Македонија
Бојмацалиев: На подрачјето на ОВР Гевгелија за 100 проценти зголемена откривачката дејност во делот на недозволената трговија со дрога и оружје

Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, за време на посетата на Гевгелија оствари работна средба со раководствата на СВР Струмица, ОВР Гевгелија, во рамките на серијата средби по секторите за внатрешни работи на територијата на државата со цел увид во резултатите и мапирање на идните активности.
„И оваа организациска единица во текот на 2023 година интензивно преземаше мерки и активности со цел спроведување на дадените приоритети од контролната стратегија во насока на одржување поволен јавен ред и мир и спречување и намалување на регистрирани кривични дела на подрачјето на ОВР Гевгелија. Според структурата на криминалитетот, ОВР Гевгелија во првите два месеци од 2024 година регистрирани се вкупно пет кривични дела од областа на економскиот криминал за физички лица, и тоа во јануари три дела а во февруари две ”, рече Бојмацалиев.
Во делот на недозволена трговија со дрога и оружје, Бојмацалиев рече дека во текот на овие два месеци откриени се два кривично правни настани со пет лица. Во текот на 2023 година, поднесени се четири кривични пријави од Закон за опојни дроги и психотропни супстанции, што е за 100% повеќе во однос на 2022 година, при што констатираше дека оваа тенденција продолжува и годинава.
Притоа Бојмацалиев посочи и за резултатите во однос на спречувањето на илегалната миграција.
„Исто така, за одбележување е и заедничката соработка со Регионалниот центар ‘Југ’ во делот на сузбивање на илегалната миграција, па, така, поднесени се шест кривични пријави за сторени шест кривични дела против шест сторители, а откриени се 44 мигранти“, рече Бојмацалиев со уверување дека и ОВР Гевгелија, како и другите организациски единици, ќе продолжи со полициско работење, кое носи високи резултати и ја гарантира безбедноста на граѓаните на највисоко ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Средба Минчев–Ејакуза: Отворена власт и квалитетна администрација за подобри услуги кон граѓаните

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со извршниот директор на Партнерството за отворена власт (ПОВ), Аидан Ејакуза, во пресрет на тематскиот регионален состанок посветен на иницијативата Партнерство за отворена власт.
На средбата се разговараше за тековната имплементација на Националниот акциски план 2024–2026, како и за стратешките активности кои Министерството за јавна администрација ги презема во насока на унапредување на транспарентноста, отчетноста, дигитализацијата и граѓанското учество во институциите.
Министерот Минчев истакна дека Македонија останува целосно посветена на принципите на отворено владеење и дека ПОВ е клучна рамка за подобрување на квалитетот на јавните услуги и довербата на граѓаните во институциите.
„Нашата крајна цел е да изградиме јавна администрација која е професионална, отворена, достапна и во служба на граѓаните. Партнерството за отворена власт ни овозможува да ги зајакнеме механизмите за транспарентност и отчетност, но и да создадеме услови за поефикасни, квалитетни и правични јавни услуги. За нас, ова не е само меѓународна обврска, туку реална можност за подобрување на секојдневието на граѓаните“, изјави министерот Минчев.
Директорот Ејакуза го поздрави напредокот на државата и ја потенцираше важноста на активната вклученост на граѓанското општество и користењето на дигитални алатки како клучни двигатели на промените во рамките на иницијативата ПОВ. Тој ја охрабри земјата да продолжи со амбициозниот пристап и да ја зајакне улогата на Советот за ПОВ како форум за конструктивен дијалог и следење на имплементацијата.
Министерството за јавна администрација ќе продолжи со проактивен пристап и партнерска соработка со домашни и меѓународни учесници, со цел натамошно унапредување на транспарентноста, интегритетот и ефикасноста на јавните институции во Република Македонија.
Македонија
Николоски: Доста е од злоупотреби на тајните служби, процесуирање на одговорните е предуслов за демократијата во Македонија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, повика Обвинителството да отвори истрага и да ги процесуира одговорните за наводната злоупотреба на тајните служби, оценувајќи дека расчистувањето е клучно за демократијата.
„Одговорност и процесуирање на одговорните за злоупотреба на тајните служби како предуслов за демократија во Македонија, објави на социјалните мрежи
Во опозиционите денови искажувавме сомнежи дека сме следени од тајните служби кои беа злоупотребувани од власта на СДСМ и ДУИ, а со нив и Стево Пендаровски.
Имавме сомнеж дека Агенцијата за разузнавање пишува клеветнички лажни извештаи до западните партнери и сојузници, а АНБ следела и прислушувала“.
Тоа, вели Николоски, беше начин за политичка дискредитација кој не им успеа.
„Промените се случија на минатогодишните избори, а со тоа и патот кон расчистување во тајните служби и одговорност за оние кои ги злоупотребуваа.
Повикувам: Обвинителството ова да го истражи и одговорните да бидат процесуирани. Доста е од злоупотреби на тајните служби“, пишува тој.
Македонија
До крајот на денот, сончево со мала до умерена облачност

Времето до крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Во текот на ноќта ќе преовладува претежно ведро и тивко време.
Утре сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 20, а максималната ќе достигне од 28 до 37 степени.
Во Скопје, времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во среда и четврток ќе биде променливо облачно, наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Потоа следи стабилизирање на времето.