Скопје
Заврши целосната реконструкција на детската градинка „Пчелка 2“ во населбата Лисиче
Со реновирање на внатрешноста на објектот, Општина Аеродром ја заврши втората фаза од проектот за реконструкција на објектот на клонот „Пчелка 2“ во населбата Лисиче кој е дел од детската градинка „Буба Мара“. Инвестицијата опфати промена на подот, бојадисување на ѕидовите, промена на осветлувањето и комплетна реконструкција на останатите делови од внатрешноста.

Градоначалникот Муцунски кој денес ја посети детската градинка истакна дека реконструкцијата на овој, но и други објекти за социјална заштита, се потврда за одговорниот однос кон јавните средства и грижа за дечињата во Аеродром, нагласувајќи дека унапредувањето на условите со ваков тип инвестиции ќе продолжи и во текот на целата година, известува општина Аеродром.

Во првата фаза беше реконструиран надворешниот дел од објектот, а со целосното завршување на реконструкцијата, овозможивме енергетска ефикасност на објектот и подобри услови за дечињата кои се згрижени тука. Проектот се реализираше со средства од буџетот на Општина Аеродром, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Левицата: Лицата со аутизам и Даунов синдром ќе добијат бесплатен паркинг во Скопје
Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје поднесе амандмани за измена на Програмата за повластен паркинг за лицата со попреченост.
Оваа Програма опфаќа одредени категории на лица со попреченост, но лицата со аутистичен спектар и Даунов синдром не беа опфатени, велат од партијата Левица.
„Четири години од оваа говорница се бориме за измена на оваа Програма.Секогаш се наоѓаше некаков изговор да не се направи тоа.На лицата со попреченост им е доста од изговори.Родителите на деца со аутизам и Даунов синдром и онака имаат големи финансиски издатоци за лекување на нивните деца кои Фондот за здравство не ги рефундира, плаќаат приватно дефектолози и сл.така да плаќањето на паркинг простор им е дополнителен товар, бидејќи некои од нив оваа услуга ја користат секојдневно” – истакна во своето излагање Катерина Јовановска- координаторот на советничката група на Левица.
„Иако првично од страна на Градот амандманите не беа прифатени, по аргументираното излагање на Јовановска Советот едногласно изгласа Заклучок – Програмата да биде изменета и лицата со аутистичен спектар и Даунов синдром да добијат повластен паркинг.
Истово ќе важи и за лицата со попреченост кои што не живеат во Скопје, а доаѓаат во главниот град за лекување“, се додава во соопштението на партијата Левица.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на улиците: Урош Џудовоќ, Осло, Будимпештанска, Лубица Георгиева (Општина Карпош)
Македонија
Кисела Вода и Агенцијата за катастар на недвижностите: Засилена соработка за поефикасна услуга
Денес, во Општина Кисела Вода се одржа средба меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска и директорот на Агенцијата за катастар на недвижностите на Република Македонија, Иван Живковски.
Како што известуваат од Општината, разговорот бил насочен кон зајакнување на соработката меѓу двете институции, со фокус на подобрување на услугите кон граѓаните, поголема достапност до податоци и унапредување на дигиталните процеси. На средбата беше договорено дополнително зајакнување на оваа соработка, особено во делот на дигиталните сервиси, со што граѓаните ќе добијат побрзи административни постапки и намалени трошоци, без потреба од непотребни чекори и обраќања кон повеќе институции, велат од Општината.

Беше констатирано дека модерното и транспарентно управување со податоци е неопходно за развој на општината, подобро планирање и подигнување на квалитетот на услугите. Посебен акцент беше ставен на можностите за интеграција на дел од дигиталните системи со олеснет пристап на Општината до катастарските податоци, што ќе придонесе за побрзо постапување по барањата на жителите и поголема ефикасност при издавање документи и спроведување урбанистички процеси, информираат од Општината.

„Како општина што силно инвестира во дигитализација, наш приоритет е граѓаните да добиваат услуга брзо, ефикасно и без непотребни административни бариери. Со Агенцијата за катастар на недвижностите имаме заедничка цел – да обезбедиме поголема достапност на услугите и унапредено управување со податоците. Денешната средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижностите, Иван Живковски, ја гледам како значаен чекор напред бидејќи интегрирањето на системите и размената на информациите ќе овозможи побрзо решавање на имотно-правните и на урбанистичките постапки. Сето ова е дел од нашата заедничка стратегија да ја направиме општина Кисела Вода модерна, ефикасна и лесно достапна за сите жители, каде што граѓаните ќе може брзо и безбедно да ги завршуваат своите административни обврски“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска.

