанесе сериозна штета врз земјоделците од овој регион“, изјави Трипуновски.
Трипуновски потсети дека не се исплатени обештетувањата за 2018 и 2021 година иако целосната документација е испратена до министерството, до комисијата за надомест на штети, истите се одбиени од страна на министерстовото со објаснување дека не се запазени предвидените рокови иако истите се запазени и документацијата е навремено доставена.
„Овој регион кој што е познат по производството на квалитетно македонско јаболко од година во година се намалува заради тоа што власта и министерстовот немаат слух за проблемите и сите оние мерки и програми кои што ги креира или се со тотално промашување, или се со задоцнување, или немаат никаков реален ефект. Ја користам оваа прилика да испратам една порака до сите земјоделци од регионов дека доаѓаат подобри времиња, сериозни луѓе на сериозни позиции, со конкретни мерки и проекти и сите оние отворени ситуации и проблеми ќе ги враќаме во нормала, односно да ја враќаме надежда на земјоделците кон една идна Влада која што ќе има сериозен однос спрема нив затоа што Македонија била и треба да остане земјоделска држава“, заврши Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

