Македонија
МВР закажува за лична карта за октомври, но Џафери смета дека за 50 дена сите може да извадат документи за гласање

Техничкиот премиер Талат Џафери ги повика граѓаните што немаат документи со новото име на државата да поднесат барања за да ги извадат во следните 50 дена до изборите. Што ќе се случува доколку и по истекот на овие 50 дена има граѓани што немаат документи, техничкиот премиер вели дека е тема за размислување.
Тој побарал известување за динамиката на издавање пасоши, лични карти и возачки дозволи од Министерството за внатрешни работи. Добил известување дека во периодот од 1 до 29 февруари биле поднесени 123.983 барања за пасоши, а изготвени биле 95.000 пасоши. Во истиот период имало 82.235 барања за лични карти, а изготвени биле 71.410. За возачки дозволи имало 46.280 барања, а изготвени биле 39.552 документи.
„Имајќи предвид дека има уште 50 дена, со оваа динамика за тие 100 илјади што се врти како информација дека немаат документи, во март може сите да се опремат со соодветни исправи. Иницијално е од граѓанинот да иницира барање“, рече техничкиот премиер Џафери.
На забелешката од новинарка дека за издадените пасоши во февруари граѓаните закажувале термини и се фотографирале претходните месеци, Џафери рече дека тоа се податоци од МВР за динамиката.
„Јас немам име и презиме за издадените пасоши, но можам да побарам. За да имам документ, мора да побарам. И јас дома имам петмина што немаат пасош, ама и не побарале“, одговори Џафери на забелешката.
За оние што ќе останат без документи за гласање, допрва ќе се бара решение.
„Што со евентуално определен број граѓани што ќе немаат документи е тема за размислување за нас. Има време секој да иницира, навреме, соодветно барање, да има документ, а отпосле наша обврска е да излеземе со соодветна одлука што и како да постапиме. Не преферирам да зборувам хипотетички што ќе работам“, вели Џафери.
Наспроти ставот на Џафери дека за еден месец сите што немаат може да си извадат документ со кој ќе може да гласаат, Министерството за внатрешни работи фотографирање за лична карта веќе закажува за октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.