Македонија
Бојмацалиев: Наш приоритет е да покажеме дека никој не е заштитен со законот, па ни функционерите на која било власт
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во интервју за српкиот весник „Данас“ беше запрашан за коментар на севкупната безбедносна ситуација во Република Северна Македонија, односно на која област се издовјува најмногу внимание.
„Целокупната безбедносна состојба во Северна Македонија може да се оцени како стабилна, но има одредени предизвици што бараат континуирано внимание и ангажман. Во овој контекст особено внимание треба да се посвети на областите од борбата против организираниот криминал и корупцијата, кои го поткопуваат владеењето на правото, а се клучни за заштита на демократските вредности“, истакна Бојмацалиев. Притоа тој ги сподели резултатите на МВР во делот на борбата против корупцијата.
„Секако дека напредокот е евидентен, на што укажуваат и резултатите според кои Република Северна Македонија е на 76. место на листата на ‘Транспаренси интернешнл’ за глобалниот индекс на перцепција на корупцијата, што претставува значителен напредок од 85. место што го имаше во 2022 година. Можам да кажам дека како Министерство само во 2023 година утврдивме над 64 коруптивни злоупотреби, откривме 121 кривично дело, со вкупно 178 сторители, кои направиле материјална штета од над 350 милиони денари. Откривачката функција на полицијата во 2021 година е зголемена цели 50 отсто во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Во периодот од 2017 до 2023 година, за време на раководството на поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, поднесени се вкупно 44 кривични пријави против 170 физички и 2 (две) правни лица“, рече Бојмацалиев додавајќи дека нашите стратешки партнери, Европската Унија и Соединетите Американски Држави, ја препознаваат нашата силна посветеност на реформите во судството и спроведувањето на системските реформи со зајакната антикорупциска политика.
„Наш приоритет е да покажеме дека никој не е заштитен со законот, па ни функционерите на која било власт. Искреноста и интегритетот се наши императиви и тие мора да ги победат корупцијата и сервилноста. Поради тоа, на ниво на Влада беше формирано меѓуресорско тело за координација на антикорупциските активности и предложен е закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивните мерки, во кој сите директиви и лица ставени на листата на санкции на Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство ќе бидат ставени во законска рамка за да немаат можност да учествуваат во јавните набавки, да не бидат дел од Владата, ниту да бидат кандидати за јавни функции. Секако, за спроведување на мерките од овој закон ќе се користат и каналите на меѓународна соработка, пред сè, Интерпол, Европол, СЕЛЕК и др., преку кои ќе се овозможи непречено да течат потребните информации во насока на натамошно обезбедување докази и спроведување на неговите надлежности“, истакна Бојмацалиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.
Македонија
Затворен сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 11:00 часот граничниот премин Евзони (ГП Богородица) е затворен за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За првпат во Македонија е изведена хируршка интервенција кај дете со ретка конгенитална деформација
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за прв пат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет (Sprengel deformity), во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.
Интервенцијата претставува значаен чекор во јакнење на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.
„Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови,“ вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.
Според министерот за здравство, Азир Алиу градењето доверба во здравствениот систем се прави со ваков вид на резултати, со знаење, со тимска работа и со создавање услови најсложените интервенции да се изведуваат во државата.
„Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“, вели министерот Алиу.
Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото. Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента), поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и/или МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.

