Македонија
Државниот врв утре ќе ја одбележи 20-годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски
Со државнички активности, Владата на Република Северна Македонија на 26.02.2023 година (понеделник) ќе ја одбележи 20-годишнината од авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот.
На овогодинешното одбележување во Бутел, Скопје, со почеток во 12:00 часот, на гробот на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе сопругата на поранешниот претседател на Република Северна Македонија Борис Трајковски, Вилма Трајковска со членови од семејството, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, делегација на Собранието на Република Северна Македонија предводена од претседателот на Собранието, Јован Митрески, делегација на Владата на Република Северна Македонија составена од Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжена за политики на добро владеење и Ристо Пенов, министер за локална самоуправа. Потоа делегација на Армијата на Република Северна Македонија, како и делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.
Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи несреќата, во 10:00 часот ќе положат свежо цвеќе претставници од владината делегација составена од министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање и претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, полковник Билјана Блажеска, аѓутант на Претседателот на Република Северна Македонија.
Во Ротимље ќе присуствуваат и високи претставници од Босна и Херцеговина.
Во Струмица, со почеток во 10:00 часот на споменикот на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе делегацијата од Владата на Република Северна Македонија, предводена од Јованка Тренчевска, дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика, заедно со Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Дали е точно дека никој не се нафаќа да биде дел од органите на Филипче, тој со Заев ја држат партијата во заложништво
Според ВМРО-ДПМНЕ, единствениот формален функционер во СДС, Венко Филипче, овие денови се соочува со бран незадоволство и непоборлив факт што никој не сака да биде дел од високите органи на партијата.
„Се повеќе луѓе се противат на идејата партијата да биде маша на бизнис крими интересите на Зоран Заев со единствен извршител Венко Филипче.
Партијата е поделена на кланови, на поединци и групи каде што најлојален за пари до Венко е Никола Спасов.
Токму затоа Никола Спасов спроведува сценарио на дефокусирање од вистината и напад со лаги и дезинформации за наводни мигранти и наводно сторен криминал во случајот Томовски. Ниското политичко ниво и изразената некултура во соопштенијата и пресовите на СДС треба да го одвлече вниманието од фактот што денес СДС е во заложништво на бизнис интересите на струмичката фамилија Заеви“.
Венко Филипче, додаваат од партијата на власт, не може да состави основна екипа со која ќе ја владее СДС, партија со само 130 илјади гласови, а камо ли утре да пледира да владее со цела држава.
„Овие денови гледаме како СДС само тоне и станува жртва на сопствената пропаганда. Венко го доуништува и она малку што остана од некогаш големата СДС“.
Македонија
(Видео) Мицевски: Поднесовме Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со пратеници од коалицијата ВРЕДИ и ЗНАМ, ја поднесовме „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, истакна денеска Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„По ширењето на лажни вести, невистини и манипулации од страна на СДС, ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија подготви Резолуција со која еднаш засекогаш ставаме точка на измислената тема на мигранти од страна на СДС.
Дозволете ми, да ви ги претставам 9-те точки од кои се состои резолуцијата.
1.Се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии, со кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови.
2. Се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти на територијата на општините во државата и дека такви активности не се и нема да бидат дел од владините политики.
3. Се констатира дека ваквите дезинформации се шират свесно и континуирано, и покрај јасните и недвосмислени ставови на надлежните институции, со цел создавање паника, нарушување на јавната стабилност и остварување краткорочни политички интереси на сметка на безбедноста и спокојот на граѓаните, што е спротивно со правилата на поредокот меѓу кои Кривичниот законик, Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, како и Законот за спречување и заштита од дискриминација.
4. Се отфрлаат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната Влада на Зоран Заев поврзани со создавање кампови за прием и нега на мигранти, кои беа спротивни на националните и државните интереси и ја изложуваа државата на безбедносни и општествени ризици.
5. Се потенцира дека меѓуетничките односи, стабилноста, толеранцијата и меѓусебното почитување се суштинска вредност на општеството и дека секое неодговорно политичко дејствување кое што може да ги наруши овие односи претставува сериозна закана за општествената кохезија.
6. Се потврдува определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право, при што ниту еден надворешен процес не смее да биде на штета на безбедноста и стабилноста на државата.
7. Се повикуваат сите политички субјекти и јавните чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир.
8. Се утврдува дека со оваа резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови и се воспоставува јасна, недвосмислена и непроменлива државна политика против нелегалната миграција.
9. Оваа резолуција стапува во сила со денот на нејзиното донесување и ќе биде објавена во Службен весник“.
Со оваа Резолуција, нагласува Мицевски, се потврдува дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти.
Уверува дека граѓаните треба да бидат спокојни.
Македонија
(Видео) Да се испитаат потеклото на парите на Томовски и донациите во ДПМНЕ: антикорупцискиот тим на СДСМ со пријава до ДКСК
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска поднесува официјална пријава до Државната комисија за спречување корупција, околу случајот на „Сити Аутсорсинг“.
„Фирма која добила 161 тендер, вредни 9 милиони евра а само годинава заработила речиси половина милион евра. Фирма со семејни врски на Ивица Томовски, актуелниот директор на СОЗР со оваа фирма. ДКСК минатата недела отвори предмет за овој случај, но нема да дозволиме тоа да биде само уште еден случај во кој се „перат“ функционерите на ДПМНЕ“.
Оваа пријава, додаваат од СДСМ, ја поднесуваат со цел ДКСК темелно да ги испита донациите на Томовски кон ДПМНЕ, кои како што велат, во неколку наврати надминуваат сума од 800.000 денари.
„Какво е потеклото на парите кој Томовски ги донира на ДПМНЕ? Дали донираните пари се поврзни со оваа фирма? И веќе кога Томовски се огрдува и негира поврзаност со било каква фирма и приватен бизнис, од каде тогаш е потеклото на парите кои ги донира Томовски? Од каде има некој 800.000 денари да ги донира, од плата? ДКСК треба да истражи и да даде одговор на овие прашања.
Граѓаните се заситени од празни реторика на институциите и предмети кои користат за да се исперат функционерите на ДПМНЕ од одговорност“
Одговорност како што нагласуваат ќе има за секој инволвиран во криминал и корупција.

