Македонија
МЗШВ: Трипуновски денес го демантираше Цветан од вчера
„И денешниот прес на дополнителниот заменик министер Трипуновски е продолжение на серијата празни зборови и лаги кон земјоделците. Од помпезно најавуваните “скандали“ на дополнителниот заменик министер нема ништо. Единствено нешто што остана потврдено и денес е тоа дека дополнителниот заменик министер е против развојот на малите винарии и малите производители на храна“, соопшти Министерството за земјоделство, шумарствцо и водостопанство.
„Самиот Трипуновски денес го демантираше Цветан од вчера. Преку транспарентна и законска постапка, од двата јавни повици, до сега со грант поддршка за набавка на опрема за производство се поддржани 145 мали винарии. Секоја една мала винарија, која аплицирала на некој од овие два повици и притоа во целост ги исполнувала условите, добила грант поддршка за набавка на опрема.
Ова во својата денешна изјава го потврдува и самиот дополнителен заменик министер, демантирајќи се самиот себе дека поддршката кај овие програми била доделувана селективно.
Воедно го повикуваме дополнителниот заменик министер Трипуновски, ако веќе открил “скандал“ истиот да го процесира до надлежните институции. Се друго ќе биде само празни зборови и изнсување на лаги, кои подоцна би требало да ги докажува пред други институции.
Малите семејни винарии се успешна приказна на која сите треба да бидеме горди, а резултатите од овие мерки тоа го потврдуваат. Денеска, благодарение на добрите политики креирани од министерството имаме рекордна бројка од 173 регистрирани мали семејни винарии, кои може да се сретнат насекаде низ државата. Имаме вкупно 255 регистрирани винарски визби во државата. И затоа не случајно сме први во регионот по извоз на вино и 13 во светот по остварен девизен прилив од извозот на македонското вино.
Ние како министерство остануваме посветени во нашата поддршка за малите производители на вино и храна.
Она што пак, дополнителниот заменик министер Трипуновски, во некој од наредните пресови треба да го одговори пред лозарите е зошто лично тој, но и пратениците од неговата партија, го кочат донесувањето на новиот закон за вино. Важно законско решение со кое лозарите добиваат со закон гаранитрана откупна цена, но и нова посебна програма за финансиска поддршка на овие два важни сектори“, се наведува во соопштението на МЗШВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Можности за интензивирање на парламентарните контакти со Казахстан
Пратеничката група за соработка со парламентите на државите од Централна Азија одржа средба со амбасадорите на Република Казахстан, Киргистанската Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, акредитирани во Република Северна Македонија.
„Претседателот на Пратеничката група, пратеникот Никола Коњановски, им посака срдечно добредојде на присутните и истакна дека ваквите средби претставуваат значајна можност за размена на ставови за актуелните билатерални односи и за унапредување на парламентарната соработка. Тој нагласи дека Република Северна Македонија му дава особено значење на развојот на политичкиот дијалог, економската соработка и културната размена со земјите од Централна Азија“, соопшти собраниската прес – служба.
Работната средба продолжи со обраќањето на амбасадорот на Казахстан, Буршаков, кој ги презентираше уставните измени и реформите што се спроведуваат во неговата земја, со цел зајакнување на демократските институции, владеењето на правото и унапредување на човековите права и слободи.
Во дискусијата учество зеде и пратеничката Дијана Илиевска, која изрази задоволство што е член на Пратеничката група за соработка и за можноста да учествува на средбата. Таа му посака успех на амбасадорот на Република Казахстан во процесот на уставните измени и реформите во земјата.
Во продолжение на средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на економските, трговските, образовните и културните врски, како и за интензивирање на парламентарните контакти и размена на искуства меѓу парламентите.
Во дискусијата беше нагласена улогата на Казахстан како важен фактор во Централна Азија и пошироко, особено во промовирањето на дијалогот, стабилноста и мултилатерализмот. Учесниците изразија подготвеност за продлабочување на соработката на мултилатерално ниво.
„Во насока на унапредување на парламентарните односи, беше предложено воспоставување поинтензивна и редовна комуникација меѓу пратеничките групи за пријателство, организирање заеднички активности, работилници и тематски конференции, како и размена на делегации и експертски посети. Соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно зајакнување на билатералните и парламентарните односи и за продлабочување на соработката преку размена на искуства во реформските процеси и евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.

