Македонија
Европската детска гаранција – начин да се намали сиромаштијата кај децата во земјата
На панел-дискусијата за повеќедимензионалната детска сиромаштија претставници од институциите, развојните партнери, академската заедница и граѓанското општество се согласија за потребата за меѓусекторски и долгорочен пристап за справување со повеќедимензионалната детска сиромаштија во Северна Македонија. Беше истакнато дека воведувањето на Eвропската детска гаранција во земјата е интервенција што дава надеж дека ќе се опфатат најранливите деца и ќе се обезбеди системски пристап до социјални услуги.
Детската сиромаштија не зависи само од семејните приходи, туку се должи и на лишеност од грижа, добра и услуги од страна на родителите и јавните институции. Секое трето дете во земјата живее под прагот на сиромаштијата, што е значително повисоко од стапката кај вкупното население. Покрај тоа, претходна анализа поддржана од УНИЦЕФ покажа дека лишеноста од образование, ран детски развој, исхрана, безбедност и љубов и грижа се петте главни причини што придонесуваат за мултидимензионалната детска сиромаштија.
„Детската сиромаштија не е проблем на една влада или една политичка партија. Неопходен е одржлив и системски одговор на детската сиромаштија и на национално и на локално ниво. Високата стапка на детска сиромаштија е предизвик што опстојува во земјата со години“, рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Во пресрет на парламентарните и претседателските избори треба да се потсетиме дека детската сиромаштија не е неизбежна, ставањето крај на детската сиромаштија е прашање на стратешки избор“.
„Како дел од мисијата да се намали сиромаштијата, да се сподели просперитетот и да се заштити планетата, Светската банка заедно со партнерите во земјата работи на теми и прашања поврзани со добросостојбата на децата во Северна Македонија, особено на децата од најранливите категории, преку подобрување на опсегот и квалитетот на услугите во образованието, социјалната заштита и здравството“, рече Бојана Нацева, виш специјалист за образование во Светската банка, за време на панел-дискусијата.
За време на дискусијата беше направен преглед на резултатите од серијата секторски консултации за аспектите на детската сиромаштија поврзани со образование, здравство, исхрана и социјална заштита.
Панелистите се согласија за следните точки за дејствување:
– Да се постигне видливост на децата што живеат во сиромаштија,преку мониторинг, мерења и преземање активности засновани на податоци;
– Да се зголеми пристапот до социјални услуги и грижа за да се одговори на детската сиромаштија, да се промовира поддршка насочена кон семејствата и ранливите да бидат опфатени преку интервенции за детска заштита;
– Да се обезбеди посоодветна директна финансиска поддршка за семејствата со социјални трансфери;
– Да продолжи трендот за зголемување на пристапот до рано детско образование имајќи ја предвид важноста за идните исходи во животот.
Справувањето со лишеноста од образование што придонесува за детската сиромаштија преку програми за намалување рано напуштање на образованието и поддршка за инклузија на децата што не се вклучени во образовниот процес и децата со попреченост, што може да биде важен фактор за успех.
Да се обезбеди пристап до здравствена заштита за секое дете преку подобрување на опфатот со здравствено осигурување за децата, како и зајакнување на патронажните служби и системот за имунизација.
Во напорите да се надмине детската сиромаштија во Северна Македонија земјата ги користи искуствата од Европската Унија, вклучително и Европската детска гаранција како механизам што има цел да се спречи и надмине социјалната исклученост на децата преку гарантиран пристап до клучните социјални услуги и финансиска помош.
Министерството за труд и социјална политика ги предводи заложбите и тесно соработува со Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ за да се трасира патот кон воведување на Европската детска гаранција во земјата.
Резултатите од денешната дискусија и претходните дијалози за политики за повеќедимензионалната детска сиромаштија ќе бидат вклучени во Националниот акциски план за правата на детето и планот за имплементација на Европската детска гаранција во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Доколку СДС има докази за вмешаност на поединци од власта во случајот со 5 тони дрога нека ги достави до Обвинителство, во спротивно ќе добие тужба
„СДС веќе ја претера. Навикнати сме на лаги, манипулации, шпекулации и ширење на невистини од нивна страна, но ова веќе ја прели чашата. Ги повикуваме доколку имаат било какви докази за некаква вмешаност на поединци од власта во случајот со 5 тони дрога веднаш да ги достават до ЈО, во спротивно ќе добијат тужба“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„На СДС најлесно им е да растураат пердуви во јавноста, и потоа да немаат никаква одговорност.
