Македонија
Загрижени сме за Османи кој рече дека секој месец едвај врзува крај со крај: УМС на ВМРО-ДПМНЕ постави кутија за донации пред МНР
„Искрено и длабоко сме потресени од изјавата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој истакна дека секој месец едвај врзува крај со крај, а многупати се плаши да не треба да се задолжи кај своите пријатели. Во духот на нашиот политички ангажман насочен кон помош на оние кои им е најпотребно, а со оглед на тоа што Османи после 8-ми мај ќе го пратиме во политичка пензија и ќе остане без работа, одлучивме да преземеме акција и да ги направиме неговите опозициски денови поубави“, истакнуваат денеска од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Како УМС на ВМРО-ДПМНЕ, соопштија дека имаат поставено кутија за донации пред Министерството за надворешни работи, за што, како што велат, испраќаат апел до сите македонски граѓани да донираат.
„Ситуацијата во Македонија, за жал, е дојдена до ниво да можеме да ја опишеме само на саркастичен начин. Додека функционери чии блиски фирми добиваат милионски тендери и се жалат дека немаат, фондовите и институциите под нивна контрола се нефункционални, а ние како млади луѓе сме приморани сопствените средства, да ги двоиме за лекување на нашите сограѓани.
Во ситуација кога над 600.000 наши сограѓани живеат со само 150 денари на ден, кога потрошувачката кошница е 60 илјади денари, а платите изнесуваат околу 30.000 денари, безобразно е Бујар Османи да се жали со неговите над 120.000 денари плата“, вели Илија Ристески, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, деновите до крајот на ова безредие се одбројани. Македонија, како што истакнува Ристески, набргу повторно ќе добие политичари, кои се чесни, нова генерација лидери, кои ќе се грижат не за сопствениот џеб, туку за оние на кои помошта им е најпотребна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

