Македонија
Агелер на средба со Јавниот обвинител Коцевски: во фокусот материјалните и кадровските ресурси на институцијата

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски денеска оствари средба со Амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер, со која меѓу другото дискутираше за состојбите во Јавното обвинителство, но и за предизвиците со кои се соочува институцијата, најмногу од аспект на материјалните и кадровските ресурси.
Коцевски се заблагодари за поддршката која САД ја даваат за обвинителството, особено за воспоставувањето и опремувањето на истражните центри во Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Агелер истакна дека поддршката на САД ќе продолжи на сите нивоа кон сите поединци што работат со интегритет и тие кои се посветени да ги дадат најдобрите услуги на граѓаните, додавајќи дека од воспоставувањето на стратешкото партнерство на САД со нашата земја американската финансиска поддршка за целокупниот систем за владеење на правото изнесува околу половина милијарда долари.
Амбасадорката Агелер оствари средба и со сите обвинители во републичкото обвинителство и се информираше за тековните активности поврзани со следење на евентуални нерегуларности поврзани со претстојниот изборен процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.