Македонија
Коалицијата „Вреди“: Пропадна легализацијата на криминалот на Груби
Само во последните 100 дена Артан Груби преку неговиот курбан, Прпарим Бајрами, потроши над 2,1 милиони евра пари на граѓаните за маркетинг и рекламирање на казина и коцкање во дигитални медиуми. Значи, оваа корумпирана власт во заминување, не размислува за кампањи за сензибилизирање на граѓаните за читање и образование, за заштита на животната средина и спорт, за заштита на здравјето и вработување, туку размислува како да ги поттикне граѓаните да играат што повеќе казина и игри на среќа. Следствено, се отвора сомнежот дали на овој начин оваа власт планира да ја финансира нивната пропагандна машинерија, со десетици портали под директна контрола на Артан Груби и Прпарим Бајрами, истакнаа од коалицијата „Вреди“.
Според нив, ДУИ преку Арбр Адеми, кој се чини дека ја презеде улогата на адвокат и портпарол на валканите бизниси со коцкање и казино, ја обвини албанската опозиција за опструирање на законот за игри на среќа.
„Не сме тука да се расправаме со ДУИ, за нас е важно да се разјасни дека е бесмислено да се обвинува албанската опозиција дека не даваме поддршка, кога од 64 пратеници на власта, само 51 пратеници гласале За. Ова е јасен доказ дека ДУИ и ова мнозинство, го изгубиле компасот и дека системот целосно им пропаднал. Ние како опозиција вредиме, а „Вреди“ е против коцкањето. Но, на 24 април и 8 мај, коцкарите ќе ги изгубат изборите, а „Вреди“ ќе победи, велат од оваа коалиција.
Според коалицијата, законот за игри на среќа, кој Артан Груби експресно се обиде да го донесе со европско знаменце, за што жестоко реагираше и меѓународниот фактор, немаше никаква врска со заштитата на младите од коцкање, туку беше само обид за легализирање на криминалните договори кои Артан Груби ги склучил преку својот Курбан Прпарим Бајрами.
„Логично се поставува прашањето: зошто во редовите на ДУИ и кај Артан Груби има толкава загриженост поради тоа што законот не е усвоен? Паѓаат ли во вода милионските договори со српското, бугарското и црногорското подземје? Какви обврски има раководството на ДУИ кон овие кругови? Нема поголема иронија кога ДУИ-Лотарија, која само во овој 4-годишен мандат вложи 46 милиони евра пари на граѓаните во набавка на апарати за казино, да се преправат дека ништо не знаат. Нема поголема иронија кога само во последниот ден како прв вицепремиер, Артан Груби преку неговиот курбан Перпарим Бајрами потроши 12 милиони евра за набавка на нови апарати за казино, а од друга страна го вперуваат прстот кон другите“, истакнуваат од „Вреди“.
Повторуваат дека членот 10 од овој предложен закон предвидува отстранување на обложувалниците, но не и на казината на минимална оддалеченост од 500 метри од средните и основните училишта. Додаваат дека со законот предложен од Груби и ДУИ-Лотарија, казина може да се најдат и во училишните дворови.
„Овој член намерно не ги вклучува казината. Така преку овој закон ДУИ-Лотарија би им затворил прозор на некои обложувалници, но силно би им отворил врата на казината и онлајн казината во ексклузивна соработка со српското подземје. Значи, Да на Русија, преку Србија. Арбр Адеми, пред да го впери прстот кон албанската опозиција, би било добро да го праша својот сограѓанин и пријател, Перпарим Бајрами, дали гореспоменатите факти на врската ДУИ-Србија се причина за неговите чести посети на локалот „Лафајет“ во Белград?
Појаснуваат дека коалицијата на албанските опозициски партии „Вреди“ е многу заинтересирана за вистински закон против коцкањето, закон кој ќе ги содржи следните точки: целосно затварање на игрите на среќа, обложувалници и казина, а не како сегашниот предлог, кој вклучува обложувалници, но не и казина, целосно затварање на онлајн казината, детална и независна истрага за сите валкани пари на српското подземје кои со дозвола и знаење на ДУИ влегле во нашата држава преку казино бизнисот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

