Свет
Исчезна 11-годишно девојче во Тексас, полицијата го пронашла нејзиното тело во река
Полицијата вчера го пронајде телото на Одри Канингем, 11-годишното девојче кое исчезна на пат кон училиште, во реката Тринити, Тексас.
„Го најдовме нејзиното тело во реката, под автопатот 59“, рече шерифот на округот Полк, Бајрон Лајонс. Окружниот обвинител Шели Ситон на прес-конференција изјави дека се подготвува налог за апсење на Дон Стивен Мекдугал (42), кој моментално е во притвор. Тој беше уапсен во петокот по други обвиненија.
Полицијата засега не дава детали за убиството на девојчето, освен дека се чекаат резултатите од обдукцијата. Мекдугал, пријател на таткото на девојчето, има долго криминално досие. Во 2007 година, тој беше осуден за „примамување дете во округот Бразорија, Тексас“. Тој беше осуден во 2010 и 2019 година за тежок напад со смртоносно оружје, пишува Си-Ен-Ен.
За време на исчезнувањето на девојчето, во потрагата се вклучил и Мекдугал, кој тропал на вратите на мештаните и прашувал дали ја виделе. Минатата недела тој на социјалните мрежи изјави дека е невин.
„Бев таму, ме испрашуваа. Не бегам ниту се кријам. Направив се што можев да ја најдам. Не направив ништо лошо. Отидов и тропнав на вратите за да добијам информации“, напиша тој.
Мекдугал живее во приколка на семејниот имот и понекогаш ја носеше Одри до автобуската станица, рече шерифот. Нејзината куќа се наоѓа во близина на езерото Ливингстон. Мекдугал и Одри ја напуштија куќата кон станицата околу 7 часот наутро во четвртокот.
Меѓутоа, таа не се качила во училишниот автобус и не стигнала до училиште. Во петокот, полицијата го пронашла нејзиниот ранец во близина на браната на езерото, на околу 8 километри од местото каде што подоцна било пронајдено нејзиното тело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Снимен моментот кога авион слета врз автомобил на автопат во Флорида
На социјалните мрежи се појави снимка што го прикажува моментот кога мал авион слета врз автомобил што се движел на автопатот I-95 во округот Бревард на Флорида.
Според властите, возачката на автомобилот и двете лица во авионот добиле само полесни повреди. Ударот го снимиле татко и син кои возеле веднаш зад возилото што било погодено.
Полицијата соопшти дека двомоторниот авион Beechcraft 55 во понеделник околу 17:45 часот локално време морал присилно да слета на јужната лента од автопатот. При слетувањето удрил во автомобил Toyota Camry со 57-годишна жена. Во авионот биле 27-годишен пилот од Орландо и 27-годишен патник.
A small plane crash landed on a busy interstate in Merritt Island, Florida, hitting a car.
The plane experienced a “loss of power in both engines,” it was known, and was attempting an emergency landing on I-95 when it hit a Toyota Camry.
The driver of the car was hospitalised… pic.twitter.com/ViZAuMJcwT
— Vani Mehrotra (@vani_mehrotra) December 10, 2025
Таткото и синот, Џејмс и Питер Кофи, изјавиле дека авионoт нагло почнал да паѓа пред нив.
„Бев преплашен, сфативме колку беше блиску до трагедија“, рекол Џејмс. Питер додал дека дури следниот ден сватил колку среќа имале.
Авионот бил отстранет од автопатот.
Причината за присилното слетување сè уште не е утврдена, а истрагата продолжува. Според проценка на службата, можно е авионот да останал без гориво.
Свет
Децата во Австралија го измамија системот: забраната за социјални мрежи има големи пропусти
Првиот ден од австралиската забрана за користење социјални мрежи за лица под 16 години покажа бројни слабости во системот. Многу деца успеале да ги заобиколат новите правила користејќи ВПН, манипулации со датумот на раѓање или трикови при скенирање на лицето.
Родители од различни делови на земјата за „Еј-би-си“ сведочат дека нивните деца без проблем добиле пристап до „Снеплет“, „Инстаграм“ или „Тик-Ток“, иако формално би требало да им биде забранет.
Во повеќе случаи, системите за проверка на возраст погрешно утврдиле дека децата имаат над 16 години — дури и кога станува збор за 11- или 13-годишници. Некои тинејџери успеале да ја измамат технологијата со шминка или прикривање на делови од лицето. Социјалните мрежи признаа дека постојат технички предизвици и дека родителите можат да пријават профили за деца под 16 години кои ќе бидат суспендирани.
Стручњаците објаснуваат дека технологијата за процена на возраст има маргина на грешка од една до три години, што овозможува заобиколување на забраната. На „Тик-ток“ веќе се појавија објави од деца кои се потсмеваат дека „успешно ја преживеале“ забраната.
Владата најавува дека пропустите ќе се отстрануваат постепено. Премиерот Албанезе посочи дека околу 440.000 „Снепчет“ профили, 150.000 „Фејсбук“ профили и 350.000 „Инстаграм“ профили во сопственост на деца од 13 до 15 години ќе треба да се деактивираат. Повеќе од 200.000 „Тик-ток“ профили веќе се затворени.
Министерката за комуникации Анника Велс нагласи дека ова е „маратон, не спринт“ и дека децата кои денес ја заобиколиле забраната нема да можат да го прават тоа постојано.
Свет
Серија пропусти во Лувр: Крадците избегале со 30 секунди предност
Истрагата за кражбата на крaлскиот накит од Лувр открива дека крадците успеале да ѝ побегнат на полицијата со предност од само 30 секунди, поради серија безбедносни пропусти, објави „Гардијан“.
Извештајот претставен пред комисија на францускиот Сенат покажува дека во моментот на кражбата работела само една од двете надзорни камери во областа, а персоналот во контролната соба немал доволно монитори за следење на снимките во живо. Полицијата, пак, по активирањето на алармот била испратена на погрешна локација.
Шефот на истрагата, Ноел Корбин, изјавил дека само „плус-минус 30 секунди“ би биле доволни за обезбедувањето или полицијата да го спречат бегството. Современа видео-oпрема, поотпорно стакло или подобра координација, според него, ќе можеле да спречат исчезнување на накитот вреден 88 милиони евра, кој сè уште не е пронајден.
Извештајот дополнително открива дека управата на Лувр со години била предупредувана за безбедносни слабости. Ревизија од 2019 година, нарачана од претходниот директор Жан-Лук Мартинез, укажувала дека местото од каде крадците влегле – балкон со пристап однадвор – е лесно достапно со скали. Сегашната директорка Лоренс де Карс не знаела за таа анализа и препораките никогаш не биле спроведени.
Полицијата смета дека ги уапсила четворицата осомничени, кои по кражбата во Галеријата Аполо избегале со мотори. Откритијата создаваат голем притисок врз Де Карс, првата жена на чело на музејот, во моменти кога Долниот дом на парламентот спроведува сопствена истрага. Францускиот државен ревизор минатиот месец оцени дека безбедносните подобрувања се спроведувале „неприфатливо бавно“.
Во меѓувреме, музејот се соочува и со други проблеми: очекуван е штрајк на вработените што бараат подобри услови поради недостиг на персонал и огромни гужви, а неодамнешно истекување вода оштетило стотици списанија и документи во египетскиот оддел.

