Македонија
Десет пожари на отворено во последното деноноќие

Центарот за управување со кризи информира дека имало вкупно 10 пожари на отворено во државата во последното деноноќие, а пожарникарите сите ги изгаснале истовремено гаснејќи и други пожари во населените места. Конкретно, Регионалниот ЦУК Скопје информира за три пријавени и изгаснати пожари на отворено, РЦУК Охрид за еден и Регионалниот ЦУК Штип информира за шест пријавени и изгаснати пожари на отворено.
Сите итни случаи се пријавуваат на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.
Истовремено, ЦУК информира дека потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
Во последното деноноќие имало вкупно 1 732 повици на единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК, од кои реални биле 43,30 %, а 56,70 % биле за други потреби на граѓаните, што не биле итни. Кон полицијата биле упатени 59,21 %, кон итната медицинска помош 31,14 %, кон пожарникарите 7,89 % а кон ЦУК 1,75 % од реалните повици кон 112 во ЦУК. Збирот на повици што биле за комбинирано решавање од реалните во ЦУК – 1,75 %, со другите 56,70 %, што се именувани како неитни повици, биле вкупно 986 на број и биле предмет на примање, селективна обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи во согласност со природата на пријавените итни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче сака на лидерска да се разговара за реформите и националните интереси, ќе предложи агенда в понеделник

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека в понеделник, на Националниот совет за евроинтеграции со кој претседава во Собранието, ќе предложи конкретна агенда составена од најважните точки поврзани со реформскиот пат и националните интереси, за кои најголемите политички партии треба да разговараат на лидерска средба.
„Јасни се пораките од ЕУ. Сите укажуваат дека патот по кој треба да се движиме е јасен. Додека чекаме и не правиме ништо, сè што се случува е само губење на време. Младите тоа го гледаат и го доживуваат како дополнителен стимул за побрзо иселување. Никој повеќе од младите генерации нема да ја гледа својата иднина во Македонија ако не направиме ништо за да го откочиме евроинтегративниот процес и заеднички да работиме на унапредување на многу сфери во нашата земја, што ќе го направи животот подобар и поквалитетен“, истакна Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
Филипче рече дека тој и Социјалдемократскиот сојуз често се иницијатори на заеднички средби и разговори за теми од национален интерес, за кои е потребен национален консензус.
„Многу пати иницираме и работа на конкретни теми. Инициравме заеднички средби за реформската агенда и за постигнување консензус околу тие прашања“, рече Филипче.
Сепак, и покрај конструктивниот пристап и учеството во работните групи за клучни закони – како што е Законот за енергетика – Филипче смета дека Владата во последен момент поднела амандмани спротивни на европските стандарди.
„За жал, добро започна работата со Законот за енергетика, но во последен момент Владата даде амандмани кои се целосно спротивни на вредностите што ги промовира Европската Унија. Со тие амандмани, во регулаторните тела ќе влегуваат лица кои претходно работеле во индустрии што биле под надлежност на истите регулаторни тела. Тоа не постои никаде во Европа“, оцени Филипче.
Претседателот на СДСМ очекува продолжување на работата на реформската агенда, особено во делот на правосудството. Тој нагласи дека експертите номинирани од СДСМ ги дале своите мислења за предложените закони, но досега не добиле никаков одговор. Сепак, тој повтори дека СДСМ останува подготвен да работи заеднички за доброто и напредокот на државата.
Македонија
Длабока тишина и солзи на улиците во Кочани: родителите со фотографии од загинатите деца на „Маршот на ангелите“

Во Кочани почна „Маршот на ангелите“ кој го преводат родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во атмосфера на длабока, долга и гласна тишина тие чекорат низ улиците, во рацете држејќи фотографии од своите деца и барајќи неслективна правда. Кон протестот се приклучија голем број граѓани, а поддршка на маршот даде и движењето „Кој е следен?” кое организира бесплатен автобуски превоз до градот.
Маршот почна од Паркот на Револуцијата и продолжи кон Трговскиот центар по што учесниците ќе се упатат кон општинската зграда, а оттаму кон Полициската станица и пред Основниот суд и Обвинителството во Кочани.
Македонија
Сиљановска положи венец пред спомен плочата на македонски јазик во базиликата во Рим

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја посети базиликата Санта Марија Маџоре, во рамки на престојот во Рим по повод чествувањето на 24-ти Мај – Денот на сесловенските просветители.
Во базиликата таа положи венец пред спомен плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј и оддаде почит на гробот на Неговата светост, папата Франциск.
Претседателката, по посетата изјави дека е инспиративно да прочитате на македонски јазик, покрај на другите словенски јазици, дека без делото на Кирил веројатно тешко би се просветиле, бидејќи тој е носителот, промоторот на писменоста, а без писменост не можете ни умот, ни мислите да ги изразите.
За неодамна починатиот папа Франциск, со кој Сиљановска-Давкова, минатата година во Рим долго разговараше, нагласи дека тој ќе остане запаметен по неговата посветеноста, ерудиција, по блискоста до граѓаните, верниците, по длабоката верба во Бога, во мирот, човек посветен на обичните и на сиромашните.