Македонија
Времето денеска дождливо, но потопло
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни, особено во јужните делови каде што ќе имаат пороен карактер. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, информираат од УХМР.
Во Скопје променливо облачно и релативно топло со повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне 15 степени.
Утринава температурите се следниве: 1 Попова Шапка, 3 Маврови Анови, 4 Крушево, 6 Охрид, Претор, 7 Берово, Прилеп, 8 Тетово, Битола, 9 Крива Паланка, Струмица, Кавадарци, Куманово, Виница, 10 Скопје-Зајчев Рид, Демир Капија, Дебар, Штип, Гевгелија, 11 Велес, 12 Скопје-Петровец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЛДП: Македонија под европскиот демократски штит од 2026 година
На 209-от состанок на Извршниот Комитет на Либералната Интернационала, што се одржа во Хаг, Холандија, едногласно беше усвоена предлог-резолуцијата поднесена од Либерално-демократската партија (ЛДП) од Северна Македонија. Со резолуцијата се поздравува и силно се поддржува предлогот на Европската Комисија за изградба на таканаречениот „Европски демократски штит“ за одбрана на демократијата во земјите-членки и во земјите кандидати од малигно надворешно влијание. Со овој чин, македонската демократија ќе биде ставена под заедничкиот европски штит од штетните и злонамерни влијанија кои имаат за цел да создадат недоверба во демократските институции, да предизвикаат опасна политичка поларизација во општеството и да внесат раздор меѓу европските земји, информираат од партијата.
Во усвоената резолуција, како што појаснуваат, ИК на Либералната Интернационала бара Европскиот демократски штит да биде ставен во функција веќе наредната 2026 година, со што ќе се обезбеди континуирана одбрана на либералните вредности и ќе се зацврсти патот кон солидно проширување на ЕУ. Комитетот, исто така, повикува да се одвојат неопходните финансиски средства кои експлицитно ќе ја штитат и Северна Македонија од злонамерните влијанија, особено од оние што доаѓаат од Руската Федерација и другите надворешни актери кои се обидуваат да ја поткопаат европската интеграција и демократскиот развој на земјата. Делегацијата на ЛДП ја предводи Емил Кирјас, потпретседател на ЛИ.
„Премногу често гледаме како официјална Москва, преку твитер профилите на своите амбасади во Скопје и соседните држави, подгрева раздор и недоверба кон институциите, демократскиот развој и односите со соседите. Тие објавуваат сосема спротивни твитови во Скопје и Софија за важни датуми, како што е денот кога ги чествуваме Светите Кирил и Методиј, или за оние кои го негираат геноцидот во 90-тите. Тие ставови подоцна стануваат дел од дискурсот на одредени политички актери и создаваат раздор. Очигледно е дека тоа не е добронамерно. Македонските граѓани мора да бидат сигурни дека самите ќе одлучуваат за сопствената иднина врз основа на добрите намери на домашните, а не на странските политички актери. Тоа е основата на секоја демократија. Европа може да се одбрани само со заеднички напори“, истакна потпретседателот на ЛИ, Емил Кирјас.
Македонија
Муртезани со корејскиот амбасадор Донгбае – Зајакнување на билатералната соработка и поддршката во развојни проекти
Министерот за европски прашања и национален координатор за странска помош, Орхан Муртезани, денеска оствари средба со нерезидентниот амбасадор на Република Кореја, со седиште во Софија, Ким Донгбае, на која се разговараше за унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на развојната помош, економските односи и можностите за идни заеднички проекти во области од заемен интерес. Муртезани изрази искрена благодарност за континуираната поддршка на Владата и народот на Република Кореја, особено за грант-помошта во вредност од околу 440 илјади американски долари за набавка на осум електрични возила и осум полначки станици за потребите на здравствените инспекторати.
Министерот нагласи дека Министерството за европски прашања, како институција надлежна за координација на процесот на европска интеграција, има клучна улога и во хоризонталната координација на странската помош во земјата, вклучувајќи ја и поддршката од Европската Унија и другите билатерални партнери. Во таа насока, беше изразена благодарност за минатогодишната грант-донација на Република Кореја која овозможи значајно подобрување на ИТ инфраструктурата во МЕП.
Муртезани ја истакна и успешната соработка меѓу царинските управи на двете земји, реализирана преку заеднички проекти за поддршка на малите и средни претпријатија и развој на е-трговијата, во вредност од околу 700 илјади долари, како и втората фаза на проектот, во износ од околу пет милиони евра, насочена кон унапредување на системите за управување со податоци и ризици. Муртезани и Донгбае ја потврдија подготвеноста за продлабочување на соработката во приоритетни области како дигитализацијата, сајбер безбедноста, здравствените услуги, јавната администрација, зелената агенда и енергетската транзиција.
Тој го информираше амбасадорот Ким за тековниот напредок на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија и ја потенцираше важноста од поддршката на пријателските земји, како Република Кореја, во остварувањето на стратешките цели на државата.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска на средба со делегација од Стопанската комора на Македонија-Турција
Денес, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, оствари работна средба со делегација од Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО). На овој работен состанок, таа ги запозна гостите со развојните потенцијали на општината, тековните активности за унапредување на деловната клима и стратешките насоки кои ја позиционираат Кисела Вода како сè поатрактивна средина за инвестирање.
Средбата помина во конструктивна атмосфера, во која двете страни разменија идеи за продлабочување на економската соработка меѓу локалната самоуправа и деловниот сектор. Разговорите беа насочени кон иницијативи за унапредување на приватниот сектор, реализација на проекти од областа на заштитата на животната средина, развој на лесната индустрија и создавање одржливи услови за економски раст.
Претставниците на МАТТО ја потврдија својата подготвеност за понатамошно институционално партнерство и заедничко создавање можности што ќе придонесат за унапредување на локалната економија и долгорочен развој на Општина Кисела Вода.

