Свет
Медицинско лице извршило сексуален напад врз онесвестена пациентка во Калифорнија
Џејкоб Даниел Хартман, медицинско лице во Риверсајд, Калифорнија, е обвинет за сексуален напад на онесвестена пациентка во болницата Кајзер Перманенте.
27-годишниот Хартман, беше уапсен откако беше обвинет за сексуален напад врз онесвестената личност.
Според јавните изјави, нападот се случил во средината на јануари, кога Хартман нападнал пациентка која се лекувала во таа болница. По апсењето, Џејкоб платил кауција од 55.000 долари и веднаш бил пуштен од притвор.
Хартман работи во болницата Кајзер Перманенте од 2018 година како здравствен едукатор, според информациите на неговата страница Линкедин.
Болницата објави соопштение во кое нагласува дека безбедноста и квалитетот на грижата за пациентите се нивен главен приоритет и дека веднаш започнале внатрешна истрага откако дознале за обвинувањата против Хартман.
Инспекторите веруваат дека постои можност за дополнителни жртви кои се уште не се јавиле и ги повикуваат сите потенцијални жртви да контактираат со полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Грузија го усвои контроверзниот „руски закон“, кој предизвика хаос во земјата
Грузискиот парламент го усвои контроверзниот закон за странските агенти и покрај големото противење на граѓаните и предупредувањата од Европската Унија дека неговото донесување ќе ги загрози шансите на земјата да му се приклучи на блокот.
Новиот закон ќе бара организациите што добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како агенти на странско влијание или ќе се соочат со високи казни. Противниците велат дека законот е направен според слични закони во Русија ,кои Кремљ ги користел за да ги задуши опозицијата и граѓанското општество.
Многу Грузијци стравуваат дека законот за странски агенти ќе се користи на ист начин во нивната земја. Масовните демонстрации со денови го парализираат главниот град Тбилиси.
Грузискиот сон, владејачката партија која го протурка законот, возврати на критиките велејќи дека овој потег ќе ги промовира транспарентноста и националниот суверенитет.
Грузискиот парламент сега има 10 дена да го испрати нацртот до претседателката Саломе Зурабичвили, која веќе вети дека ќе стави вето.
Претседателката има две недели да го стори тоа, но парламентот може да го отфрли нејзиниот приговор со просто мнозинство.
Регион
Нови сведоци во случајот за убиството на Данка Илиќ: закажани рочишта, телото на детето сѐ уште не е пронајдено
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар на 27 и 28 мај е закажан распитот на нови сведоци во врска со истрагата против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, осомничени за убиството на двегодишната Данка Илиќ, објавија српските медиуми.
Од обвинителството за „Танјуг“ велат дека е завршен дел од ДНК-испитувањето на примероците земени и од автомобилот што го управувале осомничените, а на нив не е пронајдена ДНК на девојчето.
Од таму додаваат дека вештачењето на движењата на возилата на осомничените врз основа на ГПС-уредот е во тек, а психијатриското вештачење на осомничените е завршено, но наодот и мислењето на вештачењето сѐ уште не се доставени до Обвинителството.
Покрај Дејан Д. и Срѓан Ј., во притвор е и таткото на Дејан, кој е осомничен дека му помогнал на синот да го премести телото на девојчето.
Братот на Дејан Д., Далибор Драгијевиќ, почина на 7 април во просториите на Полициското одделение во Бор при приведувањето.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско Поле кај Бор, а полицијата по 10-дневна потрага и детаљни проверки на сите индиции и информации, ги уапси Срѓан Ј. и Драган Д. од Бор, кои се осомничени дека го удриле девојчето со автомобилот, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот и го однеле на депонија.
Телото на девојчето сѐ уште не е пронајдено.
Свет
САД воведоа огромни царини, ова е најсилниот удар за кинеските автомобили досега
САД ги зголемуваат царините за електричните возила од Кина од 25 на 100 отсто, објави денеска Белата куќа по серијата остри мерки со кои администрацијата на Џо Бајден се обидува да го ограничи увозот од таа земја.
Новите тарифи ќе важат не само за електричните возила туку и за батериите и соларните панели, полуспроводниците, пристанишните кранови и некои медицински производи, како што се заштитните маски.
„Денешното соопштение е одраз на посветеноста на претседателот Џо Бајден да се грижи за американските работници. Кога ќе се соочиме со непочитување на правилата за конкуренција и нелојални практики од странство, претседателот ќе искористи сѐ што има на располагање за да ги заштити американските работници и индустријата“, се додава во соопштението на Белата куќа.
Белата куќа вели дека мерките се неопходни затоа што Кина ги преплавува светските пазари со вештачки создаден евтин извоз, а Бајден реагира и покрај напорите за стабилизирање на односите со Пекинг, рече Лаел Брејнард, директорка на Националниот економски совет.
Илон Маск, извршен директор на компанијата за електрични автомобили „Тесла“, исто така постојано предупредуваше дека кинеските производители имаат неправедна предност.
Според американската влада, овие мерки ќе влијаат на извозот од Кина, кој изнесува 18 милијарди долари. Треба да се очекува дека Пекинг ќе возврати со одмазднички мерки.
Одлуките се резултат на четиригодишната ревизија на постојните царини што поранешниот претседател Доналд Трамп ги воведе во неговата трговска војна против Кина.