Македонија
Пендаровски тврдеше дека е надвор од паметот да се менува Уставот по барање на Бугарија, а денес е главен поборник за промена, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Зборовите на Стево Пендаровски треба да се земаат со огромна резерва. Тој е синоним за човек кој едно кажува до пладне, се дообјаснува на пладне, а вечерта веќе се демантира, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„ Без срам и перде во 2020 година зборуваше дека е “ван памет„ да се зборува за промена на македонскиот устав во контекст на бугарските барања и вето. Тој дури и со неговата типична ароганција тврдеше дека ги има сите информации од средбите со официјални лица од Бугарија и такво прашање не било ставено на маса. Кажа и излажа, по кој знае кој пат“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, Пендаровски ставовите ги менува како дува ветрот.
„Тоа не е ниту достоинствено, а уште помалку државнички. Денес Стево Пендаровски без око да му трепне, како никогаш да не кажал поинаку, ги убедува граѓаните дека треба да се промени македонскиот устав по бугарски диктат. Дали Пендаровски денес е “ван памет“ кога заговара отворање и менување на уставот? Има ли овој човек дигнитет. Очигледно не. Тој изгуби и кредибилитет и интегритет, но најстрашно е што понижувајќи се себеси и лижејќи кај што плукал, го погазува и достоинството на народот, функцијата и државата“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.30 часот, корисниците од улицата Франце Прешерн, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Симеон Кавраков, Петар Ацев и Анастас Митрев, општина Аеродром.
Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а во северните делови засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура за 3 до 5 степени. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а попладне засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Од денеска до среда во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Потоа ќе преовладува претежно стабилно време, а дневните температури ќе бидат без промени.
Македонија
(Фото) Успешна евакуација на повредено лице со хеликоптер на Армијата

Вчера, во попладневните часови, по добиено барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата на Република Северна Македонија, поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од вВИНГ, на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро, Шар Планина.
Повреденото лице, при падот, се здобило со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крварење, поради што било во критична состојба. На лице место интервенираше екипаж- тим на парамедици, кои и покрај непристапниот терен успешно го извлекоа и имобилизираа повредениот.
„Армијата во координација со ЦУК и здравствените установи изврши успешна медицинска евакуација и го предаде повреденото лице на екипа од итната медицинска помош, по што истото беше транспортирано на понатамошен болнички третман.
Армијата на Република Северна Македонија, заедно со останатите институции во државата продолжува да дејствува во интерес на граѓаните, обезбедувајќи навремена и професионална поддршка“, се наведува во соопштението на Генералштабот на Армијата