Македонија
Граѓаните се затворени во државата, апелирам на разум кај пратениците на СДСМ и ДУИ, порача Милошоски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, со апел до парламентарното мнозинство да не ја одолговлекува темата за измена и дополнување на пасошите.
Потсети дека на 12-ти февруари неговата пратеничка група има поднесено Предлог на Закон за измена на важењето на патните исправи со Република Македонија кои што се валидни и се бара смена само на еден датум. Датумот 12.02.2024 година да се замени со датумот 31.12.2024 година.
„Овој хаос кој што е создаден со пасошите намерно или случајно од претходниот министер Оливер Спасовски станува преголем товар за граѓаните, чии што слободи и права за движење се драстично повредени, но исто така се повредени и нивните потреби за посета во странство, лекување, образование, семејни обврски и слично.
650 илјади граѓани на Република Македонија се затворени во Република Македонија, без право да излезат од државата со што се прекршува членот 27 од Уставот на Република Македонија кој што гарантира слободно излегување од Република Македонија и се прекршува Европската конвенција за човекови права и слободи, членот 2 кој што ја дава истата гаранција. Овие правни акти се со повисока правна важност од Законот кој што бараме да се смени“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Апелира на разум до пратениците од СДСМ и ДУИ, овој проблем кој што го креираа и секој ден станува се поголем, како што вели, да бидат човечни, да се надмине „со една мала, но многу битна измена на Законот за пасоши исто како што го направивме со возачките дозволи и им го олеснивме животот на граѓаните кој што претходно беше загрозен со некои несовесни законски решенија“.
„Она што ни е кажано од Собранието е дека овој Предлог закон поднесен од ВМРО-ДПМНЕ пред 10 дена се уште е на превод, но навистина сме зачудени што има толку да се преведува во преведувањето на датумите. Ние бараме датумот 12.02.2024 година да биде заменет со датумот 31.12.2024 година. Се гледа дека и сегашниот Претседател на Собранието не одлучува сам,
веројатно во негово име одлучуваат Талат Џафери и Бујар Османи кои што се против решавање на овој проблем кој што го имаат граѓаните.
Затоа, апелирам и преку Вас медиумите, ова законско решение што побрзо да се најде на собраниска седница, имаме Барање за итна седница, има закажано седница на 28-ми февруари, кога и да сметаат дека е згодно, но што е можно побрзо, да го решиме овој секојдневно растечки проблем“, порача Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

