Македонија
Не ги извршувале задачите и не се појавувале на работа, но Дритон Беџети им исплатил 22.525 евра, кривична за ексдиректорот на Фондот за пензиско

Поднесена е кривична пријава против поранешниот директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Дритон Беџети, од редовите на партијата Алтернативата, поради сомневање за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Како што информираа од МВР, во периодот од 19 февруари 2022 до 17 март 2023 година, кога тој ја извршувал функцијата, во име на Фондот склучил повеќе договори на дело и договори за извршување самостојна работа со шест лица постапувајќи спротивно на член 25 ст. 1 од Закон за спречување на корупцијата и спротивно на одредбите од членовите во склучените договори.
Директорот и покрај тоа што знаел дека ангажираните лица не ги извршувале доверените работни задачи, предвидени во договорите, а ниту Фондот водел евиденција за редовност, во повеќе наврати извршил исплати на парични средства на трансакциски сметки на физичките лица во вредност што била утврдена во склучените договори.
На тој начин поранешниот директор им овозможил на лицата да стекнат имотна корист во вкупен износ од 1.387.558 денари или 22.525 евра на штета на Фондот за ПИОСМ, односно буџетот на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, од утре засилен северен ветер, пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 11 до 19, а максималните од 26 до 38 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб со умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната ќе достигне 38 степени.
УХМР информира дека од утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Земјотресот на Света Гора почувствуван и во Македонија

Силниот земјотрес на Света Гора почувствуван и во југоисточниот дел на Македонија.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес 7 јуни 2025 година регистрираа серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од соседна Република Грција.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, почувствуван е земјотресот во 14 часот и 46 минути чиј епицентар се наоѓа 290 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда M L 5.2.
Земјотресот беше почувствуван во југоисточниот дел на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, известија од Сеизмолошката опсерваторија.
Македонија
АХВ го одбележа 7 Јуни – Светски ден на безбедна храна

Aгенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се приклучи и ја поддржува глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. Со едукативен и спортско рекреативен настан наменет за граѓаните и децата, денес, во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа поделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмалите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се афирмираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
На 10 јуни, во вторник, со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе одржи настан за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната на која ќе учествуваат реномирани претстставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашпања кои се однесуваат на производството на храна и нејзината безбедност.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес не потсетува на важноста на науката како основна алка од синџирот на безбедна храна. Едноставно, тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Преку едукативниот спортско рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и годинава активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје.