Македонија
„Извештајот на ДЗР јасно констатира дека власта е неспособна и криминална, затоа 7 години нема изградено 1 километар автопат“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Недоволна подготвеност при планирање, проектирање, градење и реконструкција на патни делници низ државата. Оваа состојба предизвикува зголемување на вредноста на склучените договори и пролонгирање на рокот за изградба или реконструкција на делниците, стои во Извештајот на Државниот Завод за ревизија за работата на ЈП државни патишта во 2022 година. ДЗР буквално кажува дека владата нема поим што прави“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Како СДС и ДУИ работат може да се види по 2 километри ветен автопат од Скопје кон Блаце кој со години никако да го направат.
7 години власта не може да го заврши автопатот Кичево – Охрид.
Понатаму ДЗР констатира утврдува дека има неправилности во начинот на управување и евидентирање на залихите на материјали и ситен инвентар. Едноставно кажано власта краде и од залихите на претпријатијата.
Каде завршиле залихите на ЈП Државни патишта за кои ДЗР утврдило дека недостасуваат?
Нема сегмент во кој власта не прави криминал. Со право народот вели дека немаме држава, време е да ја вратиме“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зошто четири недели по трагедијата во Кочани се уште нема проширување на истрагата, прашува СДСМ

Речиси четири недели по огромната трагедија во Кочани, истрагата сè уште нема одговори на едни од најважните прашања: кој сноси одговорност за пожарот во „Пулс“ и кој е виновен за сериозните безбедносни пропусти на денот на трагедијата, прашуваат од СДСМ.
Иако беше најавено, како што велат, до денеска не е направен ниту еден чекор во насока на проширување на истрагата, ниту за пропустите што ја обележаа кобната ноќ, ниту за оние што ѝ претходеле.
„Не е поведена постапка против ниту едно лице од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ, иако тие на 16 март, денот на трагедијата, биле на одговорни позиции. Зошто нема проширување на истрагата иако беше најавено? Зошто ниту еден актуелен функционер којшто бил на функција тој ден не е опфатен со истрагата ниту пак е повикан на распит? Не смее да има заштитени. Не смее да продолжи селективно да се води истрагата.
Одговорност мора да има – без разлика на функцијата или позицијата. Ова не е партиско прашање. Ова е прашање на правда, на доверба во институциите и на почит кон жртвите и нивните семејства“, истакнуваат од опозициската партија.
Граѓаните, додаваат од партијата, имаат право да ја знаат вистината.
Според СДСМ, тие одговори мора да донесат конкретна одговорност, и тоа на сите нивоа.
„СДСМ останува цврсто на ставот: мора да има целосна, транспарентна и неселективна истрага. Правдата за Кочани мора да победи. Таа правда мора да биде недвосмислена, видлива и целосна“, потенцираат од партијата.
Македонија
Продолжува потрагата по исчезнатото лице од село Степанци, ќе се вклучат и извидници и ловци

Потрагата по исчезнато повозрасно лице од село Степанци во Општина Штип продолжува, кое е пријавено за исчезнато на 07.04.2025 година во 16:20 часот преку Едиствениот повикувачки број за итни случаи 112, се уште не е пронајдено, извести ЦУК.
Известени се МВР Штип и Локална самоуправа Штип, а и други институции и служби, здруженија и граѓани коишто можат да помогнат и помагаат во потрагата, информираше Регионалниот ЦУК Штип до Секторот за операции и координација во ЦУК..
Инаку, лицето последен пат било видено во саботата на 05.04.2025 година. Во последното деноноќие, конкретно вчера, е пребаруван повторно теренот околу селото Степанци, а и во и околу другите блиски села, од страна на роднини и пријатели (5-6 лица) на исчезнатото лице.
Претходниот ден (08 април) во потрагата беа вклучени 15 лица од коишто имаше и двајца вработени од РЦУК Штип, коишто доброволно се вклучија во потрагата.
Денеска се очекува во потрагата да се вклучат извидници од Штип, дел ловци од ЛЗ „Ловец“ од Штип, а ловочуварите од ловиштето „Лакавица – Патрик“, директно на нивна територија вршат пребарување и индиректно – преку редовно прегледување на снимките од камерите на терен. Инаку и жители од околните села во тој реон самостојно вршат претага во атарот на нивните села, соопштуваат од ЦУК.
Македонија
„За шест месеци зголемување на платите од 15 проценти во здравство, 12 во образование и 10 за полициските службеници“, велат од Владата

„Во последните шест месеци Владата ги зголеми платите на вработените во здравството, образованието и безбедноста. Просветните работници и сите вработени во образованието добија покачување од 12 проценти. Првото покачување од 5 проценти го добија со септемвриската плата исплатена во октомври минатата година. А второто покачување од 7 проценти го добија со мартовската плата, исплатена во април“, велат од Владата.
„Со ова го враќаме изгубеното достоинство на просветните работници кои ги создаваат идните генерации во државата.
Здравствените работници, медицинските сестри, техничари и административен персонал за шест месеци добија покачување на платите од 15 проценти. Додека пак, матичните лекари и гинеколози добија покачување на капитациониот бод од 33 проценти, а стоматолозите на 22 проценти.
Службените лица во МВР кој се грижат за безбедноста и сигурноста на граѓаните и државата добија покачување на платите од 10 проценти. За ова зголемување на платите на 12.000 полицајци од буџетот се обезбедени 800 милиони денари.
Владата се грижи за сите граѓани. Зголемувањето на платите продолжува, до крајот на мандатот во здравството и образованието предвидено е да се зголемат за 46, односно 50 проценти“, се наведува во соопштението на Владата.