Македонија
Османи го поздрави новиот инструмент на ЕУ за Западен Балкан во вредност од 6 милијарди евра
Министерот за надворешни работи Бујар Османи учествуваше на брифинг со заменик главниот преговарач и државен секретар во Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу Халили и Мисијата на Северна Македонија при ЕУ за процесот на забрзана интеграција на земјата во ЕУ.
Османи беше брифиран за последните одлуки во Брисел кои се во насока на повеќе интеграција пред самото членство.
Тој го поздрави усвојувањето на позициите на Европскиот парламент и на Советот за Реформскиот и Планот за раст на Западен Балкан. Со речиси едногласна поддршка, европратениците покажаа јасна посветеност за политиката на проширувањето и реформските процеси кои ќе ги зајакнат вредностите на ЕУ во регионот, фокусирајќи се на транспарентноста, владеењето на правото и економската интеграција.
Претходно, минатата недела и Советот ја усвои својата позиција и се очекува до крајот на април да се заврши процедурата за усвојување на оваа регулатива што ќе овозможи на земјите од регионот пристап до новиот финансиски инструмент во вредност од 6 милијарди евра кој ќе финансира спроведување на реформи – слично на инструментите достапни за земјите членки.
Другиот дел од планот е наменет на пристапот на компаниите од Северна Македонија и регионот во единствениот пазар на Унијата, но и на придобивките за граѓаните на нашата земја. Во оваа фаза се дефинирани 4 приоритети за таа цел:
– вклучување на банкарскиот систем на Северна Македонија во СЕПА – единствениот систем за плаќања на ЕУ
– зелени ленти со земјите членки
– бесплатен пристап до интернет
– пристап до дигитални иновативни хабови
Со СЕПА конкретно се овозможува на граѓаните брзо и без провизија да префрлат средства/пари од банките во ЕУ до банките во Северна Македонија. Тоа ќе придонесе за голема заштеда за нашите граѓани, во време и пари, кои работат во една од 36те земји учеснички во СЕПА.
„Реформскиот и Планот за раст има за цел да поттикне социо-економски реформи во Западен Балкан и усогласување на политиките со ЕУ, поставувајќи јасна рамка која ја поврзува финансиската поддршка со јасни индикатори за напредок.
Притоа, имајќи го предвид нашето лидерство во регионот по усогласувањето со ЗНБП, но и со визната политика на ЕУ, кои се и како предуслови за добивање на поддршка од овој нов инструмент на ЕУ“, се наведува во соопштението од МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Семејната фирма на директорот на СОЗР добила 161 тендери за 5,3 милиони евра
Опозициската СДСМ денеска обвини дека семејната фирма на директорот на СОЗР, Ивица Томовски, која го менувала името, добила 161 тендери вредни над 5 милиони евра.
„Со доаѓањето на ДПМНЕ на власт семејната фирма на Томовски ја зголемила својата деловна дејност за 306%!!! И тоа само во 2024 година. Случајно, им тргнало чистењето на буџетот. Само оваа 2025 година, фирмата добила 10 тендери од речиси половина милиони евра. Сопственик на Сити логистик во мометнот кога е основана е Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски а управител Слободан Кутановски, нивни близок роднина. Потоа се менува името на фирмата, Сити аутсорсинг. Иста адреса, ист единствен матичен број на субјект, само со друго име. За што е Томовски во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата мислам дека на народот му е кристално јасно после ова. Важно фамилијарните бизниси течат. А каде завршуваат парите освен во џебовите на фамилијата Томовски: откриваме наскоро во наредните бомби“, кажа денеска на прес-конференција, Александар Саша Димитријевиќ, член на ЦО на СДСМ.
Македонија
Денеска дожд, од утре сонце
Времето денеска ќе биде облачно, проследено со врнежи од дожд. Според Управата за хидрометеоролошки работи, пообилни врнежи се очекуваат во јужните делови.
