Македонија
Бараме масивна поддршка од Албанците за Османи за да ни се овозможи да го измениме Уставот, вели Арбер Адеми
„Демократска Унија за Интеграција, како што најави во текот на вчерашниот ден лидерот Али Ахмети, започна со собирање на потписи за Бујар Османи, кандидат за Претседател на нашата земја. После Првиот Премиер Албанец, Првиот Вицепремиер, Министерот за надворешни работи, тој за одбрана и за внатрешни работи, државните правобранители и Народниот Правобранител, претседателите на Уставниот, Врховниот и Управниот Суд, претседателите на фудбалската, боречката и боксерската федерација, дојде време да го отвориме патот и Претседателот на државата да биде Албанец“, рече портпаролот на ДУИ, Арбер Адеми.
„Сржта на идејата на лидерот Али Ахмети е изборот на Претседателот на државата во Собрание со 2/3 мнозинство на гласови и со Бадинтер, за да се обезбеди општествен, надпартиски консензус за да се овозможи со над 80 гласови во Собранието и со етнички консензус да се спречи етничко надгласање и наметнување само од двете поголеми македонски политички партии. Токму ова идеја, дериватите на ДУИ предводени од разрешениот претседател на Алијансата не ја разбрале кога претходно ја прочитале, значи еден ден претходно, говорот на Али Ахмети бидејќи успеале да „го обезбедат„ предвреме вчерашниот говор на нашиот Претседател. Оваа идеја, Али Ахмети ја претстави на Вториот Изборен Конгрес на Демократската Унија а Интеграција во 2009 година во Скопје кога ги наброи 12 позиции, тогаш недостишни за Албанците, додека истата ја имавме во изборната Програма од 2014, 2016 и последно 2020 година“, додаде Адеми.
Тие бараат апсолутна, масивна поддршка на албанците и другите граѓани за кандидатот Бујар Османи, за да се овозможи измена на Уставот, истовремено и за Претседателот и за уставните амандмани кои произлегуваат од Договорот за добрососедство.
„Овој ќе биде ставот на ДУИ и за вториот изборен круг на Претседателските избори и за Парламентарните избори, и ние ќе го постигнеме тоа. Само со еден глас за најсилната Албанска партија ќе се постигне целта и ќе се спречи Русија и руското влијание кое ја зафати нашата економија, критичната инфраструктура, политичките партии, медиумите, верските заедници, граѓанското општество и има за цел да го дестабилизира нашето кревко мултиетничко, мулти-религиозно и мултикултурно општество за промовирање на домино ефект низ целиот регион“, завршува Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски ја напушти Вила Водно, им се заблагодари на граѓаните и соработниците
Експретседателот на државата, Стево Пендаровски, чијшто мандат заврши денес, преку социјалните мрежи упати благодарност до граѓаните и своите соработници.
„Благодарност до сите граѓани за укажаната доверба и на сите соработници со кои заеднички работевме во изминатите пет години“, напиша Пендаровски.
Претходно тој во Вила Водно ја пречека новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова, пришто свечено и’ ја предаде функцијата, а и’ ja честита и победата.
Пендаровски беше петтиот претседател од осамостојувањето на државата, а функцијата ја презеде во 2019 година од дотогашниот претседател, Ѓорге Иванов.
По престанокот на функцијата, на секој претседател му следат низа на доживотни бенефиции. Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, претседателот има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.
Пендаровски неодамна изјави дека по завршувањето на мандатот нема да бара претседателска пензија, ниту пак средства за отворање на канцеларија, туку ќе се врати на работното место професор.
Македонија
ДУИ велат дека Силјановска го прекршила Уставот, за „Влен“ тоа што заклетвата е потпишана со уставното име значи дека ја прифатила реалноста
Шефот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми рече дека претседателката, Гордана Силјановска Давкова, го прекршила Уставот при положувањето на нејзината заклетва со тоа што не ја спомена Северна Македонија. И’ замери на Силјановска-Давковска и што повикала на единство, а спомнала само двајца лидери на партии, додека тоа што во нејзиното обраќање се осврна на жените во политиката, за Адеми личело како говор за Осми март.
„Силјановска го згази Уставот уште на прва реченица неспоменувајќи Република, ниту Република Северна Македонија, со сите импликации кои ги има тоа“, изјави Адеми, кој очекувал новата претседателка да се осврне во обраќањето на евроинтеграцискиот процес на земјата и нејзините предизвици, членството во НАТО, меѓуетничките односи, договорите со Грција и Бугарија.
Оцени дека создала криза меѓу Македонија и Грција уште во првото обраќање, а рече и дека кога веќе споменувала жени кои и честитале, ја изоставила честитката од претседателката на Косово, Вјоса Османи.
Реагираа и од колицијата на албаснкиот политички блок во земјата „Вреди“ (Влен). Од тука пак, изразија загриженост, коментирајќи дека емоциите од кампањата влијаат на рационалноста. Велат дека имаат разбирање за чувствата на македонскиот народ, но нема втора шанса за прв впечаток за новата шефица на државата.
Од неа, како што додава „Влен“, се очекува да биде пример за почитување на Уставот, особено со оглед на тоа што станува збор за професорка по Уставно право.
„Не ни треба отворање на старите рани. Добро е што Силјановска ја потпиша заклетвата со уставното име, што сепак е знак дека реалноста де факто е прифатена од неа“, велат од „Влен“.
Претходно денес, новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција, коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа. ЕУ повика на почитување на договорите кои, како што велат, се неопходни за продолжување по патот во Европската Унија.
Македонија
За Шарл Мишел е разочарувачки што Давкова не кажала Северна Македонија за време на заклетвата
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, вели дека е многу разочарувачки што новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, не го употребила уставното име на државата при денешната свечена заклетва.
„Многу е разочарувачки што новиот претседател на Северна Македонија не го употреби уставното име на државата при денешната свечена заклетва. ЕУ потсетува на важноста од континуирано спроведување на правно обврзувачките договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција“, напиша Мишел на социјалната мрежа „Икс“, кој претходно во друг пост упати честитка до Давкова и нагласи дека иднината на Северна Македонија и Западен Балкан е во ЕУ.
Very disappointing that the new President of North Macedonia @gogamkd did not use the constitutional name of the country during today’s oath ceremony.
The EU recalls the importance of continued implementation of legally binding agreements, including Prespa agreement with Greece.— Charles Michel (@CharlesMichel) May 12, 2024
Слична беше и реакцијата на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, која преку објава на социјалната мрежа „Икс“ порача дека почитувањето на Договорот од Преспа е обврзувачки за земјата да го продолжи патот кон Европската Унија.
Претходно денес, новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција, коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа.