Скопје
Стефковски: Сѐ додека постои македонскиот јазик, ќе постоиме и ние како народ
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, присуствуваше на приредба во ООУ „Стив Наумов“ во Автокоманда по повод одбележувањето на 21. Февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
За настанот, градоначалникот Стефковски информира со објава на својата официјална страница на „Фејсбук“.
„Денес е денот кога сите ние треба да посветиме особено внимание и грижа кон нашиот мајчин македонски јазик. Среќен сум и горд што денес имав можност да присуствувам на приредбата во ООУ ‘Стив Наумов’ по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Јазикот го означува човековиот културен идентитет. Нема нешто поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик.
Јазикот е непресушен извор, кој треба постојано да се негува и, пред сѐ, да се зачува чистината на убавиот македонски збор.
Јазиците што се зборуваат во една земја пренесуваат култура, вредности и традиција и затоа играат огромна улога во создавањето одржлив развој и сигурна иднина.
Негувајќи го македонскиот јазик, ние ќе го продолжиме делото на големиот број македонски дејци, кои многу години претходно со своето перо оставаа неизбришлива трага за тоа дека на нашите простори се зборува и пишува на наш македонски јазик. Никогаш да не го заборавиме нашиот мајчин македонски јазик. Сѐ додека постои тој, ќе постоиме и сите ние“, напиша Стефковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поставена нова хоризонтална и вертикална сигнализација во општина Илинден
Во областа на патната инфраструктура, од особена важност за унапредување на безбедноста во сообраќајот е редовното одржување и обележување на локалните улици и патишта, со што се обезбедува поголема видливост и уредност на вертикалната и хоризонталната сообраќајна сигнализација, а со тоа се обезбедува и поголема сигурност за сите учесници во сообраќајот, особено за најранливите категории, пешаците и велосипедистите, велат од општината Илинден.

„Во рамки на Програмата за одржување на патната инфраструктура на Општина Илинден, поставена е нова хоризонтална сигнализација на неколку значајни локации низ општината. Извршено е обележување на надолжна бела линија на локалниот пат Кадино–Мралино во должина од 500 метри, на локалниот пат Кадино–излез кон автопат М3 во должина од 1000 метри, како и на локалниот пат Кадино–Миладиновци, излез кон автопат М1 во должина од 7000 метри. Дополнително, обележана е надолжна линија на локалниот пат Илинден–Ајватовци–Мршевци во вкупна должина од 6000 метри. Покрај, хоризонталната сигнализација, на неколку локации низ општината, извршено е и поставување на нова вертикална сигнализација.

Со овие активности се подобрува читливоста на коловозната сигнализација, се зголемува дисциплината во сообраќајот и се намалува ризикот од несреќи, особено на критични делници и места со зголемен интензитет на движење. Во таа насока, Општина Илинден ќе продолжи со вложувања во модернизација на патната мрежа, како и со поставување нова вертикална и хоризонтална сигнализација со цел создавање побезбедни услови за сите учесници во сообраќајот“, соопши општината Илинден.
Македонија
(Фото) Од шахта на булеварот Александар Македонски масивно истекуваше хемиска пена; Ѓорѓиевски: Ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки
На социјалните мрежи се појавија фотографии за кои скопјани со право се загрижија, но и за кои ние веќе претходно преземавме мерки. Согласно издадената наредба од Инспекторатот на Град Скопје, беше извршен вонреден инспекциски надзор на булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Овластените инспектори на Град Скопје веднаш излегоа на терен и направија детален увид во состојбата. На лице место беше затекната алармантна ситуација, од средишната шахта на булеварот беше забележано масивно истекување на хемиска пена на јавна површина, потекната од правен субјект што стопанисува во непосредна близина.
Станува збор за сериозно нарушување на законските прописи и директно загрозување на животната средина.
Надлежните институции веднаш постапија. Земени се проби од шахтата, од површината на булеварот, како и од пеноматот во сопственост на правното лице.
Врз основа на утврдената состојба и собраните докази, кон правното лице ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки. Никакво отстапување нема да биде дозволено, секој што го нарушува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните, ќе се соочи со целосната сила на институциите“, додаде градоначалникот.
Македонија
Без струја денеска делови од Шуто Оризари, Сарај и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.30 до 10.30 часот дел од корисниците од ул. Брсјачка Буна, Демирхисарска и Пелагонија (општина Шуто Оризари)
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците во с,Кондово кај пумпата за водовод (општина Сарај)
· во периодот од 10.00 до 13.00 часот дел од корисниците од ул.Михаил и Ефтихиј и ул.Георги Димитров (општина Кисела Вода)

