Македонија
Ковачевски: Изборот ќе биде помеѓу „просперитетна иднина со СДСМ“ и „заглавени и понижени со ДПМНЕ“

На претстојните избори немам дилема дека изборот ќе биде помеѓу „надеж“ и „безнадежност“, помеѓу „просперитетна иднина со СДСМ“ и „заглавени и понижени со ДПМНЕ“ – истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на отворањето на промотивниот штаб на СДСМ во Битола.
— А повторно заглавување, со наведната глава, никој не сака. Никој не сака да чека нови 11 години во нови чекални. Сите се сеќаваме како изгледаше кога менторот на Мицковски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното. Мицковски, само ќе продолжи таму каде што неговиот ментор застана, ќе продолжи да копа до ново дно, ќе нѐ дозакопа и ќе не дозаглави, само за своја лична сатисфакција.
ДПМНЕ не ги интересира иднината на државата и граѓаните. Пример за тоа ни се локалните избори. Тогаш ветуваа сѐ што им паднало на памет, ветуваа брда и планини, на крај ништо не направија. Битола исто како Скопје исто како и многу други општини на ВМРО живее во хаос, нереализирани проекти, без никакви реални и суштински промени. – рече Ковачевски
-Битола и Битолчани знаат која е најдобрата опција за подобра и просперитетна иднина. Која опција носи надеж, обезбедува подобар и подостоинствен живот за сите, опција која не е откажува од европскиот пат. – посочи Ковачевски денес во Битола
-Визија на СДСМ за иднината е реална и остварлива! Точно знаеме што ќе направиме и како ќе го направиме тоа. Наскоро ќе ја презентираме и нашата изборна програма која содржи реални и остварливи мерки. Програма која ќе биде пример за тоа како треба да се работи за да се обезбеди повисоки плати и пензии, посилна економија, подобро образование и здравство, конкурентно земјоделство. Програма за сите – за младите, за пензионерите, за земјоделците, за стопанството, за работниците. Програма со која предвидуваме сериозни и издржани проекции кои ќе донесат економски раст и развој.- порача Ковачевски на отворањето на промотивниот штаб на СДСМ во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.