Европа
Финска: Илјадници луѓе чекаат на руската страна од границата, тоа е закана
Финска денеска објави дека илјадници мигранти од трети земји чекаат да ја преминат границата и да влезат на нејзина територија од Русија. Минатата година Финска ги затвори сите гранични премини на границата со Русија долга 1.340 километри поради големиот пораст на бројот на мигранти кои немаа валидни документи за влез во Европската унија.
Хелсинки ја обвинува Москва дека само ги препраќа мигрантите до финската граница, но Кремљ ги отфрла овие обвинувања.
„Имаме информации дека од руска страна илјадници луѓе чекаат да влезат во Финска“, рече министерката за внатрешни работи Мари Рантанен, додавајќи дека тоа претставува „закана за општеството“.
Таа, исто така, предупреди дека многу мигранти би можеле да се обидат илегално да ја преминат границата напролет, кога ќе се зголемат температурите. Според неа, законодавството на ЕУ не нуди решение во вакви ситуации.
Помеѓу август и декември минатата година, повеќе од 1.300 баратели на азил од Јемен, Сомалија и Сирија влегле во Финска од Русија. Од тој број, финските имиграциони власти не можат да лоцираат 160 мигранти, па се претпоставува дека отишле во некоја друга европска земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц ја откажа изборната кампања и ги посети поплавените региони во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.
Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.
Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.
„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.
Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.
Европа
Напаѓачот на Фицо доби мерка притвор за да не побегне и да не го повтори делото
Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување денеска му одреди притвор на 71-годишниот Словак Јурај Цинтула, кој на 15 мај годинава во градот Хандлова со пет истрели го застрела премиерот Роберт Фицо и тешко го рани во стомакот.
Притворот за осомничениот е побаран поради опасност да не избега или да го повтори делото.
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска призна вина.
Адвокатите предупредија дека признавањето на вината е спорно, бидејќи Цинтула веднаш по атентатот и апсењето бил сослушан во шок, без присуство на адвокат.
Европа
Премиерот Фицо уште е во животна опасност, напаѓачот призна вина
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска пред Специјализираниот кривичен суд во градот Пежинок призна вина. Состојбата на премиерот Фицо и понатаму е сериозна.
Обвинителството вчера побара притвор за 71-годишниот Цинтула поради евентуално бегство или повторување на кривичното дело. Напаѓачот беше спроведен под силно полициско обезбедување, а ниту на новинарите им беше дозволен влез во Судот.
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо на 15 мај беше застрелан во градот Хандалова додека се поздравуваше со насобраниот народ. Цинтула веднаш по нападот е приведен.
Тој се соочува со обвинение за обид за убиство од одмазда, за што е предвидена казна од 25 години до доживотен затвор.
Словачките политичари изјавија дека нападот врз Фицо не е политички мотивиран.