Македонија
Лекарите очекуваат пандемски раст на заболените: дебелината е хронична и прогресивна болест, мора да се лекува
Дебелината треба да се сфати како хронична и прогресивна болест, која мора да се лекува, предупредија денес лекарите од двата центри за менаџирање на дебелината во земјата на Светскиот ден на борбата против дебелината. Ирфан Ахмети од Центарот за менаџирање дебелина при Клиниката за ендокринологија вели дека предвидувањата за оваа болест и кај нас и во светот се многу песимистички.
„Последните 30 години дебелината во светски рамки е тројно зголемена. Предвидувањата во смисла на прогресија на оваа болест се песимистички, односно се очекува пандемски раст на оваа болест. Кај нас околу 28 % од популацијата се обезни. Обезноста е во подем и кај деца и кај адолесценти. Некаде околу 30 % се натхранети и обезни. Велам натхранети затоа што доколку не се интервенира, тие преминуваат во обезни како деца и како адолесценти. Обезни деца има околу 13,5 %“, вели ендокринологот Ахмети.
Тој повика да се зборува за дебелината како болест што мора да се лекува и тоа да го прават не само лекарите туку сите за да се крене свесноста и пациентите да појдат да побараат помош.
„Во двата отворени центри за менаџирање обезност, едниот во ‘8 Септември’, а другиот на Клиниката за ендокринологија, 650 пациенти ни се регистрирани за овие шест месеци. Ни доаѓаат пациенти со прилично потешка обезност, класа три. Околу 60 % се такви. За такви пациенти даваме и терапија и тие се мотивирани почесто да доаѓаат на контроли со цел да намалат во телесната тежина. Податоците од ‘Мој термин’ говорат дека имаме само 14.000 регистрирани пациенти со обезност, што е приближно 10 % од реалните бројки. Многу е важно да зборуваме отворено за оваа болест со цел да се избегне и стигмата и кога повеќе ќе се зборува, ќе се подигне свеста навремено лицето што е обезно да се упати без никакви комплекси за барање помош“, вели Ахмети.
Дијагностицирањето, според него, не мора да се прави во центрите за менаџирање дебелина, туку да почнува кај матичните лекари со едноставно мерење на телесната тежина и совети за сите што имаат поголема телесна тежина за здрав начин на живеење и нивно следење.
Ендокринологот Хасан Танер од Центарот за менаџирање дебелина во болницата „8 Септември“ вели дека откога е отворен Центарот, свеста дека дебелината е болест полека се крева.
„Многу беше тешко да се пробие таа стигма на болеста, да се прифати како хронична и прогресивна болест, на која треба цел живот да се внимава и да се лекува. На светско ниво знаеме дека преваленцијата е околу 30 – 35 %. Верувам дека, според нашите клинички сознанија, тој процент е застапен и кај нас, меѓутоа досега не сме имале регистар на пациенти со дијагноза Р 66 и, за жал, пациентите доаѓале со компликации. Се лекувале компликациите, меѓутоа примарната дијагноза не била запишана во регистарот“, рече ендокринологот Танер.
Нови центри за менаџирање дебелина лекарите најавија на Детската клиника во Скопје, Тетово, Штип и во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

