Македонија
Зибери го повика МВР да биде поефикасно: Голем број исправи се ставени на страна и граѓаните не може да си ги подигнат
До Народниот правобранител пристигнуваат преставки на граѓаните во однос на неможноста да си ги подигнат личните документи. Во изминатите два месеца стигнале 50 претставки за лични документи по разна основа – неможноста да се подигне документот, да се закаже термин или за надомест на трошок бидејќи рокот на важноста на старите не е истечен.
Народниот правобранител Насер Зибери на брифинг со новинарите се осврна на групата граѓани што веќе го поминале процесот на фотографирање, потоа и процесот на обработка и одобрување, но документите не им се издаваат, што е проблематично.
„Предводејќи се од претставките, народниот правобранител во два наврата ги посети главните пункови во Скопје, при што се потврдија наводите во претставките дека сериозен број исправи – лични карти, дозволи, па и патни исправи, се ставени на страна и органот нема увид за нивното распределување, односно издавање“, рече Зибери.
До него стигнале и претставки од граѓани што имаат итна и неодложна потреба за патување поради здравствени, научни, студиски, деловни причини. Во неколку наврати тимот на народниот правобранител во соработка со службите во МВР успешно ги реализирал барањата, но Зибери вели дека станува збор за неприродна ситуација.
„МВР треба тоа да го прави, а не по наше барање дека ‘тој и тој има итна потреба од патување’, па да ја бараме личната исправа.
Зибери порача до МВР да направи добра реорганизација и процесот на издавање готови исправи да тече нормално и да нема доцнење.
Тој говореше и за проблемот со граѓаните што наполниле или ќе наполнат 18 години, а немаат лични карти, ниту патни исправи и во прашање е доведено нивното уставно загарантирано право на учество во изборниот процес.
Некои од тие лица имаат патна исправа, но со стар образец, и во согласност со регулативата се невалидни за учество во изборниот процес.
„Владата веднаш да го разгледа проблемот, да утврди редослед на приоритет. Да ја детектира оваа група граѓани и да им даде прироритет за личните карти да им бидат обезбедени“, повика Зибери.
Во одонс на личните карти со трајна важност, народниот правобранител рече дека иако правото е загарантирано во Законот за личните карти, тоа не се спроведува.
„Ако МВР го примени членот, ќе се надмине притисокот во иднина за обновување на личните карти, граѓаните над 65 години ќе имаат трајна лична карта“, порача Зибери.
Апелира до МВР да ја примени оваа одредба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Техничката влада мора да остане, условите во општеството се како во 2016 година, велат од СДСМ
„Слободната волја на граѓаните, демократијата и фер избори не е се прашања за политички пазар. Техничката влада мора да остане. Укинувањето може да се случи во оној момент кога општеството ќе биде спремно а за тоа се неопходни реформи по европски стандарди особено во делот на правосудството“, велат од СДСМ.
„Кога ќе бидат применети сите реформски закони кои се дел препораките на ЕУ и оценската мисија, во сферата на правосудството, обвинителството, полиција, правото и правната држава, во тој момент ние како држава ќе бидеме спремни да може да се укине техничката влада.
Тоа е клучно. Дотогаш техничката влада мора да остане.
Затоа што условите во општеството се исти како во 2016 година, криминал, корупција, заробени институции, партизација, контрола врз правосудството.
После се што изнесовме во јавноста на граѓаните им е кристално јасно.
Сѐ што најавивме – се оствари. Ги разоткривме сите планови на власта и сите планирани чекори.
Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сака дијалог, туку алиби за распишување на предвремени избори кои веќе им се договорени. Не сакаат реформи за ЕУ, туку покритие за намерна изолација на земјата.
Нека се договара ВМРО со ДУИ што сака. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Наша обврска е власта да ја вратиме во рацете на народот“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.