Во утринските часови, по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 10 степени, а максималните од 8 до 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува облачно време со врнежи од дожд. Северниот ветер ќе биде слаб до умерен, а температурите ќе се движат од минимални 9 до максимални 12 степени.
Од УХМР најавуваат дека врнежите ќе почнат да се намалуваат во попладневните часови. До крајот на неделата следува период на претежно стабилно време, со пораст на дневните температури. Во котлините, сепак, ќе продолжи појавата на магла.
Македонија
„Дава пари за руско железо, за да го препродава“ – Груевски повторно го нападна Заев на социјалните мрежи
Поранешниот премиер Никола Груевски вечерва објави нов статус на „Фејсбук“, во кој повторно го нападна Зоран Заев, обвинувајќи го за дволичност, корупција, политички договори и стекнување богатство преку злоупотреби. Објавата следи по размената на јавни пораки меѓу двајцата поранешни премиери.
Во статусот со наслов „ЧОВЕКОТ КОЈ ПРИФАТИ СЕ ШТО ОДБИВ – ЕДНА ПРИКАЗНА ЗА ЕДНА ‘НАПАТЕНА ДУША’“, Груевски тврди дека Заев бил видно вознемирен по текстот што тој го објави вчера, а во одговорот, стилот на Заев соодвестувал со неговото литературно ниво, додавајќи дека „после лектирата ‘Зоки-Поки’ во трето одделение, не губел многу време на книжевна надградба“.
Груевски повторува дека Заев истовремено политички се претставува како противник на Кремљ, додека во заднина купува железо од Русија.
„На темата дека купува железо од Русија, додека политички е жесток противник на Русија, не се осврна, бидејќи купува и тоа многу. Кажа само дека кога би бил жеден, сметал дека Русија не би му дала капка вода. Но јас не ја лоцирав неговата дволичност во правец дека Русија нешто му дала или би му дала.
Туку дека тој дава. Дава пари за да го купи железото и да го препродаде. Русите кои му продаваат, притиснати од санкциите, не знам дали и воопшто знаат кој стои зад фирмата купувач, со скриен сопственик“, напиша Груевски.
Тој повторно го спомнува тврдењето за „300 милиони евра во криптовалути“, за кои претходно напиша дека биле поврзани со Преспанскиот договор.
„Прифати се што побараа, и што претходно не им беше паднало на памет да побараат. Кој потоа не може да стане успешен бизнисмен во Дубаи? Зар јас не можев да прифатам или побарам такво нешто за трговија со националните интереси? Зарем Глигоров не можеше да ја прифати понудата за саатот, куферот пари и анфората?“, пишува Груевски.
Зборува и за низа други обвинувања: рекет, нелегално стекнати средства, работа со марихуана, злоупотреби со тендери, вклучително и случаи во РЕК Битола.
Во статусот тој наведува дека Заев диктирал казни преку поранешни функционери, барајќи лажни сведочења против него, како и дека влијаел врз предмети кои подоцна паднале во судска постапка. Груевски пишува дека Заев го инсталирале како марионетски премиер и дека му била ветена неказнивост.
„Тој направи зделка, знаеме со кого. Со еден вид државен удар да биде инсталиран за премиер, да му биде ветена неказнивост нему лично, што во превод значи гаранции дека за предавствата, кражбите и злоупотребите кои ќе ги направи за време на мандатот да не биде казнет. Бараше дури и да го наградат со Нобелова награда за мир, но во меѓувреме направи толку рекети и злоупотреби што тоа стана многу ризично за кој и да е. Кога како млад човек тој копал на нивата во близина на родното село Муртино, и сонувал да биде бизнисмен и инвеститор во Дубаи. И стана. Се согласи да си ја продаде нацијата, името, идентитетот и историјата на цел еден народ, на соседите. За 300 милиони исплатени во криптовалути и за не казнивост за се што ќе разграби од фирмите и народот додека е премиер“, напиша Груевски во објавата вечерва.
Во прилог целата објава:

