Свет
САД, Египет и Катар повикаа на прекин на огнот во Газа, Нетанјаху ги објави барањата
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, повторно го повика Хамас да направи отстапки пред понатамошните преговори за нов прекин на огнот и враќање на заложниците од Газа, во синоќешниот говор во Тел Авив, пренесува „ДПА“.
Израел вчера не испрати преговарачки тим на преговорите во Каиро со цел да се постигне прекин на огнот во Газа и размена на заложници, додека делегацијата на Хамас беше во египетската престолнина. Израел, меѓу другото, бара список на заложници кои сè уште ги држи Хамас пред да се согласи да учествува во преговорите со посредство на САД, Египет и Катар.
Нетанјаху рече дека е премногу рано да се каже дали ќе има цврста рамка за договор во следните неколку дена.
Израел, исто така, сака да го одреди бројот на палестински затвореници кои Хамас сака да бидат ослободени за секој ослободен заложник. Според неодамнешните извештаи на медиумите, нацрт-договорот за кој се разговараше последните денови може да дозволи размена на 40 заложници за 400 Палестинци во израелските затвори.
Но, Нетанјаху рече дека сè уште не добил задоволителни одговори и го отфрли меѓународниот притисок да се стави крај на војната пред Израел да ги постигне сите свои цели. Нетанјаху рече: Со или без договор, ќе се бориме до целосна победа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Експлозии пријавени низ Иран
Неколку експлозии се пријавени нво Иран денеска, во услови на зголемени стравувања од војна во регионот, јави ДПА.
Во пристанишниот град Бандар Абас, на Персискиот Залив, едно лице загина, а 14 се повредени во експлозија, соопшти новинската агенција Тасним, која е блиска до Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Очевидци пријавиле и најмалку една експлозија во близина на главниот град Техеран. Иранските медиуми, повикувајќи се на официјален извор, наведоа дека се запалила трска во корито на река.
Во југозападниот дел на Иран, онлајн-порталот Нур њуз, повикувајќи се на шефот на противпожарната служба во градот Ахваз, објави дека експлозија на гас усмртила четири лица.
Тасним ги демантираше гласините дека експлозијата во Бандар Абас била обид за напад врз командантот на морнарицата на ИРГЦ, Алиреза Тангсири.
Државната новинска агенција ИРНА објави фотографија од делумно уништениот преден дел на повеќекатна станбена зграда. Државната телевизија соопшти дека експлозијата била предизвикана од истекување гас.
Наскоро треба да започне тридневна поморска воена вежба на ИРГЦ во Персискиот Залив, во која се очекува да учествуваат и Кина и Русија.
Маневрите се најавени во период кога американскиот претседател Доналд Трамп распореди флота, вклучително и носачи на авиони, во регионот.
Трамп во повеќе наврати ѝ се закануваше на власта во Техеран со интервенција, поради, како што наведе, бруталното задушување на протестите од страна на иранскиот безбедносен апарат.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.