Провери ли СДС во фабриката за марихуана кај Заев? Зошто имало камиони без таблици во таа фабрика? Зошто Заев лично ѕвонел на телефони во царинската управа и се интересирал за случајот со марихуана? Каква е улогата на Вице во целиот случај?
СДС мора да разбере дека ако они крадеа, ние не крадеме. Ако тие даваа пасоши на криминалци, ние не даваме. Ако тие договараа тендери во 4 очи и добиваа автомобили за истото, ние не правиме така. СДС е синоним за криминал, корупција и неспособност, ВМРО-ДПМНЕ е синоним за чесност, работа и дела“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Молкот за дрогата од 5 тони е потврда дека скандалот оди до врвот на власта
Трет ден по ред власта молчи за огромниот картелски скандал со заплената на 5 тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија. Нема ниту еден одговор, како толкава количина дрога имало во Македонија, како поминала граница, скенери, камери, велат од СДСМ.
Молкот, според нив, е јасна потврда дека скандалот оди до самиот врв на власта.
„Ваков криминал не може да се случи без поддршка, логистика и заштита од луѓе на високи позиции во власта. Уште колку вакви пратки, уште колку тони дрога вредна милиони евра ја поминале границата? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари?
СДСМ со денови говори дека постои поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија. Овој случај е уште една потврда за тоа“.
Криминални тендери, 5 тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра. Како во мафијашки филм, истакнуваат од оваа партија.
Молкот, како што додаваат, мора да престане.
„Обвинителството мора да се разбуди, да спроведе целосна истрага и да лоцира одговорност за картелскиот скандал со 5 тони дрога, без разлика кој на која функција се наоѓа.
Нема бегање од одговорноста.
Македонија
Се откри театарот на Трендафилов нарачан од СДС и Левица, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Излезе на површина несериозноста, неодговорноста и поигрувањето на Слободан Трендафилов со чувствата и иднината на работниците, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Откако се постигна договор и се закажа средба меѓу Владата и гранковиот синдикат УПОЗ за зголемување на платите на административните службеници и до 40%, претседателот на ССМ се јави на социјалните мрежи.
Во стил на инфлуенсер, Трендафилов објави статус со фотографија како седи сам во празните простории на синдикатот, при што пишува дека чекал да дојде претставник на Владата за да се потпише договор за зголемување на платите.
Ова е само уште една потврда на тезите дека барањата на Слободан Трендафилов не се барања од и за работниците, туку се барања со политичка заднина и дека зад оваа раководство на ССМ стојат СДС и Левица“.
Ваквото однесување на Трендафилов, додават од владејачката партија, не е ништо друго освен обичен театар за широката маса, во која тој изигрува жртва, а виновна е владата.
„На него никогаш не му било до зголемување на платите на работниците, туку целта единствено му било да се наштети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што е иста политичка агенда со таа на СДС и Левица.
Оттука се јавува потреба да се постави прашањето, дали СДС и Левица му ги пишуваат барањата на ССМ и Трендафилов?“
Изминатиот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, појаснуваат од партијата, потпиша нови колективни договори и ги зголеми платите во образование, здравство, полиција, одбрана, социјала и другите сектори, но за тоа Трендафилов ништо не кажа.
„Исто како што збор не изусти за ценовните шокови во време на власт на СДС и ДУИ, кога инфлацијата рушеше двоцифрени рекорди, кога сметките за струја се зголемија за над 50% и молчеше кога во неколку државни институции со месеци немаше плати.
Исто така, потсетуваме дека во изминатите години на власт на СДС, се потпишаа колективни договори во разни државни институции и сектори, без одобрение од министерството за финансии. Тоа значи, СДС и ССМ си потпишале договори без претходно одобрени средства, што е спротивно на условите за потпишување на колективен договор и уште едно изигрување на работниците за политички цели.
Со овие политички игри и лицемерие Трендафилов и ССМ покажуваат дека не се борат за работниците, туку соработуваат и работат во корист на СДС и Левица против власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.

