Македонија
Демири и АЦФ: „Трикафта“ го подобрува животот на пациентите со цистична фиброза

Министерот за здравство, д-р Илир Демири, денеска, се сретна со претседателите на Асоцијацијата за цистична фиброза (АЦФ), Александар Стамболиски и Елмир Сејфулаи, како и членката од Асоцијацијата, Ивана Атанасоска. На средбата се дискутира за состојбата на пациентите со цистична фиброза, за третманот и лекувањето со „трикафта“, но и за следните конкретни чекори што треба да се преземат за подобрување на животот на оваа група пациенти.
Демири потенцира дека Министерството и Асоцијацијата имаат успешна соработка, која резултира со поквалитетен живот на пациентите.
„Асоцијацијата за цистична фиброза е нашиот партнер и заеднички продолжуваме да дејствуваме за подобра здравствена состојба на пациентите со цистична фиброза. Се гордеам што нивната белодробна функција по примањето на терапијата е подобрена. Досега 32 пациенти имаат примено ‘трикафта’ и етапно сите ќе се вклучат на терапија. Верувам дека заеднички можеме многу да постигнеме, во Министерството за здравство имате искрен партнер“, рече Демири.
Претседателот на Асоцијацијата, Стамболиски, во извештајното резиме нотира дека пациентите што се вклучуваат на терапија со „трикафта“ комплетно им го подобрува животот.
„Во сите овие процеси АЦФ не ја заборава и се заблагодарува за улогата на ресорното Министерство за здравство, во кое гледаме пријател за здравјето на пациентите – процес што треба да продолжи и да ги опфати сите на кои лекот живот им значи. Тоа може да се потврди само со коректна соработка и институционален континуитет каков што воспоставивме на релација Асоцијација на цистична фиброза – Министерство за здравсто. Веруваме дека нашите заложби се заемни со Министерството бидејќи и покрај досега постигнатото, пред нас се и нови сериозни задачи. Како потврден учесник во добрата соработката со институцијата, продолжуваме со адресирање на проблемите, но и да нудиме соодветни решенија од заеднички интерес за пациентите“, вели Стамболиски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември: Денес, 34 години потоа, сè уште водиме битка за суверена, рамноправна, модерна, стандардна, европска, правна држава, членка на Европската Унија

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста.
„На 8 Септември 1991 година, легално и легитимно, врз основа на неотуѓивото и непотрошно право на самоопределување на секој народ, на референдумот за самостојна и независна Македонија излегоа 75,74% од електоратот, а „за“ гласаа 72,16% од запишаните!
Така, ние, македонските граѓани, ја крунисавме вековната борба на илинденците и партизаните со унитарна, независна и самостојна држава!
Денес, 34 години потоа, во свет заснован на сила, а не на право, сè уште водиме битка за суверена, рамноправна, модерна, стандардна, европска, правна држава, членка на Европската Унија.
Изминативе три децении се соочивме со бројни внатрешни поделби и кризи, со надворешни притисоци и предизвици, со отстапки и компромиси неусогласени со референдумската одлука од 1991 година, па и со меѓународното и национално право.
Политиката, за жал, нè учи дека неправдите не се отстрануваат со потег на перото, туку со макотрпна домашна и меѓународна борба, со правни аргументи и внимателни политички активности, со макотрпно градење пријателски сојузи, а не со непромислени и избрзани акти, со внатрешно единство, а не со поделби, со самопочит, но и со меѓусебна почит.
Патот кон правото и правдата води преку европеизирана држава, втемелена на копенхагенски критериуми, преку демократска власт, ограничена со систем на ефикасни спреги и кочници, преку компетитивна и просперитетна економија, преку партиципативна политичка култура, преку силно граѓанско општество и слободни медиуми.
Младите не се задржуваат и стимулираат со партизација и политизација, туку со образование и наука што стимулираат, почитуваат и наградуваат знаење, труд и заслуги.
Ако домата ни е европска, сигурна сум дека нашите деца и внуци ќе сакаат да работат, творат и растат семејства тука, во нивната дома, или постојано да соработуваат со татковината, ако се надвор, привремено или трајно. Само во европски амбиент се креира европска иднина!
На крајот, не сум се откажала и никогаш нема да се откажам од македонските национални интереси. Мора да продолжиме да ги реафирмираме и да се бориме за нив дома и надвор, во европските и меѓународни институции, на правен и политички, демократски начин, потсетувајќи се и повикувајќи се на националното и меѓународното право, на 8 Септември.
Нека ни е честит 8 Септември – Денот на независноста!“, се наведува во честитката на Претседателката.
Македонија
Министерот Мисајловски со честитка до македонските граѓани по повод 8. Септември – Денот на независноста

