Култура
Костадиновска-Стојчевска: Нови идеи и заеднички активности со музеите во Ватикан

Изложба со македонски икони во Музејот на Ватикан е една од точките за која е постигнат првичен договор помеѓу министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и заменикот уметничко-научен директор на Музејот, Џандоменико Спинола, на нивниот состанок одржан во Ватикан. Нашата држава одново ќе има можност на светската јавност да ѝ ги претстави културното наследство и вредните икони изработени од македонски автори, информираат од Министерството за култура.
Покрај оваа изложба, за која музејот во Ватикан покажал особен интерес, било договорено да се овозможат услови за организирање и други изложби преку кои македонската уметност ќе се промовира како дел од европската, со своја посебност и важност. Министерката Костадиновска Стојчевска го поканила директорот Спинола во Скопје за оваа соработка да продолжи со настани во нашата држава на кои Ватикан ќе претстави дел од својата уметничка архива.
Значењето на македонското културно наследство беше и во фокус на изложбата „Манастирите од Северна Македонија“, која е поставена токму во Ватикан, во македонската амбасада, на која преку фотографиите на Стојан Стојановски светот се запознава со средновековните манастири.
При посетата на изложбата Костадиновска-Стојчевска ја потенцира непроценливата вредност на нашето културно и историско наследство, како и умешноста на градителите на македонските цркви и манастири.
Заедничките планови со Ватикан во иднина, како и поставената изложба, се потврда за добрите и нов потег да се продлабочат 30-годишните прјателски односи што ги имаме со Светиот Престол и преку која меѓународно ја промовираме македонската културна историја.
Во таа насока беше и состанокот на министерката со хуманитарната организација на Католичката црква, „Каритас интернационалис“. Со нив е отворена идејата да се организира настан за Мајка Тереза преку поголем број активности во кои ќе се вклучат академската заедница и студентите.
Пред состаноците со официјалните претставници од Ватикан, министерката Костадиновска-Стојчевска имаше работен состанок и во македонската амбасада при Светата Столица, со што официјално ја почна посетата на Рим. Со амбасадорката Марија Ефремова, покрај другите, се отвориле и прашањата за чествувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј, кога нашата култура ќе има свое традиционално претставување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Претставата „Едмонд“ денес премиерно во Битолски театар

Претставата „Едмонд“ според текстот на Дејвид Мемет, а во режија на Оливер Мицевски, денес премиерно ќе биде одиграна на големата сцена на Битолскиот народен театар. Се работи за петта по ред премиера за оваа година. Директорот Васко Мавровски вели дека во периодот септември 2024 / јуни 2025, е постигнат е апсолутен рекорд на премиерно изведени претстави, 12, а следи и премиерата на “Рибарски караници” која ќе се одигра на 25.07.
„Во овој период одиграни се 129 претстави, или на секои 2.5 дена се изведувала по една претстава. Во салите на НТБ, не посетиле 25.141 гледач, или во просек сме имале по 194 гледачи по претстава“, рече директорот Мавровски.
„ Јас сум радосен што работам овде, бидејќи не сум работел во земјава од 2011, и е убаво да се работи на својот јазик. Ние имавме многу убави осум недели работа и веруваме дека завршивме одлична работа. Беше задоволство да се работи со талентираниот ансамбл на Народен Театар Битола, предводен од Огнен Дранговски, еден од најдобрите актери во Македонија и Балканот. Верувам дека ЕДМОНД ќе стане значајна точка во несомнено богатата историја на Народен Театар Битола“, рече режисерот Оливер Мицевски.
Претставата го следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што барајќи возбуда и среќа, од баналноста на неговата канцеларија и монотон семеен живот завршува како убиец и подоцна како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референци на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и агресивни сцени, главното прашање коешто Едмонд го отвора е прашањето на слободата. Што е слободата всушност? Дали потрагата по слобода прави всушност, незабележително да станеме робови на својата (потрага по) слобода. Дали откажувањето / лимитирањето на своите желби го олеснува патот кон слободата? Не случајно, мотото на Едмонд е : “Внимавај што посакуваш.”
Покрај Дранговски во претставата играат Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.
Култура
Скопско лето: В понеделник џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје в понеделник повикува на џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан со почеток во 20.30 часот. Покрај Шаревски, ќе учествуваат и Акира Накамура од Окинава, Јапонија на тапани и Оливер Јосифовски на контрабас.
„Извонредна интеркултурна соработка, каде што триото на Георги Шаревски се обединува со еминентниот јапонски тапанар Акира Накамура за динамичен настап што умешно ја обединува источната прецизност со европската џез естетика.Предводено од македонскиот гитарист и композитор Георги Шаревски, фокусот на ова посебно трио се автентични авторски композиции, прецизна меѓусебна комуникација и соврмени хармонски структури. Со приклучувањето на Накамура и неговиот изразен ритмички јазик и смела импровизациска визија, овој исклучителен настап претставува возбудливо музичко патување исполнето со спонтаност, експлозивна енергија и бесконечен грув“, велат од Дирекцијата за култура и уметност.
Публиката ќе има можност да слушне внимателно избрана програма составена од авторски композиции, кои ги прошируваат хоризонтите на современиот џез израз.
Култура
Џез концерт на 30 јуни – Георги Шарески Трио во Сули ан

Во рамки на програмата на Скопско лето на 30 јуни (понеделник) во 20:30 часот во Сули ан (Стара Чаршија) ќе се одржи концерт на Георги Шарески Трио.
Организаторите велат дека овој концерт претставува извонредна интеркултурна музичка соработка, каде што триото на македонскиот гитарист и композитор Георги Шарески се обединува со врвниот јапонски тапанар Акира Накамура, како и со истакнатиот контрабасист Оливер Јосифовски. Настапот нуди динамична комбинација на автентични авторски композиции, ритмичка прецизност, импровизација и бесконечен џез грув.
Програмата опфаќа внимателно избрани композиции кои ја истражуваат границата помеѓу современиот џез и традиционалната музика, исполнета со енергија, спонтаност и иновативност. Ова е прво гостување на Акира Накамура во Македонија – музичар со светска кариера, кој има соработувано со имиња како Хироми Уехара, David Fiuczynski и BIGYUKI.
Билетите се продаваат по цена од 400 денари, и можат да се набават на влезот од Сули ан, на денот на настанот и онлајн преку платформата Купи карти: https://www.karti.com.mk/skopsko-leto.nspx.