Економија
MINT Fintech Group го слави женското лидерство во Fintech-индустријата на Меѓународниот ден на жената
По повод Меѓународниот ден на жената, MINT Fintech Group ги истакнa извонредните жени на оваа групација, кои се на раководни позиции и кои ги поттикнуваат иновациите и лидерството во нивните компании од групацијата.
„Ние го славиме секој ден од 365 денови во годината на признавањето на клучните придонеси на нашите женски лидери кои не само што ја унапредуваат Fintech индустријата , туку и се залагаат за родова еднаквост во деловниот свет, воопшто. Така што 8 март е само еден потсетник, за нашата определеност за родова еднаквост во сите денови од годината„-истакнуваат од групацијата.
MINT Fintech Group е еден од водечките играчи во секторите кои се посветени на финансиската технологија, осигурувањето, инвестициите и патувањата како најнов ресор на нивната работа, области во кои традиционално доминираат мажи. Но процентуалниот дел на застапеноста на жените во оваа групација, одамна не е дискусија, кај нив на раководни позиции се доминантно жени.
„Денес, на оваа историска дата со гордост ја истакнуваме различноста и единството на динамични жени кои ги водат компаниите под чадорот на MINT со неспоредлива визија, страст и упорност„ – додаваат во своето обраќање до медиумите.

Од пионерски решенија во новите технологии до издигнување на оваа групација до нови височини, жените во MINT Fintech Group се пример за примена на знаењето, што ги поттикнува трансформациите и напредокот, а нивната посветеност и неуморна работа го нагласуваат значењето на инклузивноста и застапеноста во доменот на оваа нова индустрија.
„Овој Меѓународен ден на жената, не само што ги славиме достигнувањата на жените во MINT Fintech Group, ние ја потврдуваме и нашата посветеност за поттикнување на средина каде што придонесите на жените се препознаваат, а нивното зајакнување е најважно во сите аспекти на бизнисот и технологијата“-истакнуваат од MINT.
Ова е листата на жени на лидерски позиции во MINT Fintech Group, кои не само што ја обликуваат иднината на финансиите, осигирувањето, инвестициите и патувањата, туку и помагаат во создавањето поправеден свет за сите:
– Христина Ивановиќ Блажевска, Оливера Јошевска, Елизабета Кочева Јосифовска, Елена Матеска, Фросина Аневска, Ирена Стојковска, Кристина Илиевска, Валдета Мусаи Фејзуловска, Олга Николовска, Ангела Тачовска, Даница Јанкуловска, Марта Иваноска, Маја Стојановска.
Нивните приказни за лидерство, иновации и влијание не само што ја водат MINT Fintech Group напред, туку служат и како инспирација за жените и девојките ширум светот кои се стремат да запловат во оваа нова иновативна индустрија.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ЕБОР одобри над 20 милиони евра кредит за модернизација на железничкиот товарен возен парк во Македонија
ЕБОР одобри 20,9 милиони евра кредит на Северна Македонија за набавка на нови електрични локомотиви и современ систем за планирање на ресурсите на претпријатието (ПРП).
Проектот, како што е наведено во информацијата, ќе ја поттикне ефикасноста , ќе ги намали емисиите на јаглероден диоксид и ќе ги подобри квалитетот и безбедноста на железничкиот сообраќај.
Проектот, според наведеното, ќе придонесе во подобрување на оперативната и финансиската одржливост на Македонски Железници Транспорт преку подготовка на корпоративен план за развој.
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го зајакнува железничкиот транспортен сектор со кредит до 20,9 милиони евра на Северна Македонија, во корист на АД Македонски Железници Транспорт Скопје (МЖТ). Со ова финансирање ќе се овозможи купување до пет електрични локомотиви и имплементација на современ систем за планирање на ресурсите во претпријатието (ПРП), што е исчекор во напорите на земјата за модернизација на работењето на железничкиот сообраќај.
Проектот е имплементиран од Министерството за транспорт, со поддршка на Министерството за финансии, и ќе овозможи МЖТ да го модернизира товарниот возниот парк, да ги зајакне ефикасноста и квалитетот на работење , и да ја подобри безбедноста на возниот парк.
Инвестицијата се очекува да донесе значајни економски и еколошки придобивки. Преку зајакнување на конкурентноста и одржливоста на железничкиот транспорт, се поддржува транзицијата кон позелен и поконкурентен транспортен систем. Дополнително, со воведување на системот за ПРП, ќе се поедностави основниот деловен процес на МЖТ, поттикнувајќи натамошна оперативна ефикасност.
Проектот има за цел да го зајакне работењето на МЖТ, преку креирање на Корпоративен План за Развој , кој ќе ја подобри ефикасноста на компанијата и нејзината финансиска одржливост. Тој ќе вклучи изработка на акционен план за ефикасност, со специфични мерки за подобрување на тарифната методологија, како и ажурирање и хармонизација на методологијата за обврските на јавниот сервис согласно барањата на Директивите на Европската Унија. Покрај технолошките подобрувања, ќе поддржи и родова еднаквост и ќе помогне во зајакнување на поинклузивна и прогресивна работна средина во МЖТ.
