Македонија
(Видео) „За неполни 20 дена, Филев, директор на ЦСР од Радовиш, од СДС, двапати е апсен, прво за дрога, а сега пијан нападнал полицајци“, вели Стоилковски
„Директорот на ЦСР од Радовиш, Александар Филев, кој е од СДС и кој пред 20 дена во Штип беше уапсен поради трговија со дрога, на 8 март бил уапсен поради алкохолизам и насилство врз полицајци среде полициска станица. Според полициски извори, на 8 март, во 19.45, во полицијата во Радовиш е приведен Александар Филев, директор на ЦСР – Радовиш, видно алкохолизиран, за нарушување на јавен ред и мир, а во полициската станица им се заканувал на двајца полицајци и на нивните семејства, па е лишен од слобода поради делото загрозување на сигурноста по член 144 став 3 од КЗ“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Истиот дирекот на ЦСР Радовиш, истиот Филев од Радовиш, пред само 20 дена во Штип беше уапсен од полиција за недозволена трговија со дрога, а кај него била најдена опојна дрога.
Почитувани Александар Филев е директор на ЦСР од декември 2023-та година, по избор на Јована Тренчевска функционер од СДС и по избор на СДС чијшто член и поддржувач е Филев.
Ова е втор тежок инцидент на Филев, Директор на ЦСР Радовиш за два месеци. Во неполни 20 дена, Александар Филев директор од СДС, е апсен, прво заради дрога, втор пат алкохолизиран и нападнал полицајци среде полициска станица.
Ова е срамно. Едно е дали СДС има потреба од ликови како Филев со кои можеби сака да врши изборен поткуп и злоупотреба на ЦСР, но ЦСР е пресериозна институција и со неа да раководи човек апсен со дрога или алкохолизиран насилник, па дури и да е од СДС и во предизборен период.
Оттука, во интерес на зачувување на дигнитетот на Центрите за СР, во интерес на лицата коишто користат услуги на ЦСР, но и во интерес на Македонија, го повикуваме Министерството за труд и социјални работи, под итно да преземе соодветни мерки и да го разреши и отстрани Александар Филев од ЦСР Радовиш до расчистување на случаите.
Ниеден процес како Техничка влада или изборни правила не смее да е над правата на корисниците на услугите на Ц-те за СР, но и вработените во ЦСР, да бидат водени и одлуки за нив да носи лице со проблеми со зависности од дрога и алкохол како што е можно да е Александар Филев од СДС Радовиш“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.

