Свет
Макрон: На Европа ѝ треба стратешко будење поради Русија
Францускиот претседател Емануел Макрон пред денешната посета на Прага апелира дека на Европа ѝ е потребно стратешко будење бидејќи Русија игра со времето и порача дека ништо не е исклучено во дебатата за тоа што може да се направи за да ѝ се помогне на Украина.
„Во одговор на прашањето што ми беше поставено за испраќање единици во Украина реков дека ништо не е исклучено. Секој збор е важен. Токму сега Европејците треба да се запрашаат дали нивната сегашна стратегија одговара на декларираните цели. На нашите демократии им треба поттик, им треба стратешко будење“, рече Макрон во интервју за чешкиот дневен весник „Право“ и онлајн-изданието на тој весник „Новинки“.
Во интервјуто што беше објавено денеска, а и во вчерашното соопштение, нема изјава што ја цитираа руските медиуми дека Франција не планира да испрати свои војници во Украина во блиска иднина.
„Отвораме дебата и размислуваме за се што може да се направи за да и се помогне на Украина. Секогаш сум кажувал каква е нашата рамка: ние не војуваме против рускиот народ и одбиваме да влеземе во логиката на ескалација. Но, Украинците се борат за нашите вредности, нашата безбедност и слобода и нашиот пристап мора да биде адекватен на тој предизвик“, рече францускиот претседател.
Емануел Макрон предупреди дека режимот на рускиот претседател не победи во таа војна како што тој се обидува да ја прикаже.
„Напротив, Русија претрпе низа стратешки неуспеси, НАТО се зајакна и донесовме одлука Украина да ги почне преговорите за влез во Европската Унија. Русија сега се обидува да нè натера да веруваме дека времето е на нејзина страна и ние ќе продолжиме да правиме сè што е потребно и онолку долго колку што е потребно за да не успееме, и оваа пресметка и нејзината агресија“, рече Макрон.
Францускиот претседател потсети дека на крајот на февруари членките на ЕУ на конференцијата во Париз се согласија да направат повеќе за Украина во пет области – сајбер-одбрана, заедничко производство на оружје во Украина, за безбедноста на земјите што се директно загрозени од руските офанзива, како што е Молдавија, во зајакнувањето на границата на Украина со Белорусија и отстранувањето мини.
Претседателот Макрон денеска во Прага ќе разговара со чешкиот претседател Петр Павел за чешката иницијатива за пронаоѓање 1,4 милијарда долари за купување 800.000 парчиња муниција, а се очекува францускиот претседател денеска да ја соопшти сумата што Франција би ја инвестирала.
Со чешкиот премиер Петр Фијала претседателот Макрон ќе разговара, пред сè, за нуклеарната енергија бидејќи на тендерот за изградба на нов реактор во централата „Дуковани“ учествува француската компанија ЕДФ, а чешката влада планира да гради, наместо два, дури четири нови реактори во нуклеарните централи „Дуковани“ и „Темелин“.
Макрон и Фијала ќе го потпишат и акцискиот план на стратешкото партнерство на Франција и Чешка за периодот од 2024 до 2028 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел ги засили нападите врз јужен Либан
Израел денес ги засили воздушните напади врз јужен Либан, при што загина најмалку една личност. Израел рече дека нападите се насочени кон спречување на повторното воено зајакнување на Хезболах, кој, според нив, се обидува повторно да се вооружи по завршувањето на минатогодишната војна.
Хезболах тврди дека ги исполнува обврските од договорот за прекин на огнот и дека ги повлекол силите северно од реката Литани, каде контрола треба да преземат либанската армија и УН силите (УНИФИЛ). Но спроведувањето на договорот е отежнато поради израелските операции и внатрешните политички услови во Либан.
Денес Израел предупреди четири јужни села – Деир Кифа, Шехур, Аината и Таир Филсаи – и објави дека напаѓа инфраструктура на Хезболах. Во претходен напад врз селото Ал-Тири загинала една личност, соопшти либанското министерство за здравство.
Израелската војска тврди дека убила член на Хезболах задолжен за „обнова на воената подготвеност“. Во вторникот Израел изведе еден од најсмртоносните напади од минатогодишниот конфликт, убивајќи 13 лица во палестински бегалски камп кај Сидон. Израел рече дека нападнал објект што го користи Хамас, додека Хамас негира присуство на воени структури во камповите.
Свет
10.000 полски војници ќе ја чуваат критичната инфраструктура на земјата
Полска ќе распореди 10.000 војници за заштита на критичната инфраструктура, вклучително и железниците, изјави министерот за одбрана Владислав Кошињак-Камиш, објави Ројтерс.
Соопштението доаѓа по експлозијата на железничката пруга за време на викендот, за која Варшава ја обвинува Москва.
Претстојните божиќни празници може да бидат сметани од непријателите на Полска како добро време за саботажи, ги предупреди новинарите началникот на полскиот Генералштаб, Вислав Кукула.
Претходно денес, министерот за надворешни работи го објави затворањето на рускиот конзулат во Гдањск и предупреди дека одговорот на саботажата на железничките линии нема да биде само дипломатски.
Свет
Берлин: На Украина итно ѝ е потребна поголема помош за одбрана
Германската влада соопшти дека на Украина итно ѝ е потребна поголема помош во одбраната. Берлин обезбедува дополнителна материјална помош за Киев за зимата.
Ситуацијата во Украина е многу напната поради континуираните напади на Русија и на Киев итно му е потребна помош од партнерите во одбраната, изјави портпарол на германската влада.
„Континуираните напади на Русија ја ставаат Украина под огромен притисок и ова е уште една причина поддржувачите на Украина да ѝ помогнат на земјата да се одбрани“, изјави владиниот портпарол на редовната владина прес-конференција во Берлин.
Во екот на тековните руски напади врз украинската инфраструктура, германската влада објави дека ќе испрати и дополнителна зимска помош за земјата во вредност од 40 милиони евра.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Германија „помага да се одржат домовите топли и осветлени и да се осигури дека Русија нема да успее да го скрши моралот на Украинците кои ја бранат својата татковина со гаѓање на инсталации за гас и електрична енергија“.
Средствата, според неговата изјава, ќе бидат искористени за хуманитарни мерки: поправка на системи за греење и оштетени домови, како и снабдување со генератори, ќебиња и хигиенски производи.
Во исто време, сепак, има намалувања на хуманитарната помош: во 2024 година, придонесот на Германија за хуманитарна помош беше над 400 милиони евра, но за оваа година е значително намален.

