Економија
МЗШВ: Дополнителниот заменик-министер е против малите производители на храна и малите винарници
„Во интерес на точно информирање на јавноста, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како неточни и крајно погрешни ги оценува денешните тврдења на дополнителниот заменик-министер Трипуновски дека надвор од законот се исплатени средства за финансиска поддршка на малите производители на храна и пијалаци“, соопштува МЗШВ.
„Вистината е дека овие програми се реализираат преку законот за извршување на буџетот, нешто што и во самата програма јасно е наведено. Вистина е дека малите производители на храна и малите винарници се успешна приказна по која како држава сме препознатлви во регионот.
Останува прашањето што треба да го одговори дополнителниот заменик-министер дали е против поддршката кон малите производители на храна и пијалаци?
Преку овие неточни обвинувања дополнителниот заменик-министер јасно праќа порака дека е против малите производители на храна, малите винарници, против жените земјоделки и младите земјоделци, кои се диреткни корисници на овие програми.
Дополнителнот заменик-министер е против успешната мала винарница „Друм“ од Виница, во чија посета лично беше и сам. Против Силвана, жена земјоделка од Берово, мал производител на храна, која има набавено опрема за преработка на сливи, која самата ги произведува.
Токму ова Министерство заедно со Националната федерација на фармерите, заедно со македонските семејни винарници и со АХВ во 2019 година подготви и донесе два правилника за продажба од куќен праг, преку кои им овозможивме на земјоделците од своето производство да подготват финален производ и слободно може да го продаваат од својот дом или фарма. Истата година преку измени во Законот за виното се ослеснува постапката за регистрација и отвора можноста за регистрирање мали семејни винарници.
Со овие нови програми Министерството доделува грант поддршка до 10.000 евра за набавка на опрема за производство на малите производители на храна и малите винарници. Програми што се широко поддржани од земјоделците.
Преку нив само во овие години како Министерство сме поддржале повеќе од 270 мали производители, од кои 66 корисници се жени земјоделки.
Дека овие програми дале резултати говорат и бројките.
Денес, бележиме бројка од вкупно 173 регистрирани мали семејни винарници, односно од 2020 до 2022 регистрирани се 83 мали семејни винарници, а само во 2023 година имаме регистрирани нови 95 мали винарници. Денес, вкупниот број регистрирани винарски визби во државата изнесува 255, што претставува бројка за почит, а дополнителниот заменик-министер е против нив.
Денес, имаме вкупно 2.508 регистирани оператори со храна од животинско и неживотнско потекло во Агенцијата за храна и ветеринасрство. Или само во една година бележиме нови 1.540 регистрирани опрератори со храна од животинско потекло и 420 нови регистрирани опрератори од неживотинско потекло.
Ние како Министерство се гордееме со малите производители. Нашата поддршка кон нив ја продолжуваме и оваа година“, се наведува во соопштението на МЗШВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.
Економија
Дурмиши на средба со Тигањ: Извозот на Македонија кон Хрватска во последните години значително зголемен
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, оствари работна средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Северна Македонија, Нивес Тигањ, на која беа разгледани состојбите и перспективите за унапредување на билатералната економска соработка меѓу двете пријателски земји.
На средбата беше констатирано дека одличните политички односи и традиционално добрите билатерални врски создаваат силна основа за натамошно интензивирање на економската и бизнис соработката, особено во контекст на европската интеграција и регионалната поврзаност.
Дурмиши ја истакна позитивната динамика во надворешно-трговската размена, при што вкупната трговија меѓу двете земји бележи континуиран раст, а извозот на Република Северна Македонија кон Хрватска во последните години значително се зголемува. Двајцата соговорници се согласија дека постои дополнителен потенцијал за продлабочување на соработката во клучни сектори како што се прехранбената индустрија, енергетиката, фармацијата, градежништвото, индустриското производство и туризмот.
Економија
Димовски-Рајс: разговарано за можностите за нови потенцијални инвестиции
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски оствари успешна средба со Мисти Рајс, извршен директор за владини работи на Магна Интернационал, компанија која во државата веќе има две фабрики во рамки на ТИРЗ Струга и ТИРЗ Штип. На средбата се разговараше за тековните активности на компанијата на глобално ниво, напредокот во Македонија, како и можностите за нови потенцијални инвестиции, се истакнува во соопштението.
Димовски ја истакна улогата на Дирекцијата за ТИРЗ и Владата во создавањето стабилна, предвидлива и конкурентна деловна средина за странските инвеститори, потенцирајќи дека континуираниот дијалог со постојните компании е клучен за долгорочен раст и проширување на инвестициите. Тој нагласи дека институционалната поддршка и координацијата со останатите државни органи претставуваат основа за одржување на довербата кај странските инвеститори. Потенцирајќи ги фабриките на Магна кои работат во рамки на зоните како едни од позначајните капацитети, тој посочи дека главната цел е обезбедување услови во кои постојните инвеститори ќе можат успешно да се развиваат, да ја унапредуваат својата продуктивност и да креираат додадена вредност за националната економија.
Мисти Рајс изрази задоволство од досегашната соработка со институциите и од оперативните резултати на компанијата во земјата, нагласувајќи дека Магна Интернационал внимателно ги следи можностите за понатамошно проширување на своите активности, во согласност со глобалните стратешки приоритети на компанијата.

