Македонија
Богоев од посетата на „ИГМ трејд“: Дијалог и спроведување мерки за олеснување на трговијата, клучно за забрзан раст на економијата

„ИГМ трејд“ е еден од најголемите домашни инвеститори во државата со вкупни инвестиции на ниво на групација во 2023 година од 15 милиони евра и извоз од 120 милиони евра. Оваа компанија е пример како со визија може да се прерасне во светски гигант, кој е препознатлив и на меѓународниот пазар. Континуираниот дијалог со македонските компании е во насока на креирање ефективни политики и мерки со кои ги подобруваме услугите, а со тоа и условите за водење бизнис. Ова е клучно за остварување забрзан раст на економијата, што придонесува за повеќе работни места и подобрување на животниот стандард“, истакна директорот Стефан Богоев при посетата на македонската компанија „ИГМ трејд“ во Кавадарци.
„Како институција која е партнер на македонските компании, од голема важност ни е спроведување реформски политики и имплементација на мерки што за компаниите ќе значат олеснување на трговијата, а преку имплементација на системи што ќе придонесат за отстранување на бирократските процедури и побрзо издавање на потребните одобренија за увоз и извоз. Во моментот преземаме активности за имплементација на националниот едношалтерски систем, кој подразбира имплементација на еден цел реформски процес, во кој се вклучени 16 институции сè со цел да се овозможи олеснување и забрзување на трговијата како клучно за подобрување на условите за водење бизнис и забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ. Паралелно работиме и на унапредување на другите системи и нивно усогласување со системите што се користат во ЕУ“, вели Богоев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.