Македонија
Николовски изврши увид во градежните активности за изградба на браната Речани
Нема стабилно и одржливо земјоделство без редовно наводнување на земјоделските површини. Токму затоа изградбата на нови и реконструкцијата на постојните системи за наводнување е приоритет, на кој како министерство посветено работиме сите овие години.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски при работните активности во Кочани изврши увид во градежните активности за изградба на браната Речани.
„Градиме модерни системи за наводнување, обезбедувајќи сигурно земјоделство. Браната Речани е еден од најзначајните капитални проекти што се гради во Кочанското Поле. Проект важен за земјдоелците, за граѓаните од овој регион“ истакна министерот Николовски.
На терен министерот Николовски имаше можност да присуствува на леењето бетон за влезната потална линија од тунелот. Браната Речани се гради на Оризарска Река и предвидува годишна акумулација од 22 милиони м3 вода, која ќе ги задоволи повеќе од една третина од земјоделските површини во овој регион, или наводнување за над 1.500 хектари земјоделско земјиште.
Овој капитален проект е започнат со градба во 2019 година, во вредност од 1,9 милијарди денари. Браната Речани претставува камено-насипна брана со височина од 80 метри, широка 10 метри и во основата долга близу 280 метри.
Покрај стабилно наводнување на земјоделските површини, изградбата на овој хидро систем обезбедува и квалитетно водоснабдување и чиста вода за пиење на граѓаните во регионот на Кочани, Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци.
„Вложуваме во проекти од интерес на земјоделците и граѓаните, развивајќи го македонското земјоделство. Обезбедуваме можност повеќе за сите земјоделци“, рече Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