Министерот за одбрана Владо Мисајловски им упатува честитки на македонските граѓани, по повод 8. Септември, Денот на независноста.
Во честитката, министерот повикува „со гордост (да) се навраќаме на историскиот чин пред 33 години со кој нашата држава го трасираше патот кон самостојноста, независноста и сувереноста. Денот на независноста е симбол на нашата одлучност самостојно да ја градиме својата иднина, но и обврска да ја чуваме и развиваме татковината за идните генерации.“
Целата честитка од министерот Мисајловски до граѓаните во продолжение:
„Денеска, на 8. Септември, со гордост се навраќаме на историскиот чин пред 33 години со кој нашата држава го трасираше патот кон самостојноста, независноста и сувереноста. Денот на независноста е симбол на нашата одлучност самостојно да ја градиме својата иднина, но и обврска да ја чуваме и развиваме татковината за идните генерации.
Во таа мисија, македонската Армија е еден од најсилните столбови на нашето општество. Нашите војници, со својата посветеност и пожртвуваност, не само што ја гарантираат безбедноста и територијалниот интегритет на државата, туку и го претставуваат најдобриот пример за дисциплина, чест и љубов кон татковината.
Денес Армијата е модерна, професионална сила, рамноправен дел од сојузничките сили во НАТО. Таа е доказ дека независноста не е само збор од историјата, туку секојдневна одговорност и должност што ја носиме пред себе и пред светот.
Нашата независност е вредност за која се живее и се работи секојдневно. Со почит кон минатото, со верба во иднината и со љубов кон Македонија, заедно ќе продолжиме да ја градиме државата што сите ја заслужуваме.
Нека е честит 8 Септември – Денот на независноста!“
Македонија
Гаши: Време е секој од нас да придонесе во зајакнувањето на мирот, стабилноста и соживотот

Претседателот на Собранието на РС Македонија, Африм Гаши на сите граѓани им ја честита 34-годишнината од независноста на државата.
„Денот на независноста е посебен момент, можност да се потсетиме на големите достигнувања на нашата држава и да не потсети дека независноста не е само подарок, туку завет наследен од минатото, обврска за сегашноста и водич за иднината. Овој завет не обврзува да изградиме силна, демократска и стабилна држава, каде што секој граѓанин без разликa ќе се чувствува еднаков и почитуван“, вели Гаши во честитката.
„На оваа годишнина, мојата порака до граѓаните е да се обединиме околу вредностите на сплотеноста и посветеноста за исполнување на аспирациите на нашата земја. Време е секој од нас да придонесе во зајакнувањето на мирот, стабилноста и соживотот.
Да работиме заедно за посилна, поправедна и пообединета држава, каде што нашите разлики ќе бидат богатство, а не пречка. Само со сплотеност и заедничка посветеност можеме да ја реализираме визијата за посветла иднина на нашата држава и за идните генерации.
Северна Македонија, 34 години по прогласувањето на независноста, е држава која напредуваше во многу аспекти и стекна почит на меѓународната сцена. Како стабилен сојузник на НАТО и како земја кандидат за членство во Европската Унија, ова е момент кој од нас бара да продолжиме со напорите за изградба на побезбедна и посветла иднина за идните генерации. Честит 8 Септември – Ден на независноста!“, се додава во честитката на претседателот на Собранието.