Фатих Туркменоглу, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија изјави: ,, Оваа инвестиција претставува унапредување на националната транспортната железница. Преку поддршка на обновувањето на возниот парк и корпоративните подобрувања на националниот железнички оператор, ЕБОР помага во поттикнување на конкурентноста, безбедноста и одржливоста на транспортната мрежа во земјата. Проектот не само што ќе испорача видливи еколошки придобивки, туку ќе постави и нови оперативни стандарди и еднакви можности во секторот. Оваа е важна инвестиција за поддршка на извозно ориентираните бизниси во земјата, во насока на нивна интеграција кон глобалните ланци на вредност, со што ќе се зајакне конкурентноста на приватниот сектор и ќе се креираат работни места, кои последователно ќе ја поддржат земјата во справување со проблемот на одливот на населението.”
Министерката за Финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, изјави: ,,Договорот за заем што денес го потпишуваме со Европската банка за обнова и развој, во износ од 20,9 милиони евра, е резултат на интензивни и конструктивни преговори и претставува потврда за довербата што меѓународните финансиски институции ја имаат во нашите политики и во насоката во која се движи државата.
Условите под кои се обезбедени средствата – долгорочен рок на отплата, поволен грејс период и конкурентна каматна стапка – се во целосна согласност со нашата стратегија за одговорно управување со јавниот долг и обезбедување одржливи јавни финансии“, рече министерката и додаде дека Министерството за финансии, останува целосно посветено на обезбедување финансиска поддршка за проекти кои носат долгорочна економска вредност, го поттикнуваат развојот и ја подобруваат поврзаноста на државата со регионалните и европските транспортни коридори.”
Министерот за транспорт, Александар Николоски, изјави: ,,Навистина ми е драго што денес имаме можност да заокружиме еден исклучително важен процес кој ќе значи набавка на најмалку пет нови електрични локомотиви, заедно со пропратни резервни делови. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.”
Проектот е целосно усогласен со Бизнис планот и Акциониот план на МЖТ, за преструктуирање и развој, и е во согласност со Реформската Агенда на ЕУ за Западен Балкан која има цел да се подобри управувањето и перформансите на државните железнички претпријатија.
ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 3 милијарди евра во над 200 проекти во земјата.
Економија
Николоски: Инвестираме 21 милион евра за набавка на нови пет електрични локомотиви
Инвестираме 21 милион евра за набавка на пет нови електрични локомотиви кои ќе бидат од суштинско значење за зголемување на карго-транспортот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој денеска заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и директотот на МЖ Транспорт, Дејан Кошутиќ го потпишаа Договорот за заем од ЕБРД за набавка на нови електрични локомотиви.
Николоски кажа дека со новата флота од пет локомотиви и постојните четири кои се понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.
„Од постојните 11 локомотиви, четири се понови, а седум се постари. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај. Ова е особено важно за Коридорот 10, кој треба да бележи раст во наредните години, како и за Коридорот 8, кој во моментов интензивно го развиваме преку значајни инвестиции во железничката инфраструктура“, рече Николоски.
Истовремено, додаде тој, оваа инвестиција е дел и од пошироката визија за Скопје, подобрување на квалитетот на воздухот преку воведување на градскиот воз.
„Во моментов се работи на една од трите линии во делот на инфраструктурата, а во следните две години ќе се работи и на преостанатите две. Кога целиот проект ќе биде завршен, по тие линии ќе сообраќаат исклучиво електрични возови, со јасна цел, целосно да се елиминира употребата на дизел локомотиви и дизел возови во главниот град и да се придонесе за подобар квалитет на воздухот. Сега влегуваме во потешкиот, но клучен дел, успешно спроведување на набавката. Се надевам дека до март, во соработка со ЕБРД, ќе успееме да го објавиме повикот и потоа успешно да ја реализираме испораката на новите локомотиви“, рече Николоски.
Економија
Развојната банка повлече кредитна транша од над 9 милиони евра за поддршка на 17 македонски компании
Развојната банка денеска ја повлече десетата и последна транша од ЕИБ 7 кредитната линија наменета за зелена транзиција. Вкупниот износ на оваа транша е 9.251.488 евра. Средствата од оваа транша се наменети за поддршка на 17 македонски компании кои се со претежна производствена дејност.
Со повлекување на оваа транша, Развојната банка успешно ја заврши реализацијата на седмата фаза на кредитната линија со средства од Европската инвестициона банка во износ од 100 милиони евра.
Реализацијата на седмата фаза од ЕИБ кредитната линија започна со потпишување на Финансиски договор за заем помеѓу Развојна банка на Северна Македонија и Европска Инвестициона Банка за МСП и MID-CAP компании и зелена транзиција. Кредитите се пласираа преку 5 квалификувани банки – учеснички со каматна стапка до 3,5% годишно кон крајните корисници. Рокот на отплата на кредитите е до 12 години за инвестициони кредити и Mid-cap проекти и до 3 години за кредити за обртни средства.
„Со средства од кредитната линија ЕИБ 7 поддржани се 259 проекти на македонските компании. Кредитната линија ЕИБ 7 ја оствари целта за која беше креирана: зголемување на ликвидноста на стопанството, задржување на постојните и отворање на нови работни места, зголемување на извозот, обезбедување на економски раст и конкурентност на трајна основа, како и стимулирање на компаниите во инвестиции за зелена транзиција со цел долгорочна заштеда на средства преку намалена потрошувачка на енергенси и зачувување, заштита или подобрување на животната средина“, соопшти Развојната банка.
Досега, преку Развојната банка се реализираа седум фази на кредитната линија ЕИБ во износ од 650.000.000 ЕУР. Со средства од овие кредитни линии поддржани се 2.621 проекти на домашните компании и креирани 9.260 работни места.

