Македонија
Тренчевска: Се гордеам што броиме само позитивни промени
Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се вклучи на теренски активности на територијата на Општина Тетово. Тренчевска го посети Дневниот центар за лица со ментална и телесна попреченост, канцелариите на „Имаго Плус“ кои ја испорачуваат услугата индивидуален третман за лица со попреченост и двајца корисници на услугата помош и нега во домот која се спроведува преку Проектот за подобрување на социјалните услуги.
„Со развојот на социјалните услуги во домот и во заедницата овозможена е директна поддршка на повеќе од 1500 корисници на социјални услуги, а од нив повеќе од 50% се жени. Би сакала да истакнам дека и во 2023та година продолжи проширувањето на опсегот на социјалните услуги низ земјата со што се обезбеди работен ангажман на приближно 500 негуватели и 50 стручни лица“, рече Тренчевска.
Таа ги истакна и измените на Законот за детска заштита и Законот за социјална заштита од минатата година со што висината на посебниот додаток се зголеми за 15% и се намали старосната граница за траен надоместок за родителите кои се грижат за дете со попреченост, 62 години за мажи и 60 години за жени.

„Измените на Одлуката за цената на социјалните услуги за 2023 година ја покажуваат нашата посветеност на квалитетна нега. Утврдувањето на цените за индивидуален третман и дневно лекување на децата во лиценцираните Дневни центри го одразува нашето признание за важноста на професионалната грижа за нашите деца. Определивме цена за час индивидуален и цена за дневен третман за дете од стручен работник во лиценцираните Дневни центри, односно 997 денари за индивидуален третман и 1.185 денари дневно по корисник, платени преку Центрите за социјална работа“, рече Тренчевска.
Таа при непосреден разговор со давателот на услугата индивидуален третман посочи дека кај граѓаните треба да се подига свеста дека услугите кои ги носи министерството се токму за да се олесни нивното соопштение и истакна дека тие треба да се препознаваат и користат максимално од страна на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Да почекаме истрагата да даде одговор за наводите за транспортирани мозоци
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема јавно да коментира додека не се добијат поконкретни информации во врска со објавите дека мозоци на починати македонски државјани со психијатриска дијагноза биле транспортирани во САД за медицински истражувања.
„Не би коментирал јавно било што додека не добиеме поконкретно. Сепак е состојба што се случувала пред неколку децении. Да оставиме на обвинителството и истрагата да одговорат“, изјави Мицкоски на новинарско прашање.
Претходно денеска Јавно обвинителство соопшти дека, врз основа на повеќе информации објавени во медиумите, оформило предмет по допрен глас поради наводи поврзани со документите од случајот со Џефри Епстин.
Од Обвинителството информираа дека наводите упатуваат оти примероци од мозоци на починати лица од земјава наводно биле транспортирани во САД за научно-истражувачки цели.
„Имајќи ја во вид природата на наводите, кои вклучуваат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива, како и евентуални прашања за усогласеноста со законските и етичките стандарди за експерименти со човечки ткива и примероци, Јавното обвинителство оформи предмет со цел да ги испита сите индиции за евентуално постоење на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност“, соопштија од институцијата.
Предметот е доставен на надлежно постапување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое треба да преземе дејствија за прибирање официјални информации од надлежните органи, институции и здравствени установи, со цел да се утврди дали постоело евентуално нелегално постапување со човечки ткива и биоматеријали, како и можни пропусти или злоупотреби при добивање дозволи и согласности.
Македонија
Мицкоски: Чествувањето на Гоце Делчев нека ни биде пример како треба да ја градиме нашата Македонија
Денес го одбележуваме денот на раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, човек којшто оставил нераскинлива трага и денес се сеќаваме и го исполнуваме неговото дело коешто го направил и за македонскиот народ но и за Македонија како држава, но и генерално за сите граѓани, истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со министерот за култура, Зоран Љутков и министерката за образование, Весна Јаневска, положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев во црквата Свети Спас.
„Неговата борба за независна македонска држава, за држава во срцето на Балканот, јас би рекол е епска, за жал прерано го загубил својот живот на 31 година, имал уште многу што да каже доколку преживеел, но за жал не успеал повеќе од 31 година да живее и го положува својот живот повторно со идеалите за македонската држава.
Така што уште еднаш денес да си го спомнеме неговиот лик и дело, да го чествуваме и да го сеќаваме и тоа нека ни биде пример како понатаму треба да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија“, порача Мицкоски.
Македонија
Во 2025 поднесени 213 кривични пријави до ОЈО и ОЈО ГОКК, штета врз Буџетот од 102 милиони денари, соопшти Царинската управа
Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги минатата година поднесе вкупно 213 кривични пријави против 443 физички и 160 правни лица до Основното Јавно Обвинителство и Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Притоа, во 196 случаи е утврдена штета врз Буџетот од 102 милиони денари, соопшти Царнската управа.
Бројот на поднесени кривични пријави, додаваат од таму, е зголемен за повеќе од двојно споредбено со 2024 година, кога бeше поднесена 91 кривична пријава, при што најголем дел од поднесените кривични пријави, дури 80 проценти, беа евидентирани од октомври.
„За неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги се спроведени истраги и поднесени се седум кривични пријави, за криумчарење 40 кривични пријави, за царинска измама 39 кривични пријави, за фалсификување исправа 85 кривични пријави, а за недозволено тргување со оружје поднесени се седум кривични пријави. Поднесени се и кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување, вршење меѓународен јавен превоз без поседување лиценца, како и за избегнување плаќање акциза. Дури 103 од поднесените кривични пријави се поднесени за сторени кривични дела со 232 возила.
Во текот на предистражните дејствија од страна на службата против економски криминал при проверка на докази за потекло, до странски служби испратени се 450 барања, при што во 223 случаи е утврдено дека доказите за потекло се невалидни. Со странски служби извршена е и 71 проверка на увозни фактури. Дополнително од страна на службата за финансиски истраги отворени се 15 финансиски истраги против 19 физички и девет правни лица, при што целта е детекција и конфискација на нелегално стекнат имот, а со тоа и дестабилизација на криминалните групи.
Царинската управа продолжува со спроведување засилени контроли и истраги со цел ефикасна борба против криминалот и заштита на финансиските интереси на државата“.

