Економија
Бочварски – Рустеми: Делницата Катланово – Петровец ќе се заврши до крај на овој месец
Премиерот Талат Џафери, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, денеска извршија увид во рехабилитација на автопатската делница Петровец-Катланово.
Рехабилитацијата на оваа автопатска делница (левиот коловоз) е во завршна фаза. Претходно беше завршен десниот коловоз и истиот е пуштен во сообраќај под времен врежим. Должината е делницата е 10 километри а како дел од проектот е изградба и проширување со уште една коловозна лента. Според динамиката на градежните активности се очекува до крај на овој месец да биде завршена и оваа коловозна лента, нагласуваат надлежните.
„Делницата на автопатот која е во должина од околу 11 километри и во вредност околу 10,5 милиони евра инвестиција која според известувањето на надзорниот орган до крајот на месецот би требало да е готова. Имајќи предвид она што го гледаме интензитет на работа, нема причина да не верувам дека ќе биде готово, но останува одговорноста на изведувачите на работите и надзорот тоа да го спроведе спрема договореното”, кажа Џафери.
Министерот Бочварски потенцираше дека инвестирањето во квалитетна и модерна инфраструктура е влог за силна економија и носи бенефит за сите граѓани.
„ Во однос на овој проект, комплетната рехабилитација на левиот и десниот коловоз на автопатската делница Катланово – Петровец го завршуваме и многу набрзо граѓаните и сите оние туристи кои минуваат по оваа траса ќе возат по високо квалитетен автопат. Оваа пролет завршуваме и со рехабилитацијата на делницата Демир Капија – Неготино, со што Коридорот 10 во полн капацитет ќе биде ставен во функција. Особено сакам да истакнам дека Коридорот 10 ќе биде надграден и со Интелегентен транспортен систем, во прва фаза од Велес кон Гевгелија, а потоа и втора фаза од кон граничниот премин Табановце“, изјави Бочварски.
Рустеми во своето обраќање истакна дека ЈП за државни патишта продолжува да работи со силна динамика на сите капитални проекти.
„ Десниот коловоз го проширивме со уште една лента и добивме комплетна автопатска делница по сите стандарди. Проширувањето го извршивме во внатрешниот зелен појас на автопатот, со што избегнавме дополнителна експропријација. Јавноста добро знае дека имаше проблеми со слаба реализација со претходниот изведувач и дека од тие причини моравме да го раскинеме договорот и да објавиме нов тендер за избор на изведувач, процес што ја успори реконструкцијата на делницата. На наше задоволство, новите изведувачи работат со забрзано темпо и веќе десниот коловоз е завршен. Во моментов, на него е пренасочен сообраќајот, а се работи забрзано и при крај се работите и на левиот коловоз. Јавното претпријатие за државни патишта продолжува со несмалено темпо да реализира повеќе проекти од патната инфраструктура во насока на безбедно и сигурно одвивање на сообраќајот, а квалитетните и современи патишта овозможуваат повеќе можности и услови за економски развој, комуникација, туризам и други важни придобивки за граѓаните”, изјави Рустеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Агенцијата за поддршка на претприемаштво го додели признанието за најдобар ментор за 2023 година
Во рамките на Европската недела на претприемаштво, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото успешно го реализира настанот Mentor Awards 2023, кој се одржа како дел од активностите на програмата „Стандардизирани менторски услуги“.
Настанот поддржан од Јапонската агенција за меѓународна соработка – JICA имаше цел да ја истакне важноста на мисијата на менторите во унапредувањето на работењето на македонските мали и средни претпријатија.
Добитник на наградата за најуспешен ментор за 2023 година е Неби Јусуфи од Регионалниот центар во Тетово, кој се истакна со својата експертиза, посветеност и позитивно влијание врз корисниците и со својата работа постигна значајни резултати. Најдобриот ментор за минатата година го избра жири составено од ментори.
На настанот менторите од шесте регионални центри имаа можност да презентираат по еден значаен пример на спроведена менторска услуга во нивниот регион. Во рамките на Mentor Awards 2023, во согласност со методологијата за спроведување стандардизирани менторски услуги во мали и средни претпријатија за периодот 2024 – 2029, Агенцијата ѝ додели овластување за инструктор за обука во пракса на Евгенија Лисичова, а на Никола Димковски (комуникациски вештини) и Тони Цветановски (управување со човечки ресурси) им додели овластување за обучувачи за теоретска настава.
Овие овластувања претставуваат важен чекор во создавањето на генерација квалификувани обучувачи, кои ќе го пренесуваат знаењето и искуството за унапредување на претприемништвото во земјата. Настанот ја потврди важноста на менторството како клучен фактор за успехот на македонските компании. Менторите, преку спроведување на стандардизираните менторски услуги, го ставија во функција своето долгогодишно знаење, обезбедувајќи насоки за развој, раст и одржливост на корисниците на овие услуги.
Претходниот ден, тим од Агенцијата за поддршка на претприемништвото предводен од в.д директорката Даниела Димовска оствари плодна средба со претставници на невладини организации кои работат во областа на економијата, претприемништвото и иновациите. Беа разменети мислења и идеи и беа поставени основи за идна соработка и за поддршка и развој на претприемничките иницијативи.
Покрај тоа, во текот на Европската недела на претприемништвото, Агенцијата реализираше низа активности со цел да го истакне значењето на претприемништвото и да обезбеди поддршка за младите и бизнис заедницата. Беа спроведени посети во средните училишта „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Лазар Танев“, при што учениците имаа можност да се запознаат со основните принципи на претприемништвото и програмите и мерките кои ги нуди Агенцијата, а беа организирани и работилници за поддршка на младите претприемачи, каде што беа презентирани успешни претприемачки модели и стратегии.
Како дел од одбележувањето, претставници од Агенцијата ги посетија и фирмите „Винарија чифлик“ од Битола и СВАРОГ од Прилеп, компании кои се и корисници на мерката менторство што ја спроведува Агенцијата со цел да ја истакнат важноста на поддршката за мали и средни претпријатија и да ги охрабрат во нивниот понатамошен развој.
Со овие активности АППРМ потврди дека е клучен партнер во развојот на претприемаштвото во земјата обезбедувајќи платформа за инспирација, поддршка и промоција на нови иницијативи, кои ќе ја зајакнат економијата и ќе ја подготват следната генерација успешни претприемачи.
Економија
Еврото падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот
Еврото денеска падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот откако најновите податоци покажаа дека деловната активност во еврозоната нагло паднала во ноември.
Според податоците на берзата, европската заедничка валута во еден момент се тргуваше по 1,0399 долари, што е најниска вредност од декември 2022 година, пренесува CNN (CNBC).
Глобалната агенција S&P објави дека композитниот индекс во еврозоната паднал од октомвриските 50 поени на 48,1 поени.
Економија
Во октомври годишен раст од 11,0 отсто на вкупните депозити и од 9,2 отсто на вкупната кредитна поддршка
Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.